Достапни линкови

Груевски и Заев им го честитаа Велигден на верниците


Премиерот Никола Груевски по повод Христијанскиот празник - Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, г.г. Стефан и до сите православни верници во Република Македонија и во дијаспората. Велигден, како што посочува премиерот, е денот кога се празнува Христовата жртва за човековото спасение, тоа е празник на љубовта, почитувањето на животот, и вербата во спасението.

“Велигден е длабоко вкоренет во нашата православна традиција и меѓу православните граѓани кои со голема радост и почит пристапуваат кон празнување на овој ден. Велигден е и празник кој во себе ја носи универзалната и цивилизациска порака на љубов и взаемно почитување, на соживот и разбирање. Секој човек поминува низ мигови на искушенија, наш предизвик е да ја пронајдеме силата во себе да се издигнеме над предизвиците на телото и умот и со божја волја да го избереме вистинскиот пат, патот на почитување, на сакањето, да си помагаме и да не си грешиме или да си предизвикуваме зло еден на друг. Примајќи го зборот божји во нашите срца, даваме мир и спокој на душата. Обединети околу овие вредности треба да чекориме напред, сите заедно да придонесуваме во напредокот и развојот на нашата заедничка држава Република Македонија” стои во честитката.

И лидерот на СДСМ Зоран Заев претходно го честиташе христијанскиот празник наведувајќи дека ова е периодкога можеби повеќе од кога било сме исправени пред најголемите предизвици како граѓани и како држава – да покажеме храброст и зрелост и цврсто и непоколебливо да застанеме на страната на вистината, правдата, почитта кон различностите, на страната на човековото достоинство што ја ослободуваат душата и обезедуваат спокоен живот.

“ Бидејки во светите празнични денови, посилно од вообичаено сме посветени на значењето на духовните вредности, се надевам дека годинешното чествување на Велигден ќе ја засили вербата и определеноста како индивидуи, но и како општествена заедница, да ги исполниме и негуваме овие свети универзални должности”се наведува во честитката.

XS
SM
MD
LG