Достапни линкови

logo-print

Протестите на студентите и средношколците го разбуричкаа зачмаеното општество, но допрва останува да се види дали тоа ќе има подолгорочен и поширок општествен ефект.

Моменталната студентска и средношколска борба е компатибилна со општата состојба во државата која подолг временски период е во криза и генерира незадоволство во повеќе сфери во општеството, особено во политиката, демократските процеси, судството и животниот стандард. Првпат во Македонија има студентски и средношколски протести како во развиените европски земји, видовме окупација на факултети и дебати и веќе може да се каже дека на овие протести може да се гледа како на голема студентска епопеја на студентите од оваа земја.

Она што се случи со студентските протести во последните месеци, од ноември, декември, внесоа неверојатна животна енергија во македонското општество, меѓутоа сè уште не треба да се романтизира движењето.

Дел од експертите, сепак, предупредуваат дека не треба да се идеализира тоа што студентите и средношколците внесоа нова енергија во општеството, бидејќи, иако сите се воодушевија од неа, тоа не повлече и отворање нови фронтови во други општествени сфери. Има посочувања дека самиот студентски процес е во чувствителна фаза бидејќи битката за подобро образование и справување со противречностите и проблемите во општеството е во зародиш, но дека студентите не може сите сегменти од општеството да ги менуваат сами во изолирана борба. Слободата на мислата и делувањето, односно автономијата на Универзитетот е можна само ако целото општество е преобразено, велат тие.

Треба да се излезе од тој црно-бел свет. Ова е момент кога веќе не е важно ниту од која партија си, ниту од кое граѓанско движење си, туку е важно да се создаде еден фронт, да се почувствува народот силен и моќен, заедно секако предводени од овие млади луѓе за да ја промени целава оваа севкупна општествена состојба.

„Она што се случи со студентските протести во последните месеци, од ноември, декември, внесоа неверојатна животна енергија во македонското општество, меѓутоа сè уште не треба да се романтизира движењето, односно еко-системот на пленуми којшто се создаде после создавањето на Студентскиот пленум, поради тоа што е потребно, сега во овој момент, фокусирање на протестите уште пожестоко, поради тоа што проблемот е во тоа што битката сè уште не е извојувана. Главната перспектива беше дека ние сакаме, односно студентите сакаат да издејствуваат промени во законот за високо образование, а потоа и општествени промени коишто директно ги тангираат студентите“, оценува Игор Мицевски, предавач на Високата школа за новинарство.

Нормално е секаде, во секое општество да се вклучуваат политичките субјекти во одлучувањето за најбитните прашања да даваат поддршка на определени групи за коишто сметаат дека треба да бидат поддржани и во таа смисла самото тоа не е директно политички дејствување, туку се работи за поддршки на некои општествени текови коишто се нормали и тоа е улогата на секоја опозиција.

Професор Синоличка Трпкова од ФДУ е експлицитна во заложбата за создавање единствен фронт за пошироки промени со кои ќе се решат проблемите во општеството кои се системски. Таа посочува дека е несомнено оти протестите на младите луѓе носат нова енергија, непозната за нашите простори, но дека поттикнати од нив, тоа треба да прерасне во едно поголемо заедничко солидарно движење. Истовремено таа повикува власта да не им дава партиски призвуци на овие протести доколку забележи дека партиски луѓе присуствуваат на нив, бидејќи легитимно е партиите да го поддржат секое движење кое е позитивно и оти тоа се познати инструменти со кои секоја власт која е понедемократска сака да создаде погрешна слика, обидувајќи се да креира лажна состојба во која младите ги прикажува како наивни и заведени од политичарите.

Едно мислење што го постави самиот Студентски пленум е дека самите луѓе треба и смеат да излезат доколку сметаат дека нешто не е во ред.

„Треба да се излезе од тој црно-бел свет. Ова е момент кога веќе не е важно ниту од која партија си, ниту од кое граѓанско движење си, туку е важно да се создаде еден фронт, да се почувствува народот силен и моќен, заедно секако предводени од овие млади луѓе за да ја промени целава оваа севкупна општествена состојба. Никаде во светот не постојат вакви етикетирања, освен во минатото, нели знаеме во некои диктаторски, режимски системи, каде што на тој начин се држат луѓето под контрола“, вели Трпкова.

Вистината, барем според мене, е дека тие се мошне автентични и претставуваат реакција на општата состојба во државата, на губитокот на ориентација во насоките на развој, во едно согледување на младите дека оваа држава не нуди систем на улоги, не нуди вработување и сè она што му треба да еден млад човек - посигурна иднина.

Поранешниот министер за образование Ненад Новковски коментира дека нема ништо спорно кога политичари ќе се забележат на студентски марш, сè додека нема манипулирање за сопствени политички цели.

„Нормално е секаде, во секое општество да се вклучуваат политичките субјекти во одлучувањето за најбитните прашања да даваат поддршка на определени групи за коишто сметаат дека треба да бидат поддржани и во таа смисла самото тоа не е директно политички дејствување, туку се работи за поддршки на некои општествени текови коишто се нормали и тоа е улогата на секоја опозиција. Негативно е она што спомнав, кога има случи со манипулирање со определени општествени движења, користење за да се нанесе штета на општеството. Во случај кога се работи за поддршка на иницијативи коишто се клучни за подобрување на општествени текови и коишто во овој случај придонесоа да се запрат многу штетни појави, тогаш секој кој поддржува независно дали е тоа политички субјект, дали се граѓани здруженија или така натаму, секој игра позитивна улога“, вели Новковски.

Владата во овие околности едноставно го повлекува тоа и го остава за некое идно време, затоа што идното време и на оваа влада, мислам дека вака како што е, тоа е веќе под голем знак прашалник како ќе се движи понатаму.

Новковски посочува на фактот дека студентите ја покажаа насоката по која треба да се движи општеството за да издејствуваат промени, но истовремено потенцира дека има уште многу да се направи за да се излезе од ваква ситуација каде, како што посочува, работите застануваат и не се влегува во костец со клучните проблеми.

„Имаме еден голем, голем исчекор, но останува да се види дали може тоа да даде посилен ефект, тоа ќе го видиме со време. Мора да се ангажираат и да се поврзат на соодветен начин клучните општествени фактори, треба секој од овие фактори да соработува на вистински начин со оние коишто можат да дадат најголем придонес. Да ги одбегнува оние коишто се обидуваат да направат дополнителни манипулации, а да можат да се идентификуваат сите оние коишто имаат искрена желба да помогнат. На таков начин може само со оптимално поврзување да се постигнат вистинските резултати“, вели Новковски.

Студентскиот пленум себеси се доживува како неизвалкана, чиста првична искра која треба да го истера стравот во менталитетот на луѓето и дека повеќе од потребно е да се каже „не“ на одлуките кои се во погрешна насока и да се биде коректив во секој чекор на институциите. За Сара Миленковска од Студентскиот пленум е апсурдно што кај нас се практикува на секоја граѓанска иницијатива да ѝ се даде партиски призвук, оценувајќи дека тоа е одраз на политичка некултура.

„Едно мислење што го постави самиот Студентски пленум е дека самите луѓе треба и смеат да излезат доколку сметаат дека нешто не е во ред и поставуваат една рамка којашто ја докажаа многупати дека кога имаш одредени чисти идеали, чисти мисли за тоа што навистина сметаш дека треба да се случува во самото општество, успеваш да им докажеш и на другите дека не си индоктриниран од ниедна политичка партија, не си приврзаник или симпатизер на што било друго, освен што ти навистина сметаш дека е правилно и праведно. Тоа го докажаа младите студенти, а и воедно сметам дека на уште многу подобар начин, иако некои ги нарекуваат деца, Средношколскиот пленум, сметам дека баш заради тоа што ги нарекуваат деца уште почисто се гледа зошто воопшто би направиле нешто и би дејствувале кон нешто“, вели Миленковска.

Професор Синоличка Трпкова кажува дека верува во силата и моќта на младата интелигенција која е во конекција со случувањата и движењата во европските земји. И тоа што владата го одложи екстерното тестирање е доказ дека го насети пулсот на младите луѓе кои се решени докрај да го изодат својот пат, наведува таа.

„Власта знае дека со млади луѓе нема играње. Точно чувствуваме и знаеме и гледаме дека овие млади луѓе веќе никој не може да ги излаже. Тие млади луѓе уште од млади години зборуваат по два јазика, сурфаат на интернет, гледаат информации, патуваат, тие сосема поинаку го гледаат светот од оваа постара генерација луѓе кои се уплашени и робуваат на некој систем од пред многу години и знае власта дека не може да си игра со млади луѓе и точно знае дека нивната енергија и нивната потреба за слобода во образованието и за сите оние работи што ги бараат е нешто што ќе мора да го добијат, но парцијално не може да се реши проблемот“, вели Трпкова.

Студентските и средношколските протести Александар Цветкоски од невладината организација АГТИС ги оценува како индикатор кој ни покажува дека општеството е во криза и дека во него младите луѓе сè помалку гледаат перспективи. Според него, на Македонија ѝ недостасува силно синдикално движење за да има поголемо обединување во изразувањето незадоволство и организирањето протести, како што функционираат повеќето земји од регионот и дополнува дека младите луѓе ни се случуваат како изолирана енергија.

„Вистината, барем според мене, е дека тие се мошне автентични и претставуваат реакција на општата состојба во државата, на губитокот на ориентација во насоките на развој, во едно согледување на младите дека оваа држава не нуди систем на улоги, не нуди вработување и сè она што му треба да еден млад човек - посигурна иднина. Мислам дека сакаат повеќе да го покажат својот глас и да покажат дека се тука и дека може на нив да се смета како на активен субјект. Мислам дека ова е добар расадник за понатаму и еден аларм за останатите структури во општеството кои за жал досега не гледам дека воопшто реагираа на ова што го прават младинците од средните училишта, како она што го правеа студентите пред некое време“, вели Цветкоски.

Според поголемиот дел од согледувањата на аналитичарите, студентската борба може да се афирмира и да добие на значење во рамки на една поширока борба против состојбите во општеството и дека суштината на движењата на младите луѓе зависи од тоа дали иницијативата ќе се прошири на нови полиња.

„Ова што се случи сега, овие протестни ритуали коишто создаваат некој тип на отпор кон начинот на којшто се тераат основните работи, не можеме сега да процениме, тоа ќе го видиме да речеме за 10 години, колку овој општествен капитал од македонското студентско движење всушност во иднина ќе се проектира во некој тип на здрави политики или ќе се проектира врз некој општествен договор којшто е фер за сите нас, ќе го оставиме за некоја дискусија за едно 10 години, меѓутоа сега она на што мора ние да се фокусираме, тоа е авторефлексија на сите пленуми што се создадоа за да се види што е максимумот што може да го извлечеме од оваа ситуација. Максимумот сè уште не е извлечен, мислам дека мора постојано да бараме нови идеи за акција, нови идеи за мобилизација и нови идеи за тоа околу што треба да се мобилизираме“, оценува Игор Мицевски.

Социологот Илија Ацески е скептичен дека долгорочно проблемите ќе се решат и смета дека владата го одложи моментот на вистинско соочување со студентските барања поради тежината на актуелната политичка ситуација. Не се проблем во образованието само дел од прашањата што ги отворија студентите. Универзитетите се соочуваат со проблеми кои уште не се поставени ниту на дневен ред за некакви реформи, посочува Ацевски.

„Владата во овие околности едноставно го повлекува тоа и го остава за некое идно време, затоа што идното време и на оваа влада, мислам дека вака како што е, тоа е веќе под голем знак прашалник како ќе се движи понатаму. Тие не сакаат сега да се занимаваат со студентското, тоа е веќе периферен проблем, но главниот проблем е на друга страна. Тие едноставно не сакаат да се занимаваат со тоа како влада, министри, партија на власт. Ние сме три институции коишто имаме врска со социологија, тоа е Институт за социолошки истражувања, Институт за етнологија и антропологија и Институт за социологија, ние сме сите во распаѓање, сите, апсолутно никаква комуникација нема меѓу себе. Реформа значи создавање на едно заедништво во таа смисла и тука да се подобри квалитетот“, вели Ацески.

Стручната јавност е децидна дека само една масовна освестеност поттикната од студентските и средношколските протести може да донесе една голема и важна промена воопшто, а не само во образованието. Вообичаено, секаде во светот студентите се вклучуваат во активности кога настануваат општествени промени и тие ги движат промените во суштинските места, онаму каде што е слободата на мислата. Познати се примери во историјата на студентските движења и од порадикален карактер, меѓу кои студентските движења во Чешка во 1968 година по инвазијата на Русија, како и во 1968 во поранешната Југославија. Дел од аналитичарите посочуваат дека не може да се процени отсега колку едно студентско движење кај нас може да го промени општеството во перспектива, но повеќето се едногласни во проценката дека во решавањето на кој било проблем клучен фактор е обединувањето и оти во услови на обединетост нема таква сила која нема да се повлече.

„Не сметам од ниеден аспект дека ова претставува само една светла точка во македонската историја, затоа што сметам дека ова би требало да прерасне во нешто многу повеќе во однос на тоа како се гради целосниот менталитет во Македонија за тоа како се поставуваат работите, односно дека не е само одреден историски момент, туку дека поставува начин за како би функционирал воопшто целиот граѓански сектор, односно ако нешто не е во ред, претставува одредена должност да го промениш и тоа го покажува и преку Професорскиот и преку Наставничкиот и преку Студентскиот пленум, а воедно сметам дека и со Средношколскиот пленум ќе се обрне внимание дека не станува збор дека ние се бориме само против одредени лоши реформи, туку ние се бориме за подобри реформи, се бориме за унапредување на самото општество. Не е нашата цел да бидеме деструктивни, туку повеќе да се насочиме кон подобрување на работите, само прво преку критика на она што сметаме дека е погрешно“, вели Сара Миленковска од Студентскиот пленум.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG