Достапни линкови

Никој не ја контролира УБК


Поранешни членови на комисијата за надзор над тајните служби велат дека законот има маани, но најголемиот проблем е немањето волја за неговото спроведување.

Во 2012 година пратениците од опозицијата гласаа за измените на законот за следење на комуникациите поради тоа што, како што објаснија, тогаш бил важен за евроинтеграциите. Тоа што тој закон бил именуван како европски, не значи дека добро се спроведува во Македонија, ниту, пак, дека е совршен, коментираат од денешен аспект дел пратеници.

Мора да има одговорност ако министер за внатрешни работи или директор на Бирото за јавна безбедност или на Управата за безбедност и контраразузнавање, доколку не дозволат непосреден увид и контрола за тоа да има оставка или кривична одговорност. Ако нема такви одредби, тогаш сосема логично е дека законот има пропусти кои се користат од страна на власта.
Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи.

Според Павле Трајанов, пратеник од Демократскиот сојуз и поранешен министер за внатрешни работи, законот е до некаде добар. Тој вели дека во него недостигаат казни ако раководството во МВР не дозволи контрола, нешто што, како што додава, се случувало во последниве девет години.

„Мора да има одговорност ако министер за внатрешни работи или директор на Бирото за јавна безбедност или на Управата за безбедност и контраразузнавање, доколку не дозволат непосреден увид и контрола за тоа да има оставка или кривична одговорност. Ако нема такви одредби, тогаш сосема логично е дека законот има пропусти кои се користат од страна на власта“, вели Трајанов кој додава дека тајноста на информациите кои ги имаат службите е заштитена со тоа што законот предвидува членовите на комисијата да имаат безбедносни сертификати.

Не може да стане збор за парламентарна контрола врз работата на безбедносните служби, доколку не постои политичка волја од страна на владејачкото мнозинство, односно од страна на владата. Сега во овој момент формално-правниот аспект не е проблем, проблем е пак политичката волја.
Тито Петковски, поранешен пратеник.

Поранешниот пратеник Тито Петковски, кој беше и претседател на собраниската комисија за следење на работата на службите, пак, нагласува дека во целиот процес на подготовка на законот била вклучена и Европската комисија, но додава дека проблемот е во примената.

„Не може да стане збор за парламентарна контрола врз работата на безбедносните служби, доколку не постои политичка волја од страна на владејачкото мнозинство, односно од страна на владата. Сега во овој момент формално-правниот аспект не е проблем, проблем е пак политичката волја“, вели Петковски.

И двајцата политичари сметаат дека контролата на службите порано била за нијанса подобра.

Според Трајанов до 2006 година сепак имало некаква надворешна проверка на тоа што се работи во УБК. Петковски, пак, како најдобар од овој аспект го лоцира периодот во почетокот на деведесеттите години.

„Само во првите две години од политичкиот плурализам во Македонија, само тие две години од 1990 до 1992 години кога ниту една политичка партија немаше политичко мнозинство во парламентот и мислам дека тоа е, би рекол, херојскиот период на македонскиот плурализам“, вели Петковски.

Во моментов, пак, собраниска комисија за проверка на работите на службите воопшто нема. Поради бојкотот на опозицијата на работата на парламентот, таа не е формирана.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG