Достапни линкови

Државата нетипично се однесува за терористички чин


Од моментот на упадот на караулата, па се до полициската блокада на патот кон селото поминаа скоро 12 часа. Станицата ја бранеле само 4 полицајци. А од Кумановската болница велат дека немало хоспитализиран полицаец, како што тврди МВР.

Низа нејаснотии и нелогичности го следат вчерашниот инцидент во кумановско Гошинце, анализираат експертите. Од моментот на упадот на караулата во 2 часот по полноќ, па се до полициската блокада на патот кон селото поминаа скоро 12 часа, што според упатените е многу симптоматично и несвојствено бавна интервенција на полициските сили.

Тој временски период во однос на увидот, доколку имаше потреба за увид е многу долг временски период кадешто многу лица, мештаните можеле да влегуваат и да излегуваат, да донесат или да однесат траги од местото на настанот.

„Тој временски период во однос на увидот, доколку имаше потреба за увид е многу долг временски период кадешто многу лица, мештаните можеле да влегуваат и да излегуваат, да донесат или да однесат траги од местото на настанот. Тоа сето во однос на криминалистичко- тактички и технички дејствија е многу симптоматично.“

Професор Владимир Пивоваров вели дека реакцијата на надлежните била атипична за она што тие го нарекоа терористички чин.

„Многу симптоматично е наши официјални лица кои се овластени да ја бранат територијата на Република Македонија, уставниот интегритет, да не пружиле вооружен отпор. Се поставува прашањето дали имало некој договор меѓу страните кои нападнале и страните кои се бранеле, да нема жртви, да нема инциденти, само да се постигне медиумска кампања, која и се постигна, а тоа е и целта на оние кои ги поставуваат барањата, доколку тие се вистинити.“

Можеби во учебниците за тероризам ваквиот терористички чин ќе се изучува како атипичен пример доколку навистина постоел, вели Пивоваров, според кој тоа што се дозволило 40-тина вооружени лица да ја нападнат караулата во која имало само четири полицајци е доказ дека нашата гранична линија со Косово е необезбедена.

И според Џабир Дерала од невладината организација „Цивил“ низа работи укажуваат на тоа дека целиот настан не е таков каков што ни се прикажува.

Четириесет луѓе се многу. Еден е многу за начините на кои велат дека ја спроведуваат безбедноста на границата, а камоли 40. Тоа е една фантастична приказна, која не верувам дека би можел да ја купи некој што има здрав разум.

„Ако на вакво нешто реагира полицијата после толку време, во таков временски распон, што ќе зборуваме ако се работи за еден општ криминал, за убиства, за тешки грабежи, палежи, тогаш тие воопшто не би реагирале“, вели Дерала уверувајќи дека е тешко да се поверува дека вооружена група поминала гранична територија без никој тоа да го забележи и навремено да реагира.

„Четириесет луѓе се многу. Еден е многу за начините на кои велат дека ја спроведуваат безбедноста на границата, а камоли 40. Тоа е една фантастична приказна, која не верувам дека би можел да ја купи некој што има здрав разум“, вели Дерала.

Иако во изјава за медиумите од МВР вчера тврдеа дека еден од нападнатите полицајци бил повреден и на истиот му била укажана соодветна грижа во кумановската болница, новинарски екипи вчера попладнево ја посетија болницата од каде што дежурните лекари негираа дека до тој момент имало некој кој побарал лекарска помош.

И директорот на болницата, Арифи Љатифи, денеска ја потврди истата информација, односно ни изјави дека никој од Гошинце ниту побарал помош ниту пак бил хоспитализиран во текот на вчерашниот ден.

Според експертите по низата вакви пропусти, најочекувани се оставки од одговорните функционери, но нивните проценки се дека тоа нема да се случи, имајќи го предвид досегашното однесување и искуство на македонските политичари.

По инцидентот во Липковскиот регион, државниот врв синоќа одржа состанок на кој како што беше соопштено, го осудува инцидентот на северната граница на земјата и притоа констатираше дека надлежните институции ги преземаат сите неопходни мерки и активности за расветлување на случајот, пронаоѓање на сторителите и нивно санкционирање.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG