Достапни линкови

logo-print

Неделниците анализираат можна разврски на кризата


Неделникот Глобус смета дека власта е нервозна поради објавувањето на прислушуваните разговори, Фокус дека Заев на суд ќе објави клучни снимки, а Република анализира дека СДСМ се надева на спас од странците.

Глобус - Нервоза на власта

Обелоденувањето на провизијата за дилот со опремата на Израелците се чини ја прелеа чашата на трпението кај оној кој е најбитен во земјава - првиот човек на државната безбедност.

Најновиот он-лајн магазин Глобус ја анализира нервозата на власта која, вели, ги нацрта роковите кои му ги дава на правосудството за окончување на аферата „Пуч“. Па потоа појаснува дека на екипата на Зврлевски веќе ѝ се дадени роковите до кога треба да побрзаат со пресудата на Заев и Верушевски. Мијалков, додава авторот на анализата, по обичај, веќе ја напишал и пресудата. Обелоденувањето на провизијата за дилот со опремата на Израелците се чини ја прелеа чашата на трпението кај оној кој е најбитен во земјава - првиот човек на државната безбедност. Глобус овие тврдења ги поткрепува со пишувањето на еден дневен весник, во последниве години близок до владејачката партија, кој во еден текст со прецизни датуми објавува дека обвинението треба да се привршува, судењето да трае до 20 мај, а пресудата да ја видиме до 15 јуни. Уште да ни се каже и пресудата, коментира неделникот, бидејќи се добива впечаток дека „целата манџа е готова“, а текстот во весникот како да е работен во истата кујна, иронизира Глобус.

Недостасуваат уште материјалните докази на Зоран Заев кои целосно ќе отворат поинаква димензија на случајот и ќе утврдат дека уставниот поредок не го загрозувал тој со Верушевски, туку Мијалков со Груевски.

Фокус - Заев на суд ќе достави ексклузивни аудиоснимки

И неделникот Фокус ја обработува истата тема, при што тврди дека во процесот „Пуч“, Заев ќе доставел ексклузивни аудиоснимки за тоа „како власта се договара да прислушува политички противници“. Авторот на анализата потоа потсетува дека иако СДСМ има пријавено 80 лица за повеќе од десет сериозни кривични дела врз основа на прислушуваните материјали, Обвинителството не мрда со прст, наспроти, вели, истрагата за „Пуч“ која е во финална фаза. Недостасуваат уште материјалните докази на Зоран Заев кои целосно ќе отворат поинаква димензија на случајот и ќе утврдат дека уставниот поредок не го загрозувал тој со Верушевски, туку Мијалков со Груевски, наведува Фокус.

Република - Заев бара спас во булдожер дипломатија?

Позасиленото ангажирање на меѓународниот фактор, конкретно на Вашингтон, му дава повод на уводничарот во Република текстот да го наслови со констатација - прашање: „Заев бара спас во булдожер дипломатија?“ Главно тезите во уводникот се излечени од повидливото ангажирање на американски дипломати во врска со политичката криза во државава, при што неделникот изведува свој заклучок дека, како што пишува, „според информациите на медиумите под контрола на Заев, наводно, американски дипломати ќе испорачале пакет подготвен од Вашингтон кој содржел барање за оставки на компромитираните државни функционери, формирање преодна влада...“, па набројува и други ставки кои го наведуваат воведничарот во неделникот да заклучи дека тие се на истата линија на барањата на Заев. „Со оглед на фактот дека се ближи времето на судскиот процес против Заев и Верушевски, а со тоа беспоштедно се троши и времето за реализирање на нивното сценарио, што не е во прилог на странските соработници на Заев“, се тврди во текстот, за Република е логично да се очекуваат засилени притисоци од надворешните центри на моќ кон властите во државава.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG