Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ: опозицијата покажува очај и немоќ


Владеачката партија поладнево излезе со реакција на тврдењата на СДСМ. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со секоја нова прес-конференција, опозициската партија го покажувала очајот и немоќта во која е заглавена.

„Жално е и поразително што нивниот главен адут не се програма, идеи и проекти, туку сечени, монтирани, прилепувани и вадени од контекст материјали“, стои во реакцијата.

„Манипулацијата е видлива, СДСМ ќе извади разговори кои се однесуваат на сосема други ситуации и околности, ќе ги монтира и прилепи, и потоа ќе ги прикаже во неточен конктест кој само нив им одговара. Но дури ни тоа не им е доволно, па додаваат наратив и дообјаснување за лагата да биде потполна.“

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека вистината не е во сечените и прилепувани материјали, туку во она што навистина е направено и што е реално.

„Ниту шамар некому од опозицијата му бил удрен, ниту некој во ендек завршил, исто како што ниту некоја фирма била затворена поради политички мотиви или пак на било кого од опозицијата му е наштетено“, се вели во соопштението во кое се посочува дека плодот на работата на СДСМ во Општина Центар бил изградба на дивоградби, а на ВМРО- ДПМНЕ, реконструкција и проширување на булевари, мостови и паркови, нови автобуси, катни гаражи, плоштади, театри и државни институции.

XS
SM
MD
LG