Достапни линкови

Власта веќе не спие мирно


Серијата потези со кои власта направи неколку отстапки во одредени закони, а промовира само позитивни мерки, особено во сферата на економијата, покажува дека опозициските бомби извршиле некакво влијание врз нејзиното однесување.

Иако за власта сценариото на опозицијата и „бомбите“ кои таа ги објавува се погубно сценарио за земјава, а разговорите кои се презентираат се креирани, монтирани и сецкани, сепак владините претставници не можат да спијат веќе мирно на Илинденска, оценуваат домашните аналитичари.

Факт е дека владата не е толку активна колку што беше. Ја тераат сега политиката во однос на економијата, привлекувањето на инвестициите и некако се затворени во овој круг, веќе не се толку присутни во јавноста, не се толку наметливи, претпоставувам дека има влијание, сериозно влијание има, особено кај неопределените гласачи кога ќе слушнат што сè се случува, иако сите го земаме некако тоа со блага доза на резерва.
Никола Дујовски, универзитетски професор.

Професор Никола Дујовски вели дека серијата потези со кои власта направи неколку отстапки во сферата на одредени закони, а промовира само позитивни мерки, особено во сферата на економијата, покажува дека опозициските бомби извршиле некакво влијание врз нејзиното однесување.

„Факт е дека владата не е толку активна колку што беше. Ја тераат сега политиката во однос на економијата, привлекувањето на инвестициите и некако се затворени во овој круг, веќе не се толку присутни во јавноста, не се толку наметливи, претпоставувам дека има влијание, сериозно влијание има, особено кај неопределените гласачи кога ќе слушнат што сè се случува, иако сите го земаме некако тоа со блага доза на резерва“, вели Дујовски.

Никој не знае како да најде чаре, и тие самите, ги гледам и по лице и по однесувањата, никој не знае како да најде чаре што би било подобро за сите.
Башким Селмани, универзитетски професор.

Професор Башким Селмани, пак, забележува дека владата има и морална и правна одговорност пред јавноста, особено откога таа беше запознаена со дел од прислушуваните разговори. Владата, вели Селмани, ја губи не само довербата кај граѓаните, туку и личната самодоверба.

„Никој не знае како да најде чаре, и тие самите, ги гледам и по лице и по однесувањата, никој не знае како да најде чаре што би било подобро за сите“, вели тој.

Дали опозициските бомби до таа мера ја разнишаа довербата на граѓаните во власта, можат да покажат само избори, дециден е Дујовски, но само ако тие бидат спроведени согласно изборниот законик и без партиски влијанија.

„Ниту опозицијата успева да се наметне докрај, ниту владата е премногу загрижена или барем така надворешно изгледа во однос на сето ова. Но очекувам во наредниот период дека ќе се случат сериозни работи за коишто владата ќе треба сериозно да поработи во однос на подигањето на својот авторитет, не е можеби лошо да се размислува што поскоро за избори“, вели Дујовски.

Селмани вели дека во нормална демократска држава, оставки во владините редови ќе имаше веднаш по објавувањето на првата опозициска бомба. Власта се однесува неодговорно, а со потезите со кои купуваат социјален мир, дополнително ги нервираат граѓаните, оти тие не им веруваат, вели Селмани.

„Тие уште повеќе ги провоцираат граѓаните, никој повеќе не им верува на тоа, значи тие сакаат да го тргнат вниманието на друго место“, вели тој.

Сепак, нашите соговорници од одговорност не ја исклучуваат ниту опозицијата. Истакнуваат дека не се доволни само материјалите кои се презентираат за да се дојде на власт, туку политичкиот дијалог на двете страни кој во моментот е повеќе од потребен.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG