Достапни линкови

logo-print

ЕУ во акција против бранот имигранти


Лидерите на Европската унија на вонредниот состанок во Брисел се согласија да ги засилат операциите за спасување на имигрантите на Средоземно Море. Најавени се и поостри мерки со цел спречување на илегалниот трансфер на имигрантите и тие главно се насочени против организаторите на овој шверц со луѓе.

Во заедничкото соопштение на шефовите на држави или на влади на Европската унија се потенцира дека бранот илегални имигранти ќе биде спречен со разбивање на криумчарските мрежи, со изведување на виновниците на суд и со запленување на нивниот имот.

Исто така е најавено и уништување на бродовите пред тие да бидат искористени од шверцерите со луѓе.

Сето тоа, како што се наведува, ќе биде постигнато со заедничко дејствување на воено полициските и правосудните органи на Унијата, како и со засилена разузнавачка и полициска соработка со трети земји.

Многумина се согласуваат дека главно во спречувањето на оваа човечка трагедија е отстранувањето на причините на илегалната миграција и шверцот со луѓе.

Лидерите на Европската унија наведуваат дека Еуропол ќе ги открива и ќе ги отстранува од интернет пораките на криумчарите со кои се привлекуваат бегалците, додека во третите земји од кои тие потекнуваат или пак преку кои минуваат ќе бидат воспоставени центри на Унијата за набљудување и врски.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, по вонредниот самит на Унијата изјави дека шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини добила задача итно да ја подготви операцијата со цел спасување на животите на луѓето кои бегаат од земјите погодени со кризи во Африка и на Блискиот Исток.

Туск потенцира дека проблемот нема да биде решен само со спасување на луѓето, туку дека ќе биде неопходно разбивање на криумчарските мрежи и уништување на бродовите што тие ги користат за шверц на луѓе.

На самитот е решено тројно да биде зголемен буџетот наменет за операцијата „Тритон“ на спасување на бегалците кои пристигнуваат во Италија и Малта.

Досега тој изнесуваше три милиони евра месечно. Исто така е засилена и операцијата „Посејдон“ во морето околу Грција.​

Британија понуди три воени бродови и хеликоптери во борбата против растечкиот бран имигранти, додека Франција за истата цел најави дека ќе испрати на Медитеранот два брода и еден авион.

Европските лидери се согласија да ја зголемат помошта за Тунис, Египет, Судан, Мали и Нигер за подобро надгледување на границите, бреговите и пристаништата.

Сепак, многумина се согласуваат дека главно во спречувањето на оваа човечка трагедија е отстранувањето на причините на илегалната миграција и шверцот со луѓе.

До самитот во Брисел дојде откако над 800 луѓе деновиве се удавија во близина на брегот на Либија. Се верува дека од почетокот на годинава досега над 35 илјади луѓе пристигнале во Европа од Африка.

Околу илјада седумстотини и педесет загинале во таквиот нивен обид.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG