Достапни линкови

Трет средношколски марш против лошите реформи


Средношколците по трет пат маршираат против лошите реформи во образованието. Неколку илјади студенти се собраа кај фонтаната кај Градски парк, од каде започна средношколскиот марш.

Тие во рацете држат транспаренти со пораките: „Не си го реформирај министре образованието, затоа мама не ме праќа на школо“, „Професори, учениците ви одржаа час“, „Не ни го уништувајте образованието“, „Лоши реформи“, „Средношколец не е еднакво на бел глушец“, „Министре од нас ли се плашите?“, „Верувајте им на младите, тие се креатори на иднината.“

Од Градски парк, се упатија кон Владата, каде треба да им се придружат и студентите, а потоа да продолжат до пред Министерството за образование и наука.

Пред неколку денови Средношколскиот пленум доби поддршката од Студентскиот пленум. Студентите велат дека поводот за маршот е игнорантскиот однос на Министерството за образование и наука кон барањата на средношколците. Учениците бараат да полагаат државна матура според стариот концепт и шест месеци да биде ставен во мирување законот за екстерното тестирање.

Дел од средношколците протестираат речиси три недели. Министерот за образование пред 10 дена најави дека ќе се сретне со нив кога ќе најде време во агендата, но досега средба немаше. Во меѓувреме, како што велат од Средношколскиот пленум, врз нив се вршеле притисоци од директорите на училиштата и од некои професори, да престанат со бојкотот.

Првиот средношколски марш, кога учениците порачаа „стоп за лошите реформи“, се одржа на 19 март, а на вториот, на 1 април, учениците на симболичен начин ги погребаа реформите.


XS
SM
MD
LG