Достапни линкови

Ахмети: за излез од кризата требаат храброст и силна политичка волја


ДУИ не е циркус за да излезе надвор и да прави акробации, за да задоволи емоции на некои луѓе, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети од Струга каде што присуствуваше на изборот на претседател на огранокот на партијата во овој град. Во однос на актуелната политичка ситуација во државата, Ахмети рече дека сите меѓународни претставници што доаѓале во Македонија, доаѓале со цел да помогнат за да биде надмината оваа криза која во моментот се случува.

“Сите тие што доаѓаат, доаѓаат со најдобрата намера, да доминираат мирот и стабилноста и добрите меѓуетнички односи и нашата држава да го заземе местото во НАТО и ЕУ. Јас имав неколку средби со нашите пријатели од Брисел, Вашингтон, Берлин, Осло и други. Сите тие имаат една порака дека во секоја криза постои можност за излез, а за тоа треба храброст и силна политичка волја, рече Ахмети.

Тој истакна дека побарале настаните кои денес се случуваат во Македонија да се набљудуваат од правни и политички експерти од странство. Според него неопходен е дијалог и компромис меѓу двете страни.

“Не дека ние сакаме за секое прашање да се насочиме кон Брисел и тие да управуваат со нашите внатрешни проблеми. Баравме набљудување од страна на ЕУ, бидејќи било какво оценување што ќе го направат внатрешните власти сигурно ќе го оспорат или од едната или од другата страма. Бараме да престанат нападите. СДСМ и ВМРО ДПМНЕ да седнат на маса и откако ќе се согласат за ненапаѓање, тогаш во таа агенда да се приклучи и ДУИ, рече Ахмети.

Ахмети пред членството рече дека ДУИ се соочува со потешкотии и незадоволство. Тој не спомна ништо директно за оставките во партијата на високи функционери.

“ДУИ се соочува со потешкотии не само однадвор туку и со незадоволството кое доаѓа внатре од земјата. Во целост се обидуваме документите на партијата да ги почитуваме и спроведуваме. Но пред се е волјата на базата и тајното гласање. Тие се постулати за да работи една организација и ДУИ. Да не се мамиме едни со други дека ДУИ е изградена како фронт или движење за еднократна употреба, која треба да ја покрие прашината, додаде Ахмети.

За претседател на огранокот на ДУИ во Струга е избран поранешниот градоначалник и актуелен пратеник, Рамиз Мерко. На изборот присуствуваше најтесното раководство меѓу кои и Невзат Бејта, Талат Џафери, Муса Џафери, Абдулаким Адеми, Аднан Јашари, Бујар Османи, Изет Меџити.

XS
SM
MD
LG