Достапни линкови

САД бараат владеење на правото во Македонија


САД загрижени од актуелната политичка криза во Македонија, но и од растечките меѓуетнички разлики, како и од нерешениот спор за името.

Напредокот и предизвиците на Западниот Балкан беше темата на сослушувањето во поткомитетот за надворешни работи на американскиот Претставнички дом. Во врска со Македонија, доминираше пораката за целосно расветлување на аферата прислушување во согласност со евро-атлантските принципи.

Соединетите Држави остануваат посветени на целосната интеграција на земјите од Западен Балкан во НАТО и во Европската унија. Во некои држави има значителен напредок на тој пат, а некои се соочени со предизвици, истакна во воведното излагање, претседавачот на комитетот, Дан Рорбахер.

Во Македонија, објавувањето на масовното внатрешно прислушување ја погоди таа мала земја. Потенциран е предизвикот за способноста на државата за почитување на владеењето на правото и тоа и во владата и надвор од владата“, нагласи Рорбахер.

Подетално за ситуацијата во секоја земја, говореше американскиот заменик помошник државен секретар Хојт Ји, кој неодамна беше во посета на Македонија. Тој повтори дека Соединетите Држави ги поддржуваат аспирациите на Македонија за членство во НАТО и во Европската унија, но се осврна и на актуелната криза во земјата.

Во последно време, ние и нашите европски партнери со загриженост ја следиме политичката криза во Македонија поврзана со објавувањето на прислушувани материјали од страна на лидерот на опозициската партија. Ја повикуваме Владата да се справи со прислушуваните материјали на начин кој ја покажува посветеноста на евро-атлантските принципи. Ја охрабруваме опозицијата, која во моментов го бојкотира Собранието, да се врати во тоа тело и да помогне да се разреши кризата“, рече Ји.

Но, според него, покрај актуелната политичка криза, Македонија се соочува и со неколку други клучни предизвици.

Загрижени сме и за растечките разлики меѓу етничкото македонско мнозинство и етничката албанска заедница. Интеграцијата на Македонија во НАТО и во Европската унија останува важна за да се постигне траен мир и стабилност во регионот. Со новата Влада во Атина, ги поттикнуваме двете страни да постигнат заемно прифатливо решение за таканаречениот спор за името кој го блокираше напредокот на земјата во евроатланските интеграции“, нагласи Ји.

Сузан Фриц од УСАИД се осврна на програмите во регионот и во Македонија, пред се во областа на политичките програми и слободата на медиумите.

Во Македонија програмата на УСАИД за поддршка на медиумите промовираше независност на медиумите, истражувачко новинарстгво и еден сервис за проверка на факти кој досега објави над 1.000 критички анализи на медиумски текстови“, рече Фриц.

Конгресменот Грегори Микс побара да слушне од Ји која е стратегијата на Стејт департментот за обезбедување на енергетската иднина на регионот и изрази загриженост од најавите дека Грција сака да биде дел од руските планови за спроведување на природен гас преку Балканот.

Ји рече дека приоритет за Европската унија е да се изгради систем на гасоводи кој ќе овозможи увоз на гас од повеќе разни извори на гас, но и инвестирање во обновливи и домашни извори на енергија.

Ји додаде дека САД внимателно ги следат настапите и изјавите на руските дипломати на Балканот и не се согласуваат со неодамнешната оценка на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека за Русија, идните проширувања на НАТО ќе се сметаат за провокативен чин.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG