Достапни линкови

Хојт Ји: Власта да се зафати и со содржината на „бомбите“


Американсккиот заменик помошник државен секретар за Европа и Азија Хојт Ји.

Американсккиот заменик помошник државен секретар за Европа и Азија Хојт Ји.

Важно е прислушувањето, но и содржината на разговорите, порача високиот американски дипломат Хојт Ји по средбата со премиерот Груевски. Ја повика владата со партнерите да работи на решавање на кризата.

Власта да се посвети подеднакво сериозно на содржината на прислушуваните разговори, колку што ги зема сериозно обвинувањата против лидерот на опозицијата Зоран Заев, порача американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Азија Хојт Ји, по средбата со премиерот Никола Груевски.

Ние ја повикавме владата и нејзините институции да ги земе обвинувањата и инсинуациите за злоупотреби на службената должност, за можното незаконско однесување, многу сериозно, најмалку толку сериозно како што владата ги зема обвинувањата против лидерот на опозицијата, господин Заев.

„Ние ја повикавме владата и нејзините институции да ги земат обвинувањата и инсинуациите за злоупотреби на службената должност, за можното незаконско однесување, многу сериозно, најмалку толку сериозно како што владата ги зема обвинувањата против лидерот на опозицијата, господин Заев“, рече Хојт Ји, кој денеска и утре се среќава со македонскиот државен врв и лидерите на опозицијата за да разговараат за кризата која настана по објавувањето на аферата „Пуч“ и „Прислушување“.

Американскиот висок претставник рече дека важен аспект на кризата е правната постапка што се води за прислушувањето, но исто така важен аспект на кризата за кој разговарале се информациите што беа откриени преку снимките што беа објавени.

И затоа ја повикуваме владата да работи со нејзините партнери за решавање на оваа криза со што ќе ја потврди определбата за интегрирање во ЕУ и НАТО и принципите и вредностите на кои почиваат тие организации, демонстрирајќи посветеност на највисоко ниво на владеење на правото, транспарентност, правичност, почитување на слободата на говорот и независност на судството.

„Информации за можна корупција на функционери, за можно неприлично влијание на владата врз медиумите и врз судството, за можни изборни злоупотреби и други можни злоупотреби на власта“, рече Хојт Ји.

Тој вели дека ја пренел пораката оти САД се силен поддржувач на македонските евро-атлански интеграции, а иднината на земјата во ЕУ и НАТО ја поддржуваат не само САД, туку како што рече и мнозинството од македонскиот народ, како и многу европски земји.

„И затоа ја повикуваме владата да работи со нејзините партнери за решавање на оваа криза со што ќе ја потврди определбата за интегрирање во ЕУ и НАТО и принципите и вредностите врз кои почиваат тие организации, демонстрирајќи посветеност на највисоко ниво за владеење на правото, транспарентност, правичност, почитување на слободата на говорот и независност на судството. Затоа ги повикувам сите чинители во општеството, вклучително и медиумите, граѓанското општество, политичката опозиција да направат се што можат да го промовираат овие вредности - темел на евроатланската заедница“, рече тој.

Осврнувајќи се на опозицијата, Хојт Ји рече дека се надева оти опозицијата ќе може да се врати во Парламентот што е можно поскоро за да може да ја одиграат демократската улога за која се избрани.

„Се надеваме дека Македонците ќе работат заедно за излезе од оваа криза, ќе одиграат конструктивна улога за да се најде излез од оваа криза и да се фокусираат на она што е навистина битно, а тоа е интегрирањето во ЕУ и НАТО, посилна економија и подобра клима за привлекување странски и домашни инвестиции кои ќе создадат нови работни места и подобра иднина за граѓаните на Македонија“, рече американскиот дипломат.

На средбата со премиерот, како што рече Хојт Ји, станало збор и за меѓусебната соработка на полето на културата и образованието, а САД се благодарни и за помошта што ја дава македонската армија во мисиите предводени од НАТО и сојузниците.

Кабинетот на премиерот, пак, соопшти дека двајцата соговорници се согласиле оти актуелната ситуација во земјата штети на имиџот на државата и изразиле уверување дека истите предизвици треба да бидат надминати во што побрз период низ институциите на системот.

Соговорниците ја истакнале и значајноста од институционалниот дијалог и потребата и приоритетот од активна партиципација во Собранието на сите политички партии, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Хојт Ји денеска се сретна и со министерот за надворешни работи Никола Попоски и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Утре ќе се сретне со претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Во соопштението од МНР се наведува дека Хојт Ји и Попоски централно внимание посветиле на обидите на Македонија за деблокада на интеграцијата во НАТО и Европската унија.

Од СДСМ денеска брифираа дека на средбата со нивното раководство на американскиот дипломат ќе му ги презентирале веќе познатите нивни позиции. Конкретно, велат од партијата, ќе нагласеле дека инсистираат на формирање преодна влада, смени на Јавниот обвинител Марко Зврлевски и обвинителот за гонење на организиран криминал Јован Илиевски и смена на раководството на Македонската радио телевизија. Со тие позиции, тврдат од опозициската партија, настапиле и на разговорите во Брисел, чија втора рунда заврши вчера. Според извори од СДСМ, тоа е единствената опција за излегување од политичката криза во Македонија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG