Достапни линкови

Тука сме и не отстапуваме


Ѓорги Ставриќ, ученик во Гимназија „Јосип Броз Тито“, Скопје
Ѓорги Ставриќ, ученик во Гимназија „Јосип Броз Тито“, Скопје

Доколку нашите барања не се исполнети, бојкотот ќе продолжи да се одржува, а учениците нема да потпаднат на притисоците од персоналот и лажните ветувања на МОН. Ние сме Средношколскиот пленум кој и понатаму ќе се бори за едукативните права на средношколците без никаква друга позадина, пишува Ѓорги Ставриќ, Средношколски пленум, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Средношколскиот Пленум денеска брои 8 работни дена (12 дена вкупно) бојкот. Нашите барања и отпрвин беа децидни и јасни. Но, како што времето одминуваше и како што се ширеше револтот низ сите средни школи во Република Македонија ние бевме излажани, дискриминирани и потценети. Сè уште сме потценети и сè уште МОН не нè почитува како организација.

Средношколскиот Пленум беше заокружен од страна на одредени медиуми, беше етикетиран како „пара-организација“, инструмент на опозицијата и странските финансиери со цел да се загрози средното образование на Република Македонија.


Отпрвин, додека сè уште се формираше структурата на Средношколскиот пленум, беше пробано да ни се оцрни образот. Имиња на одредени личности беа ставени на плакати и флаери кои лажно пропагираа дека ние имаме партиска позадина и личен интерес за здобивање со парични средства преку Средношколскиот Пленум.

Нашите барања беа јасни:

- Да не се стави математика како задолжителен предмет за полагањето на Државната матура.

- Одложување на екстерното тестирање во период од 6 месеци

- Полагање на Државната матура според стариот концепт, и заемното укинување на новиот.

Средношколскиот Пленум имаше одржано два маршови поради тоа што МОН не сакаше да нè прими на средба, ниту пак да ги разгледа нашите барања. Повеќе пати пробавме да стапиме во контакт со МОН, како и со нивниот министер и заменик министер. Освен едно празно ветување дека ќе се одржи средба, ние бевме тотално изигнорирани од нивна страна. После првиот марш, Унијата на Средношколци на Македонија (УСМ) договори средба за неполни два дена. Овој парадокс ги зачуди средношколците на Република Македонија, како и јавноста, поради фактот дека УСМ е de-facto идентификувана како организација со неактивен статус. Средношколскиот Пленум беше заокружен од страна на одредени медиуми, беше етикетиран како „пара-организација“, инструмент на опозицијата и странските финансиери со цел да се загрози средното образование на Република Македонија.

Средношколците како и Средношколскиот пленум ги издржаа притисоците и целосно излегоа на сите маршови, иако тие не изразија доволна заинтересираност кај МОН. Со тоа започна бојкотот на средните училишта низ Република Македонија.

Првиот марш беше одржан на 19ти Март, а ние бевме надежни дека МОН ќе ја види нашата бројка а и со тоа дека ние ги претставуваме средношколците на Република Македонија. После првиот марш ние сè уште не можевме да договориме средба со МОН, и уште еднаш ние останавме невидливи во очите на институциите. Продолжија клеветите, гласините, и притисоците во поголема мера, така што имаше обид ние уште еднаш да бидеме оцрнети. Притисоци беа вршени од страна на персоналот во сите школи поединечно, особено од професори и директори.

Вториот марш беше одржан на 1-ви април, а ние и тогаш бевме перципирани како невидлива организација од страна на институциите. Откако видливо беше изразен нашиот став, МОН по втор пат не се засегна околу средношколците и како последица револтот дополнително продолжи да расте. Непосредно, како што времето одминуваше после вториот марш, притисоците и заканите ескалираа до тоа ниво каде што одредени ученици од сите школи беа заканети дека нема да ја поминат учебната година и/или ќе добијат исписници доколку се залагаат активно или неактивно да го поддржуваат Средношколскиот пленум.

Средношколците како и Средношколскиот пленум ги издржаа притисоците и целосно излегоа на сите маршови, иако тие не изразија доволна заинтересираност кај МОН. Со тоа започна бојкотот на средните училишта низ Република Македонија.

Бојкотот беше започнат во Скопје од страна на 7 гимназии, и за неколку дена се приклучија поголемиот дел од гимназиите во Република Македонија. Со започнувањето на бојкотот беа и сè уште се вршат притисоци, закани, уцени, манипулации, и селективно информирање и дезинформирање од страна на персоналот.

Доколку нашите барања не се исполнети, бојкотот ќе продолжи да се одржува, а учениците нема да потпаднат на притисоците од персоналот и лажните ветувања на МОН. Ние сме Средношколскиот пленум кој и понатаму ќе се бори за едукативните права на средношколците без никаква друга позадина. Ние сме тука, и нема да отстапиме.

XS
SM
MD
LG