Достапни линкови

ЕУ соочена со критики поради кризата со имигрантите


Денешниот итен состанок на шефовите на дипломатиите на Европската унија за имигрантите од Африка и Блискиот Исток беше свикан откако стотици имигранти се удавиле во близина на брегот на Либија. Амнести интернешнал инцидентот го оцени како предвидлива трагедија предизвикана од човечката негрижа.

Бесот со кој европските лидери се соочуваат по смртта на стотици бегалци кои се обиделе да стигнат до Европа, може да преставува пресвртница во политиката за која критичарите велат дека се засновувала врз принципот: давењето на луѓето ќе ги одврати другите да се обидуваат во такво нешто, иако тоа им е неопходно.

Јазот што Медитеранот го формира меѓу Европската тврдина и помалку среќните нејзини соседи би можело да стане помалку забранет, иако во фокусот и натаму би било обесхрабрувањето на луѓето на таков ризик иако всушност се соочени со поголеми опасности дома.

Досегашната таква политика се покажа како неуспешна, а Медитеранот стана своевиден Мост до Европа за илјадници луѓе кои бегаат од војните и сиромаштијата во Африка и Блискиот Исток.

„Европската унија може да преземе мерки за спасување на овие луѓе кои бегаат од пеколот во Сирија и Либија“, го цитира агенцијата Ројтерс германскиот активист Хериберт Прантл кој додава: „Европа ги користи мртвите бегалци како штит од други такви бегалци“.

Британската влада беше еден од критичарите на ограничената мисија на Европската унија за спасување на имигрантите.

Европската унија може да преземе мерки за спасување на овие луѓе кои бегаат од пеколот во Сирија и Либија. Европа ги користи мртвите бегалци како штит од други такви бегалци“

Непријателскиот однос кон имигрантите во членките на Европската унија доведе до пасивен пристап на европските лидери.

Тие, според експертите, многу тешко ќе се согласат и да изградат бегалски кампови во Северна Африка и на Блискиот Исток нешто што го сторија американските власти за да ги задржат жителите на Хаити да дојдат до американската база Гвантанамо на Куба во деведесетите години од минатиот век.

Според некои овие кампови стануваат независни енклави каде што безбедноста прераснува во кошмар. Има и барања во справувањето со имигрантите да бидат вклучени повеќе земји, а не само оние што се првата линија на кризните подрачја.

„Многу пати рековме „никогаш повеќе“, но сега е крајно време Европската унија да се соочи со предизвикот и да ги спречи ваквите трагедии“, изјави шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, по стравувањата дека околу 700 имигранти се удавиле откако нивниот брод потонал на Медитеранот на 100 километри од брегот на Либија.

Врз Европската унија постојано расте притисокот да стори нешто за да ги спречи ваквите трагедии.

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека е неопходна поинтензивна борба против шверцерите на луѓе.

Борбата против нив, според германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер, треба да биде централна точка на новата миграциска политика на Унијата.

Повеќето од бродовите кои се организирани од шверцери на луѓе доаѓаат од Либија, Египет, Тунис и од Сирија.

Од почетокот на годинава досега над 35 илјади баратели на азил и имигранти пристигнале во Европа, а над илјада и петстотини се удавиле во таквиот нивен обид.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG