Достапни линкови

Македонија по трет пат го прославува Светскиот ден на џезот


Со концертни настапи во неколку градови и во Македонија, по трет пат, ќе биде одбележан 30 април - Интернационалниот ден на џезот. Иницијалната идеја чиј потписник е пијанистот Херби Хенкок, една од големите легенди на светската сцена и Амбасадор на добра волја на УНЕСКО, е зголемување на свеста кај меѓународната заедница за вредностите на џез музиката како едукативна сила, алатка за промовирање на мирот, заедништвото, дијалогот и зајакната соработка помеѓу луѓето.

Над 600 концертни настапи во 185 земји од светот ќе се одржат на 30 април – Интернационалниот ден на џезот. На големите глобални перформанси кои е предвидено да се случат на сцените во Париз, Њујорк и Токио е најавено дека ќе се појават имиња како Авишаи Коен, Ди Ди Бриџвотер, Тил Брунер, Тери Ли Керингтон, Елиане Елиас, Ал Жир, Феми Кути, Ени Ленокс, Вејн Шортер, Хју Масакела, Дијана Ривс и други.

На овој специјален настап за нас ќе изведеме авторски композиции на професорот Мицанов и мои, како и модерни џез стандарди, со што публиката се надеваме ќе има можност да проследи една убава промоција на она што денес се нарекува модерна тенденција во современиот џез.

Сите заедно наново ќе застанат зад заложбата на пијанистот Херби Хенкок, една од големите легенди на светската сцена и Амбасадор на добра воља на УНЕСКО, која во основа се темели на зголемување на свеста кај меѓународната заедница за вредностите на џез музиката како едукативна сила, алатка за промовирање на мирот, заедништвото, дијалогот и за зајакната соработка помеѓу луѓето.

И колку за потсетување, одлуката Меѓународната заедница да го прогласи 30 април за Интернационален ден на џезот беше донесена на Генералната конференција на УНЕСКО во ноември 2011, по што наредната година започна и нејзиното практикување во глобални рамки.

Убаво би било кога и овде кај нас, во нашава држава, овој ден би добил малку посилен интернационален карактер – да не посетат како гости некои џезери од регионот или од светот или барем некој од нас на иста сцена и со нова енергија со своите колеги да се најде во некое друго, поинакво опкружување. Ете тоа би сакал да го видам.

Како и во светот, и во Република Македонија, со концерти во неколку градови, по трет пат ќе биде одбележан Интернационалниот ден на џезот.

Во Штип тоа ќе го сторат студентите од џез одделот на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ со своите гости. Во Битола, во организација на УНЕСКО младински клуб при МКЦ, во клубот „Порта-џез“ ќе настапи квартетот што го сочинуваат неколкумина познати македонски џез музичари – сакасофонистот Гоце Мицанов, кој своевремено бил член на „Леб и сол“, „Парамециум“ и Биг бендот на МРТВ, гитаристот и креаторот на „Џез фабрика“ Сашо Поповски, басистот Оливер Јосифовски, кој патем на публиката и е најпознат по делувањето со „Фолтин“ и „Љубојна“ и тапанарот Гоце Стефковски, музичарот кој со својот септет го има за преслушување албумот „7 приказни“.

„На овој специјален настап за нас ќе изведеме авторски композиции на професорот Мицанов и мои, како и модерни џез стандарди, со што публиката се надеваме ќе има можност да проследи една убава промоција на она што денес се нарекува модерна тенденција во современиот џез“, истакнува Поповски.

Во Скопје одбележувањето ќе се случува на неколку локации. Во клубот „Џез-ин“ ќе биде гитаристот Тони Китановски со неговото трио во кое се басистот Иван Бејков и тапанарот Виктор Филиповски.

„30-ти април од пред некоја година е вистински Интернационален ден на џезот и датум кој со разни манифестации се прославува на целата планета. Тоа е и ден кога музичарите сите до еден имаат работа – на прослави, во концертните сали, по клубовите, на импровизираните сцени. Инаку, за нас џез музичарите секој дене е Ден на џезот. Меѓутоа, убаво би било кога и овде кај нас, во нашава држава, овој ден би добил малку посилен интернационален карактер – да не посетат како гости некои џезери од регионот или од светот или барем некој од нас на иста сцена и со нова енергија со своите колеги да се најде во некое друго, поинакво опкружување. Ете тоа би сакал да го видам“, ќе рече Китановски.

Продуцентската куќа „Баги комуникации“, пак, го потпишува перформансот што ќе се одржи на платото пред „Скопје сити мол“ и на публиката ќе ѝ ги понуди настапите на Марти Ивановски, „Ади, Дино и Џоле трио“, Давид Нешковски и проектот „Бас и глас“ зад кој стојат Зоран Павловски и Анета Качуркова.

Ова одбележување на Интернационалниот ден на џезот, како што забележува Владимир Мандичевски, им е посветено на прерано починатиот македонски џез музичар Јовица Јовановски и на кубанскиот перкусионист Оскар Салас.

„Јовица беше врвен џез гитарист и еден од доајените на домашната сцена кој остави траен белег со своето музицирање. Од друга страна Оскар Салас беше врвен перкусионист и човек кој свирел со врвни светски имиња како што се Дејвид Брн и Жако Пасториус на пример и кој последните неколку години од животот ги помина во Скопје работејќи со мнозина македонски и балкански музичари. Ние воспоставивме одлична соработка со него и тој минатата година со своето трио учествуваше токму на ова прослава на 30 април - Светскиот ден на џезот и токму затоа и на обајцата на овој начин им оддаваме почит и во оваа пригода“, вели Мандичевски.

Тој дополнува дека со искуството стекнато од досегашните одбележувања тие веќе се исправени пред потребата за следниот организациски исчекор.

„Нашата интенција е од следната година овој фестивал или оваа прослава да прерасне во најмалку регионална, а можеби и пошироко со учество на интернационални музичари и целта е она што веќе го направивме - Македонија и Скопје да останат на мапата на земјите и градовите од светот кои го прославуваат овој датум, всушност Светскиот ден на џезот“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG