Достапни линкови

Што се крие во „бомбата“ за името?


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Актуелната власт само ја провоцира Грција со што се отежнаа условите за дијалог, изјави за РСЕ лидерот на СДСМ Зоран Заев. Тој додаде дека СДСМ, ако дојде на власт, транспарентно со градење национален консензус ќе се зафати со решавање на ова прашање без да биде нарушен македонскиот национален идентитет. Експертите со поделени мислења.

Една од најочекуваните таканаречени бомби на опозицијата се прислушуваните разговори кои се однесуваат на спорот за името со Грција. Лидерот на СДСМ Зоран Заев, во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе биде во целост објавено в недела, вели дека актуелната власт досега само ја провоцирала Грција со што се отежнаа условите за дијалог. Тој вели дека доколку СДСМ дојде на власт, опозицијата сериозно би се зафатила со решавање на овој спор.

Знам зошто криел Груевски, ќе го споделиме секако тоа со јавноста, но решението е пред сè во градење национален консензус, поставување на нашите црвени линии, искрен пристап кон соседот, на којшто ќе му се објасни до каде тоа ние може да одиме, до каде не.

„Мора да ги споделите со граѓаните сите информации, сите можности, сите аспекти, сите опции, сите варијанти. Притоа градите национален консензус за ова прашање. Зошто, што се крие тука? Толку години е штета за државата нерешениот спор. Што уште криеме? Знам зошто криел Груевски, ќе го споделиме секако тоа со јавноста, но решението е пред сè во градење национален консензус, поставување на нашите црвени линии, искрен пристап кон соседот, на којшто ќе му се објасни до каде тоа ние може да одиме, до каде не“, вели тој.

Заев во интервјуто не сакаше да открие дел од содржината на прислушуваните разговори кои ги поседува, а се однесуваат на спорот за името. Тој тврди дека доколку СДСМ дојде на власт во иднина, во преговорите нема да отстапува од неколку точки.

Единствен начин за да се реши, значи повторно зборуваме хипотетички, во овој момент прашањето за името, тоа е некој да ги прифати сите тие црвени линии што ги кажаа Грците уште пред пет-шест години, што се разбира за кој било македонски политичар, односно македонска политика, партија или структура на власт е неприфатливо.

„Без идентитетот, без основните белези, пасошот, Уставот, каде што се дефинираме како Македонци, македонски јазик, нашиот посебен дел од културата, нема потреба од преговори, нема зошто да се договараме, не вредиме пред никој“, вели Заев.

Имајќи го предвид фактот дека веќе со години нема напредок во преговорите, се наметнува прашањето доколку во Грција на власт остане грчкиот премиер Алексис Ципрас и се смени власта во Македонија дали ќе има поместување од статус кво ситуацијата. Аналитичарите се со поделени мислења.

Владимир Божиновски смета дека и досега нема поместување, иако Ципрас е на власт, затоа што проблемот не е до Македонија, туку во Грција.

„Единствен начин за да се реши, значи повторно зборуваме хипотетички, во овој момент прашањето за името, тоа е некој да ги прифати сите тие црвени линии што ги кажаа Грците уште пред пет-шест години, што се разбира за кој било македонски политичар, односно македонска политика, партија или структура на власт е неприфатливо. Евентуално тоа може, така што може да го реши тоа прашање, хипотетички ако Заев доде на власт, ако ги прифати сите црвени линии“, вели Божиновски.

Тој додава дека не смее да се заборави оти сите партии прифатија дека какво и да е решението коешто би го договориле двете страни, тоа треба да оди на референдум, а тоа, според него, нема да биде прифатено од граѓаните.

Мерсел Биљали, пак, смета дека последните изјави кои доаѓаат од Грција укажуваат на волја за промени.

„Грчкиот министер за надворешни работи рече дека не е толку проблем името, туку проблем е „иредентизмот на Скопје“, како што тој се изрази. Тоа е сигнал дека сепак ќе има промени во грчката политика во однос на името, така што ако се смени власта, јас мислам дека тоа ќе биде еден многу помалку болен процес и ќе заврши многу поповолно за нас“, вели Биљали.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG