Достапни линкови

Два протести за 1 Мај


Денот на трудот 1 Мај годинава ќе биде одбележан на два посебни протести. Потписниците на Повелбата за солидарност во која членуваат неколку синдикати и движења ќе протестираат против постојаното кршење на работничките права и задушувањето на синдикализмот, а ССМ по долга пауза ќе маршира за солидарност.

Први мај е ден за отпор, а не за одмор, рече Здравко Савески од левичарското движење „Солидарност“, најавувајќи го протестот што е закажан за в петок точно напладне. На протест ќе излезат левичарските движења „Солидарност“ и „Ленка“, Синдикатот на новинарите и медиумските работници, Синдикатот на дипломатската служба, на вработените во културата, а ќе им се придружат и Синдикатот на УПОЗ и МЕССО, кои се гранкови синдикати на ССМ, како и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија.

Ги повикуваме сите работници на 1 Мај, не да празнуваат, туку да протестираат, да протестираат бидејќи ни ги кршат правата, да протестираат бидејќи ни го газат достоинството. Не смееме Први мај да го одбележиме на друг начин, освен со протест.
Здравко Савески, Солидарност.

„Ги повикуваме сите работници на 1 Мај, не да празнуваат, туку да протестираат, да протестираат бидејќи ни ги кршат правата, да протестираат бидејќи ни го газат достоинството. Не смееме Први мај да го одбележиме на друг начин, освен со протест“, вели Савески.

За в петок по неколку години, марш најави и Сојузот на синдикати на Македонија. Од таму, како што најавија, ќе маршираат за солидарност.

Савески вели дека учесниците на тој марш се принудени да бидат дел од тоа и затоа ги повика наместо на маршот, да се приклучат на нивниот протест.

„Бидејќи заедно сме посилни, борбата е една, борбата е на сите нас“, рече Савески.

Синдикалното движењето неколку години е во криза и затоа ние потписниците на Повелбата рековме, ако ништо друго, барем 1 Мај да нè обедини и да почнеме заеднички да дејствуваме.
Пеце Грујовски, УПОЗ.

Пеце Грујовски, претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), вели дека нема поделеност во ССМ, туку повеќе станува збор за различни сфаќање на синдикалното движење.

„Синдикалното движењето неколку години е во криза и затоа ние потписниците на Повелбата рековме, ако ништо друго, барем 1 Мај да нè обедини и да почнеме заеднички да дејствуваме. Мислам дека овие синдикати се некаква синдикална пролет во Македонија од каде што може да се реорганизира синдикалното движење, инаку не гледам друга перспектива. Синдикалното движење, не само заради некакви лични интереси на поединци е деградирано, туку и поради тоа што тие поединци не сакаат да се здружат и членството е во рацете на поединци кои не им даваат синдикално да дејствуваат“, вели тој.

Да го изразиме незадоволство од постојаната измена на закони, прогонувањето на автентичните синдикати, претворањето на вработените и на невработените во економско робје, во човечиња кои немаат храброст, чија што судбина и економско-социјален статус зависи од добрата волја на политичките и бизнис елити.
Тамара Чаусидис, ССНМ.

Запрашан пак за коментар за тоа за што ќе маршираат од ССМ, Грујовски, вели:

„Дилема е со кого ќе се солидаризираат. За 1 Мај се излегува и се протестира, а солидарноста требаше да биде отпорано“, вели Грујовски.

Тој вели дека со години со матичниот синдикат, ССМ,имаат несогласувања по одредени прашања, а последното разидување е за закон за административни службеници , кој за УПОЗ се неприфатлив, додека според ССМ закон е одличен, повторно нотирајќи дека станува збор за различно толкување на работите, а не за поделби.

Претседателката на новинарскиот Синдикат, Тамара Чаусидис, вели дека е време да се излезе на протест и да се биде гласен.

„Да го изразиме незадоволство од постојаната измена на закони, прогонувањето на автентичните синдикати, претворањето на вработените и на невработените во економско робје, во човечиња кои немаат храброст, чија што судбина и економско-социјален статус зависи од добрата волја на политичките и бизнис елити. Денеска кога автентичните синдикатите се прогонети, кога се прави сè синдикатите да се претворат во слуги на политичките елити, денеска повеќе од потребно и неопходно е да ја покажеме нашата сплотеност и да покажеме дека во оваа земја има автентични синдикати, има автентично синдикално движење“, вели Чаусидис.

Протестот на потписниците на Повелбата за солидарност за заштита на работничките права ќе започне пред споменикот на Синдикатите меѓу двете светски војни, во близина на автобуската постројка на Југодрво, а предвидено е да заврши пред Владата на Република Македонија. Тие на протестот ги повикаа и студентите и средношколците, оти како што велат, токму тие покажале дека има можност и начин да се биде гласен и да се принудат властите да го слушнат народот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG