Достапни линкови

Попусто слободно образование во неслободна држава


Стефан Видиков, Студентски пленум.

Стефан Видиков, Студентски пленум.

Ние мораме да ја преиспитаме одлуката за преговарање со ваквата власт, ние мора да се прашаме дали треба да легитимираме власт која одбива да не легитимира нас како граѓани, пишува Стефан Видиков од Студентски пленум во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Имајќи учество уште во самото осмислување на Студентскиот пленум како концепт, а потоа и активно партиципирајќи во сите активности што ги презеде пленумот ми се овозможи една комотна позиција за поподробна анализа на проблемите во високото образование, но и воопшто на политичката ситуација во нашето општество.

Пленумот во нашето општество ги ревитализира и пушти во оптек идеите за слободата, еднаквоста, храброста и толеранцијата. Со таквата поставеност кон себе и кон општеството тој ја доби првата битка за високото образование и отвори простор за ревидирање на целиот концепт околу него.

Уште на самиот почеток би можел да констатирам дека Пленумот ја исполни својата основна цел, а тоа е објективација на идејата за демократија. На интерно ниво Пленумот разви една традиција на слободно и критичко размислување, на јасна и на високо ниво артикулирана мисла, на почитување на различностите и водење сметка за идните предизвици што допрва следуваат. Покрај тоа што разви таква внатрешна традиција, Пленумот во нашето општество ги ревитализира и пушти во оптек идеите за слободата, еднаквоста, храброста и толеранцијата. Со таквата поставеност кон себе и кон општеството тој ја доби првата битка за високото образование и отвори простор за ревидирање на целиот концепт околу него.

Но ваквата позиција на Пленумот него го однесе во една ситуација во која пред него се исправуваат уште поголеми предизвици од оние со кои што до сега се соочуваше. Пред Пленумот сега се исправуваат сите долго нерешени проблеми на студентите како внатре во универзитетите, така и надвор од нив или поконкретно во општеството. Покрај тоа што сме студенти, ние истовремено сме и граѓани и директно партиципираме во општеството. А нашето општество е во една сериозно зачемреана и атрофична состојба, која нужно бара итна граѓанска интервенција и на која доколку не преземеме ништо и претстои неодминлива гибел. Во нашево општество ние се соочуваме со безброј проблеми, од студентските стандарди, до се поголемата сиромаштија која станува се повидлива и која безмилосно и противречи на секоја желба за студирање- тоа се проблемите врз кои треба да се посвети сето наше внимание, но најголем проблем кој нужно бара интервенција и директно не товари е се повидливиот недостатокот на демократија во нашево општество.

Нашата толеранција и издржливост навистина беа ставени на тест изминатиов период, но со развојот на настаните деновиве наша морална должност е да застанеме и да се прашаме кон кого тоа всушност сме толерантни и се однесуваме транспарентно обидувајќи се да замижиме кон се што се случува. И покрај тоа што до сега бевме навикнати на преку ноќ донесени закони зготвени во некоја сомнителна кујна, обемно зачинети со куп нелогичности, кои попрво имаа за цел да онеправдат отколку да спроведат правда. И покрај тоа што бевме апсолутно исклучени од било какво сослушување на нашите аргументирани забелешки и како надоместување добивавме црвени крукчиња околу главите исцртани од некој фломастер кој не бил употребен за друго освен за стигматизација на неистомисленици. И покрај тоа што се соочивме со надлежни кои се покажуваа како експерти во сите области и изменуваа закони само колку да бидат проголтани, при тоа симплифицирајќи ги до бесмисленост за на крај да ги доведат до посебни случаи на апсурд во својот вид и тоа на светско ниво. И покрај тоа што се соочивме со надлежни кои закажуваа и откажуваа средби во пет до дванаесет, непочитувајќи го ниту времето, ниту капацитетот и положбата на соговорникот.

Ние сепак издржавме и достоинствено се носевме со нашата положба. Но денес ги гледаме истите надлежни како ги спроведуваат истите недемократски а дополнително и неморални методи за да се справат со оправданиот бунт на средношколците, хонорарците, стечајците и сите останати групи кои се охрабриле да си ги побараат своите права.

Ние сепак издржавме и достоинствено се носевме со нашата положба. Но денес ги гледаме истите надлежни како ги спроведуваат истите недемократски а дополнително и неморални методи за да се справат со оправданиот бунт на средношколците, хонорарците, стечајците и сите останати групи кои се охрабриле да си ги побараат своите права. Она што им се случува на средношколците денес е истото што ни се случуваше нам до вчера. Исто и тие се соочуваат со неми институции со заклучени врати, со фантомски средношколски претставници кои си потпишуваат онеправдување или поточно капитулација на своите права и достоинства, со подмолни и ниски навреди, неморални заканувања и најстрашно нивната желба за слобода и демократија се толкува како купен арсенал за уривање на некаква „власт“ од туѓи интереси. Ширењето на таква пропаганда врз малолетни деца ги погазува сите морални вредности без кои општеството ја губи својата кохезија и наеднаш идејата за праведно општество станува бесмислена. Овде нужно се наметнува дилемата: дали оваа власт нема никаков демократски капацитет и волја да владее справедливо или таа пати од сериозна неедуцираност па од неопитност исплодува вакви законски решенија и од неопитност е арогантна и недемократска кон граѓаните кои ги владее?

Затоа сметам дека наша обврска е одново да се прашаме кон кого сме толеранти и транспаренти? Кон оној кој продолжува да владее со репресивна политика и кој одбива да учи од грешките? Кон оној кој со дополнителна жестина се спротивставува на поинаквите размислувања од него? Ние мораме да ја преиспитаме одлуката за преговарање со ваквата власт, ние мора да се прашаме дали треба да легитимираме власт која одбива да не легитимира нас како граѓани.

Сметам дека Средношколскиот пленум, а и сите други групи кои се во борба за своите права нужно треба да продолжат со својата борба, без разлика што наидуваат на силен и нечесен отпор од спротивната страна. Ние како Студентски пленум секогаш ќе стоиме зад нив со безрезервна поддршка кон нивната борба. Но имајќи од другата страна попрво противник отколку транспарентен преговарач кој до сега не покажа никаква тенденција за промена,пленумот според мене ќе застане рамо до рамо со онеправданите и повторно ќе се судри со власта, но овој пат многу посериозно и со многу порадикални барања. Според мене во овој момент и двата Пленуми се исправени пред прашањето: дали не е попусто слободно образование во неслободно општество?

XS
SM
MD
LG