Достапни линкови

Турски тек и многу неодговорени прашања


Ако поради противењето на ЕУ, проектот Јужен тек беше прекинат, нема никакви гаранции дека Унијата ќе врши притисок и против реализацијата на Турскиот тек.

Во моментов сè повеќе се интензивираат разговорите меѓу Русија и Турција околу можната реализација на новиот голем гасоводен проект, „Турски тек“. Во зависност од исходот на преговорите, ќе се знае и кои земји потоа би се вклучиле во проектот, кој треба да го донесе рускиот гас преку Црното Море и Турција до Централна Европа.

Македонија е една од земјите кои имаат интерес за приклучување во проектот и во таа насока министерот за надворешни работи Никола Попоски во Будимпешта имаше средба со неговите колеги од Србија, Грција, Унгарија и Турција.

За да не се случи какво било изјаловување на кој било проект, постои добра волја и сме отворени за соработка со сите. Ова е конкретно за „Турски тек“ од тие аспекти кои се познати.

Државата мора да обезбеди доток на гас, истакна Попоски по средбата, бидејќи тоа е еден од најчистите и економски најисплатливи ресурси. Тој вели дека за можната реализација е потребна инфраструктура и финансии кои државата ги нема, но значаен аспект е и како ќе реагира Европската унија. Попоски потенцира дека земјите учеснички на министерската средба во Будимпешта го поздравиле присуството на претставниците на Европската комисија.

„Од сите овие земји има согласност дека имаме потреба од гас, дека во моментов не постои инфраструктура и дека за кој било изводлив проект ќе треба да се мобилизираат финансии кои во моментов овие држави ги немаат. И за да не се случи какво било изјаловување на кој било проект, постои добра волја и сме отворени за соработка со сите. Ова е конкретно за „Турски тек“ од тие аспекти кои се познати“, рече Попоски.

Илустрација.

Илустрација.

Атанаско Тунески, кој е експерт за енергетика од Машинскиот факултет во Скопје, вели дека Македонија е енергетски зависна земја и поради тоа донесувањето на гас ќе значи позитивен чекор и од економски и од еколошки аспект, но вели Македонија е сè уште далеку од реализација на таков проект.

Ако таму велевме дека поради притисокот на Европската унија или нејзините влијанија врз Бугарија тоа се прекина, сега треба да се види дали можеби во даден момент од во иднина истиот притисок нема да произведе ист ефект во однос на Грција. И Грција, како и Бугарија, е членка на Европската унија.

„За да речеме дека проектот сериозно ќе почне, мора прво взаемна согласност од сите земји и ќе речете дека тоа веќе е направено. Но, остануваат сите оние прашања кои останаа неодговорени уште од „Јужниот тек“. Ќе треба да се одговори зошто мислиме дека „Турскиот тек“ преку Грција, Македонија, Србија и Унгарија ќе профункционира, а „Јужниот тек“ преку Бугарија и Србија со крак до Македонија, Унгарија, Австрија и Хрватска, не можеше да профункционира. Значи ако таму велевме дека поради притисокот на Европската унија или нејзините влијанија врз Бугарија тоа се прекина, сега треба да се види дали можеби во даден момент од во иднина истиот притисок нема да произведе ист ефект во однос на Грција. И Грција, како и Бугарија, е членка на Европската унија“, вели тој.

Гасификацијата би значела поевтина енергија за домаќинствата и стопанството, вели Тунески, но посочува дека ако проектот биде реализиран, неминовно ќе биде зголемено политичкото и економско влијание на Русија.

„Интересот на Русија е двоен. И економски, да го продаде ресурсот што го има, по што е можно поголема цена и политички да влијае врз земјите низ коишто тој гас врви. Во сите овие глобални политики јасно е дека интересот на Русија е што повеќе да продре во овој дел од Европа, во случајов преку Грција, Македонија, Србија и Унгарија, или пак, преку Грција и Италија“, вели Тунески.

Гасоводот „Јужен тек“ беше замрзнат поради несогласувањата на Русија со Европската унија околу украинската криза. Плановите за неговата замена „Турскиот тек“ се до крајот на 2016 година до турско-грчката граница да биде изграден гасовод со капацитет од 63 милијарди метри кубни годишно.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG