Достапни линкови

СДСМ објавува прислушувани материјали, Власта дематира, средношколците кампуваат пред МОН, овие теми доминираат во дневниот печат. А тука се и мигрантите и протестите за 1 Мај.

На политичката сцена, барем според печатените и електронските медиуми - ништо ново. СДСМ и лидерот Заев продолжуваат со објавување на аудио-снимки, за кои тврдат дека се разговори меѓу владини министри, премиерот Груевски, сопственици на телевизии и главниот уредник на ТВ Сител, Латас...

Заев: „Материјалите од прислушувањето се од УБК, тоа не е дело на странски служби, зад операцијата стојат државни институции.

Власта продолжува да демантира и да обвинува дека тоа се кроени и лепени извадоци од разговори...новинарите продолжуваат сè повеќе да се двојат... и да се мразат.

За последната „бомба“ на СДСМ, Утрински информира со наслов во кој го цитира Заев: „Материјалите од прислушувањето се од УБК, тоа не е дело на странски служби, зад операцијата стојат државни институции“.

Слободен печат цитира други зборови на Заев: „Оваа афера е поголема од Вотергејт, Груевци како крлежи ги чуваат фотелјите“.

Ќе поведе ли Груевски војна против Германија? Власта не ги коментира отворените барања за оставки од дипломатите - германската амбасадорка го замолчи Груевски. Слична порака испрати и американскиот амбасадор Џес Бејли.

Вечер наслови: „Со новите креирани, лепени и монтирани материјали, Заев си даде автогол“. Вечер влезе во расправија со германската амбасадорка во земјава, која изјави дека некој од власта треба да си поднесе оставка: „Амбасадорката бара оставки кај нас, а не во сопствениот двор - заборава дека опозицијата во нејзината земја го бара истото од нејзината шефица Меркел за слична афера со прислушување телефони на канцеларката и шпионирање во корист на САД“.

Слободен печат, пак, прашува: „Ќе поведе ли Груевски војна против Германија?“ и насловува: „Власта не ги коментира отворените барања за оставки од дипломатите - германската амбасадорка го замолчи Груевски. Слична порака испрати и американскиот амбасадор Џес Бејли“, потсети Слободен печат.

Дневник од извори во СДСМ дознава дел од стратегијата на опозиционерите: „Опозицијата со шатори ќе ги руши министрите, во СДСМ веќе се прават списоци кој ќе кампува пред владата“, додавајќи дека стратегијата се состоела само од тоа и од објавувањето на таканаречените бомби.

Продолжува и протестот под шатори на средношколците против лошите реформи во образованието. Слободен печат пишува: „Учениците премрзнаа во наврнатите шатори, ама од протестот не се откажуваат“.

Утрински ја третира темата на мигрантите и нивниот третман: „Мигрантите во Македонија игнорирани и од браќата муслимани - и покрај фактот што 30 отсто од населението во нашата земја е муслиманско, голготата на бегалците од Авганистан и Сирија не ја разбуди прочуената братска солидарност“.

И за крај, нешто што ја потврдува онаа: Македонија и сè е можно: в петок, на 1 Мај, во Скопје, ќе има два првомајски протеста на синдикалците - еден на ССМ, или државниот како што многумина го нарекуваат, и вториот на членовите потписници на Повелбата за солидарност. И новинарите ја зацврстуваат својата поделеност: „Дел новинари во Македонија веќе не го ни одбележуваат својот ден, другиот дел сè уште се договара како ќе го одбележи. Но заедничка манифестација ќе нема“, пишува Нова Македонија.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG