Достапни линкови

Русија загрижена од тесните врски на Шведска и Финска со НАТО


Руското министерство за надворешни работи соопшти дека потезите на Финска и на Шведска кон поблиски врски со НАТО претставуваат причина за сериозна загриженост. Финска веднаш реагира дека никој од надвор не може да се меша во нејзините одлуки со кого ќе се здружува.

До овие коментари на Москва дојде откако министрите за одбрана на Шведска, Норвешка, Финска, Данска и Исланд во заеднички напис велат дека северна Европа мора да се подготви на евентуална криза или инциденти со Русија. Финска, која граничи со Русија, и Шведска не се членки на НАТО, но ја зацврстуваат соработката со Алијансата.

Финскиот премиер Александар Стуб оцени дека соопштението на руското министерство за надворешни работи претставува ѕвецкање со мечеви, но оти никој од тоа не треба да биде заплашен.

„Ниедна земја нема вето на одлуките на Финска“, наведува Стуб кој додава дека би сакал да ја види Финска во редовите на НАТО.

Тој оцени дека работите се смениле по кризите во Грузија и во Украина што имаа големи последици по безбедносната политика во регионот.

Во написот министрите на петте нордиски земји оценуваат дека руските лидери покажале оти се подготвени да употребат воени средства за да постигнат политички цели.

Руските сили влегоа длабоко на територијата на Грузија за време на петдневната војна во 2008 година.

Неодамна Москва сигнализира договори со руските сепаратистички региони Абхазија и Јужна Осетија со цел целосно интегрирање со Русија.

Во написот министрите на петте нордиски земји оценуваат дека руските лидери покажале оти се подготвени да употребат воени средства за да постигнат политички цели.

Тие исто така оценуваат дека Русија претставува најголемиот предизвик за европската безбедност. Според нив, на Балтикот постојано растела руската воена и разузнавачка активност.

Написот на министрите беше предизвикан од постојаното растење на тензиите во Европа по руската анексија на Крим пред една година и поддршката на Москва на проруските бунтовници во источна Украина.

Со голем број руско малцинство кое живее на Балтикот, загриженоста постојано се зголемува од можна руска интервенција.Поради тоа Естонија веќе побара постојано присуство на НАТО сили во таа земја.

Естонскиот претседател Томас Илвес изјави дека Естонија била една од земјите кои на заканувачки начин се спомнуваат од страна на Русија. Во Естонија во моментов има 150 американски војници, но тоа не е постојана мисија.

НАТО вети 5 илјади војници и нови командни центри во шест поранешни советски републики, вклучувајќи ја и Естонија.

Во меѓувреме зачестија блиските средби во воздухот меѓу воени авиони на НАТО и на Русија. Соединетите држави упатија протест поради пресретнувањето нивен извидувачки авион од руски борбен ловец минатата недела.

Портпаролот на Пентагон Марк Рајт изјави дека Вашингтон упатил протест до Москва преку дипломатски канали по инцидентот што се случи на 7 април над Балтичкото море. Се наведува дека тоа било небезбедно и непрофесионално однесување.

Руските власти демантираат дека нивниот пилот направил нешто лошо. Ова не е прв пат што Вашингтон протестира до Москва за слични вакви блиски средби во воздухот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG