Достапни линкови

Владините работни групи не поминаа кај средношколците


И третата средба средношколци - власт, заврши безуспешно. Власта предлага да се формираат работни групи, а средношколците остануваат на нивните барања за матурата и екстерното тестирање.

И покрај оптимизмот кај учениците дека ќе биде постигнат договор, без успех заврши и третата по ред средба меѓу претставниците на Средношколскиот пленум и Министерството за образование и наука. Бојкотот на наставата и кампувањето и натаму продолжува, бидејќи учениците се незадоволни од разговорите. Тие велат дека нудат точни предлози како да се решат проблемите, а надлежните понудиле формирање на работни групи.

Ние веќе имаме оформено работна група, којашто го има разгледано концептот за државна матура и правилникот за екстерно тестирање. Ние овде доаѓаме со конкретни предлози, а не со замисла да правиме некакви работни групи кои ќе траат со години.
Дејан Трајковски, Средношколски пленум.

Предлогот на учениците е екстерното тестирање да се користи само за детектирање на недостатоците во образовниот процес. Во однос на државната матура, за средношколците не е прифатливо да имаат задолжителен предмет како математика и електронски да се полагаат седум пати.

„Нашите предлози во однос на екстерното тестирање не беа прифатени. Во однос за концептот за државна матура, исто така нудат работна група, којашто ќе работи на оформување на нов концепт. Ние веќе имаме оформено работна група, којашто го има разгледано концептот за државна матура и правилникот за екстерно тестирање. Ние овде доаѓаме со конкретни предлози, а не со замисла да правиме некакви работни групи кои ќе траат со години“, вели Дејан Трајковски од Средношколскиот пленум.

Само некој којшто е сосема неспособен, може една ваква сила, една ваква енергија да ја пропушта да си оди по Вардар.
Душко Стојановски, професор од гимназијата „Орце Николов“.

Преговорите меѓу властите и средношколците продолжуваат и во наредните денови, но поради можни манипулации и политички интриги, учениците бараат следните средби да бидат мониторирани од Народниот правобранител и од организациите „Хелсиншки комитет“, „Меѓаши“ и МОСТ.

Во меѓувреме, кампот на Пленумот се прошири со уште неколку ученици од Охрид, кои во наредните денови ќе им даваат поддршка на своите соученици во Скопје.

„Дојдовме денеска и остануваме до утре. Ако не послужи времето се надеваме дека ќе останеме и во наредните денови. Наша најголема корист ќе биде, доколку Министерството излезе со став дека ги прифаќа нашите барања и сите ученици задоволни да си одат дома“, вели средношколец од Охрид.

Во кампот со учениците беше и професор Душко Стојановски од гимназијата „Орце Николов“. Тој посочи дека надлежните треба да ја почитуваат, но и да се трудат да ја збогатат енергијата и силата којшто во ја имаат овие млади луѓе.

„Само некој којшто е сосема неспособен, може една ваква сила, една ваква енергија да ја пропушта да си оди по Вардар. Ова што овие млади го имаат, навистина заслужува со секоја почит да се земе во предвид, и да се помага и збогатува уште повеќе и да оди напред. Мислам дека редно е овој тим што ги води преговорите, конечно да го сфати ова“, вели Стојановски.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG