Достапни линкови

logo-print

Дневен печат - Гошинце, писмото на Црвенковски и „бомбите“


Нападот во Гошинце, писмото на Црвенковски до јавноста, како и таканаречените бомби што ги објавува СДСМ се дел од темите за кои пишуваа весниците.

Се случува напад на полициска караула на македонско-косовската граница, а се чини дека се вознемирија само официјалните институции. Претседателот на државата го свика Советот за безбедност за да се информира за инцидентот, како што информира Дневник. ДУИ, чии претставници не беа повикани на средбата на државниот врв кај претседателот Иванов, „апелира до граѓаните да не наседнуваат на провокации“, според Утрински. Слободен печат, пак, во наслов прашува: „Терористички напад или нападно сценарио за спас од бомбите?“.

Државниот врв на средба кај претседателот Ѓорѓе Иванов по инцидентот во Гошинце.

Државниот врв на средба кај претседателот Ѓорѓе Иванов по инцидентот во Гошинце.

Вечер во неколку броеви го напаѓа СДСМ: „СДСМ отвори прислушување, Косоварите ја напаѓаат полицијата, премногу личи на 2001 година!“ и „Еве зошто СДСМ го урива МВР - за 24 часа полицијата ги откри напаѓачите во Гошинце“.

Црвенковски до СДСМ - На Македонија ѝ е потребен широк опозициски фронт.

Другото случување како повеќе да ја размрда јавноста, и владејачката партија: Вечер излезе со наслов: „Црвенковски до СДСМ - На Македонија ѝ е потребен широк опозициски фронт“ и веднаш потоа реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ: „Црвенковски нема кредибилитет, 20 години е генератор на проблеми“. „Црвенковски се огласи за политичките случувања во државата“, со овој наслов Нова Македонија го проследи писмото на Црвенковски до јавноста. Утрински во наслов со неговата порака: „Бомбите не се доволни, потребни се мирни масовни протести“.

Лидерот на СДСМ, Заев, продолжува со објавувањето на таканаречените бомби: Аудио-снимките што ги презентираше во изминатава недела содржат наводно разговори на премиерот Груевски за „удирање неколку шамари на Жерновски“ пред локалните избори во Центар, како и за местењето новинари и уредници во јавниот сервис МРТ и во другите телевизии и весници познати како поддржувачи на партијата на власт, како што објавија сите печатени медиуми. Слободен печат како да е најсликовит со насловот: „Груевски лично нарачал демолирање на Општина Центар и шамари на Жерновски“.

Груевски и Заев водат дијалог преку медиумите: Утрински од Прилеп ја објави пораката од премиерот: „Длабоко во Заев се крие уплашено човече“, а од лидерот на опозициската партија од Штип: „Времето на владеењето на Груевски се брои со денови: Груевски ја погреба демократијата“. „И фирмите трпат од политичката криза - извозот се намалува, фирмите ги губат зделките со странските партнери поради нестабилноста...“, пишува Утрински.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG