Достапни линкови

Уставен не трпи притисоци, тврди претседателката


Судот е независен, а судиите си одлучуваат според личното убедување, тврди претседателката на Уставен суд Елена Гошева. Таа не сакаше да ги коментира разговорите објавени во опозициските „бомби“ во кои наводно премиерот вели „ќе падне на Уставен.“

Претседателката на Уставниот суд Елена Гошева тврди дека судиите работат независно без притисоци од политичките партии, а работењето на Судот го оценува како успешно.

Вие кажете како мислите дека е Судот. Судот е независен, Судот си одлучува според личното убедување на судиите на денот на седницата и немам што да ви кажувам на такви прашања.
Елена Гошева, претседателка на Уставен суд.

Гошева на прес-конференцијата посветена на годишниот извештај на Уставниот суд, не сакаше да одговори дали судиите се договараат со некого како ќе гласаат на седница, потенцирајќи дека постоењето издвоени мислења на судии, кои не се согласуваат со одлуката на Судот по одредени иницијативи е право на секој судија.

„На вакви прашања не можам да одговорам. Како може да се договараат кога на седница се гласа јавно.“

Новинарско прашање: Мислите дека Судот е независен?

„Вие кажете како мислите дека е Судот. Судот е независен, Судот си одлучува според личното убедување на судиите на денот на седницата и немам што да ви кажувам на такви прашања.“

Во последно време зачестија таквите мои издвоени мислења, тоа вие убаво го знаете, но конкретно врз себе не сум почувствувала притисок.
Наташа Габер Дамјановска, судијка во Уставен суд.

Гошева не сакаше да ги коментира разговорите коишто ги објави опозицијата во неделата, во коишто се слуша дека наводно премиерот Никола Груевски во разговор со министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески вели дека иницијативата на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски за спорниот Детален урбанистички план ќе биде отфрлена или како што вели Груевски „ќе падне на Уставен“.

please wait

No media source currently available

0:00 0:01:00 0:00
Директен линк

„Немам коментар, тоа некој ако давал такви изјави пред да се заврши пред Уставниот суд. Немам коментари на таквото прашање.

Уставниот суд за суштински прашања не се впуштил, посебно во последните 2 години, особено откако е избран новиот состав.
Стамен Филипов, поднесувач на рекорден број на иницијативи пред Уставен суд.

По иницијативата на господинот Жерновски Уставниот суд носи одлука при гласање, така да одлуката не ја носи сам кој било судија, ниту претседателот на Судот.“

Судијката Наташа Габер Дамјановска за дел од случаите објавува свои издвоени мислења за одлуки со кои не се согласува со решението што го донел Уставниот суд. Досега имала напишано повеќе од десет издвоени мислења. Габер Дамјановска вели дека не чувствува никаков притисок во својата работа.

„Јас си се држам на мојата заклетва што ја дадов пред граѓаните на Република Македонија и пред Собранието дека одговорно и совесно ќе ја вршам својата функција и ќе го почитувам Уставот и законите. Во последно време зачестија таквите мои издвоени мислења, тоа вие убаво го знаете, но конкретно врз себе не сум почувствувала притисок.“

Гошева не сакаше ни да даде оценка дали во Македонија се носат квалитетни закони, заклучувајќи од малкуте иницијативи за нив, иако во последниот период се донесоа многу закони во Собранието без опозиција и по скратена постапка. Таа посочи дека Уставниот суд успешно се справува со надлежностите за заштита на човековите права и слободи што му се определени со Уставот, а со носењето на новите уставни амандмани ќе има и проширена надлежност.

Стамен Филипов кој на јавноста и е познат како „уривач на закони“ со поднесен рекорден број на иницијативи, вели дека Уставниот суд работи по наредба на власта.

„Освен една или две одлуки што вредат, што ги донел Уставниот суд, што ги укинал одредбите или го поништил, другите одлуки се за некои технички работи. Уставниот суд за суштински прашања не се впуштил, посебно во последните 2 години, особено откако е избран новиот состав. Вие знаете неколку пати Наташа даваше издвоено мислење, тоа значи дека 100 проценти Наташа Габер е во право, меѓутоа таа е малцинство и според тоа Уставниот суд и тоа како е под политичко влијание на владата.“

Во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија нотира забелешки за составот на судот, неговата пристрасност и за пролонгирање на донесување на одлуки.

Уставниот суд изминатава година ги отфрли иницијативите за Законот за абортус, како и иницијативата на новинарите за повреда на Уставот со бркањето на новинарите од Собраниската галерија на 24 декември пред две години кога се носеше Буџетот на државата и за деталните урбанистички планови на општина Центар кои беа изгласани во советот на општината со 11 гласа „за“ и 11 „против“. Позитивно одговорил односно донел одлука за укинување на спорни законски одредби по 11 иницијативи, а за речиси стотина иницијативи сметал дека нема основа за поведување на постапката или биле отфрлени.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG