Достапни линкови

Карикатурите на тема „Снаа - свекрва“ во освојувачки поход на Куманово


Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ - Куманово, овој четврток, на 23 април, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата на карикатури на тема “Снаа - свекрва“. Се работи за меѓународниот конкурс “Невестинско поклонение“, а на изложбата ќе бидат претставени 50-те најуспешни трудови.

Изложбата на карикатури на тема „Снаа – свекрва“, како дел од меѓународниот конкурс „Невестинско поклонение“, деновиве ќе се најде и пред кумановската публика. На постановката што ќе биде отворена овој четврток, на 23 април, во Изложбениот салон на центарот за култура „Трајко Прокопиев“, ќе бидат претставени 50-те најуспешни трудови од понудата од минатата година.

Меѓународниот конкурс за карикатура инаку е придружна манифестација на Културната манифестација „Невестинско поклонение на Св. Теодор Тирон“ што традиционално се одржува во чест на празникот Тодорова сабота/недела во селото Конопница – Крива Паланка.

Овој феномен е многу суптилен затоа што станува збор за најосетливиот однос во социјална смисла во семејството. Односот преку кој зависат и многу, многу други работи како тоа семејство ќе се развива, како тоа семејство ќе егзистира...

Идеен творец на манифестацијата „Невестинско поклонение” и автор и координатор на меѓународниот конкурс за карикатура е Стојанче Величковски, гравички дизајнер, хералдички уметник и фотограф од село Конопница, а нејзин покровител е локалната самоуправа.

Величковски вели дека културната манифестација е возобновена пред шест години врз основа на вековниот народен обичај кој се реализира на тој начин што сите млади невести кои што ќе склучат брак помеѓу две тодорови саботи со векови доаѓале заедно со своите свекрви во народна носија на невестинското поклонение за да добијат благослов од свештенослужителите за род, пород, слога и среќа во семејството. Тој истакнува дека според интересот и досегашните резултати „Невестинско Поклонение” е на најдобар пат да стане еден од познатите афирмативни брендови на Република Македонија.

„Овој феномен е многу суптилен затоа што станува збор за најосетливиот однос во социјална смисла во семејството. Односот преку кој зависат и многу, многу други работи како тоа семејство ќе се развива, како тоа семејство ќе егзистира...Како во тоа семејство ќе се пренесе начинот на живот, како ќе се пренесе традицијата и како на крај ќе се сочуваат корените на она што значи културно наследство во поширока смисла.“

Уметникот дополнува дека, како иницијатор, автор и координатор на конкурсот, тој нималку не е изненаден од пројавениот интерес за него. Вели дека тие како организатори секогаш си поставуваат повисоки цели од она што било во претходната година.

„Не сум изненаден затоа што со години правевме проучувања што има во областа на карикатурата, во областа на конкурсите. За споредба забележавме дека за туризмот има десеттина конкурси на светско ниво. Но досега никој не направил конкурс кој што е на тема снаа-свекрва. Значи самата тема е доволно провокативна да поттикне голем број на автори кои што ќе творат на оваа тема. Ние и досега имавме обработен визуелен идентитет на конкурсот. Имаме и еден престижен трофеј – тоа е „невестуклата“ која што ни е симбол на „Невестинското поклонение“, но јасно ни е дека нашите награди во однос на останатите афирмирани конкурси не се толку високи за да ги привлечат квалитетните автори, а за чудо добиваме дела на творци со светско реноме. Тие се и нашите вистински амбасадори кои на најдобар начин не афирмираат и не поддржуваат со лобирање кај своите колеги за да земат учество на конкурсот.

Меѓународниот конкурс за карикатура на тема „Снаа-Свекрва“ за првпат беше распишан во чест на Културната манифестација Крива Паланка – град на културата 2013 и на него пристигнаа 187 дела од 87 автори од 30-тина земји од светот.

Во 2014 година, еминентното жири во состав Милан Алачевиќ (Словенија), Јовчо Савов (Бугарија), Јодран Поп-Илиев, Никола Ангелкоски, градоначалникот на општина Крива Паланка во својство на покровител, Стојанче Величковски како автор на конкурсот и директорот на Музејот Драган Величковски, одлучија победник и освојувач на трофејот „Невестулка“ за 2014 да биде Ириен Трендафилов од Бугарија.

Втората награда ја освои Дамир Новак од Хрватска, а третата Фарзане Вазири Табар од Иран. За првпат беше доделена плакета за најдобра колекција која му припадна на Олег Гутсол од Украина, додека специјални награди добија Горан Челичанин и Уралскиот клуб на карикатуристи „Брусница“ кој зеде колективно учество на конкурсот.

Од сите пристигнатите дела од еминентни светски карикатуристи, направена е селекција на 100 најдобри карикатури кои се отпечатени во формат А-3 каширани на картон кои промотивно беа изложени пред јавноста на 8-ми октомври 2013 во чест на празникот на градот Крива Паланка. Потоа следуваше претставувањето во рамките на Радовишкото културно лето, а делата од претходното издание на конкурсот, во август 2104, најнапред ги виде публиката во Крива Паланка. Конечно, од 13 до 26 февруари годинава, одбирот од 100-те најдобри творби беше претставен и на централната изложба која беше организирана во Галеријата при Домот на АРМ во Скопје, по што уследи актуелната постановка во Куманово.

Величковски знае да каже дека пред нив е претставувањето во Словенија, наредниот месец конкурсот ќе гостува на еден театарски фестивал во Тополовград во соседна Бугарија, а тука е и поканата за патување во Австрија.

„Конкурсот е навистина уникатен и може да се комбинира со традиционални манифестации. Може дури и да влезе во претставување на Македонија во промотивни туристички цели каде што се промовира земјава заедно со своето наследство, заедно со своите културни традиции.“

Заради врвните резултати конкурсот за 2015 година е влезен и во Националната програма на проекти од областа на културата.

„И покрај тоа што конкурсот за оваа година не е распишан веќе добиваме дела од докажани автори затоа што уште кога беше жирирањето ја најавивме и темата. Таа овојпат ќе биде уште посуптилна, ќе се однесува на мажот и ќе гласи: „Мажот како колатерална штета во односот меѓу снаата и свекрвата.“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG