Достапни линкови

Велигденско послание на г.г. Стефан


Поглаварот на МПЦ-ОА г.г.Стефан во своето Велигденско послание денеска честитајќи им го празникот на верниците нагласувајќи дека веќе дваесет века го прославуваме Велигден и ја празнуваме победата на животот над смртта, праша дали празнувањето е соодветно на постапките и дали со своите дела покажуваме дека сме го одбрале животот и дека живееме богоугодно!?

“Вечниот живот е во познанието на вистинскиот Бог (сп. Јн. 17, 3), во живеењето според законите Божји, зашто суштината на сè е да се боиме од Бога и да ги исполнуваме Неговите заповеди, а сето тоа е спасоносно за нас луѓето (сп. Проп. 12, 13). До такво богопознание не може да се дојде без претходно себепознание, коешто е една од најголемите добродетели. Па затоа, да погледнеме подлабоко во своето срце и да се потрудиме да го очистиме од секоја трага на себељубие, коешто упорно се обидува да нè врати под власта на гревот и на смртта” наведува г.г. Стефан во своето велигденско послание.

Во него тој пишува и дека сите денешни неволји, маки и проблеми во животот, за нас како поединци и како семејства, и во општеството во кое живееме, па и во целиот свет, настануваат кога лицемерно се однесуваме и не дозволуваме во нашите срца да царува љубовта на Воскреснатиот Христос.

“Современиот свет е надвладеан од себељубието, отуѓеноста и оддалеченоста, што силно влијае врз сите аспекти на човековото живеење. Затоа е потребно да застанеме цврсто во одбрана на нашето вековно христијанско предание, оставено како аманет од нашите предци. Не смееме да дозволиме денес, во време на слобода и културен и научен напредок, други вредности да го поткопаат она што нашите постари во ропство и немаштија со векови го негувале и зачувале” порачува г.г. Стефан во своето послание.

XS
SM
MD
LG