Достапни линкови

Неделен печат - Последиците од „бомбите“ на Заев


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Глобус пишува за крадците на животи, Република го анализира спорот за името во контекст на прислушувањето, а Фокус смета дека економијата е залутана.

Глобус - Крадците на животи

Крадците на животи се ујдисаа со крадци на вистината, а злостор е да се краде вистината. Многу диктатори низ историјата се обиделе и не успеале. Вистината не може да се украде и убие, секогаш излегува на виделина.

За „крадците на животи“ и за „крадците на столетието“ пишува колумнистот на Таленти во најновиот број на он-лајн магазинот Глобус. И, иако не ги признаваат содржините на прислушувањето, вели авторот, крадците на животи се во вистинска офанзива да ги поништат сведоштвата за криминал и корупција во власта. Крадците на столетието имаат сесрдна поддршка од медиуми и новинари, осведочени крадци на вистината, кои со големи пари од буџетот и од партиската каса ја наплатуваат својата верност. Крадците на животи се ујдисаа со крадци на вистината, а злостор е да се краде вистината. Многу диктатори низ историјата се обиделе и не успеале. Вистината не може да се украде и убие, секогаш излегува на виделина, порачува колумнистот во Глобус.

Собирање потписи за Заев да се прогласи за велепредавник.

Собирање потписи за Заев да се прогласи за велепредавник.

Република - Со името нема политика (политикантство)

Бидејќи во овие девет години се виде дека Груевски не е тој што го затвори прашањето, пологично е Заев со наметнувањето на овој проблем да не создава проблеми и за Македонија и за себе, но и за својот наследник кој ќе треба да се занимава со ова прашање ако дотогаш не биде решено.

„Со името нема политика (политикантство)“ порачува авторот на колумната во Република, кој потсетува на специфичната позиција што ја има спорот за името во македонската внатрешна и надворешна политичка агенда која мора, вели, да биде почитувана од сите македонски политички фактори. Веројатно поттикнат од навестувањата дека опозицискиот лидер ќе објави снимени разговори од кои ќе се види дека ектуелниот премиер всушност преговарал за името, колумнистот порачува дека не треба да се предизвикува штета на тој што еден ден ќе мора да го затвори проблемот. Бидејќи во овие девет години се виде дека Груевски не е тој што го затвори прашањето, пологично е Заев со наметнувањето на овој проблем да не создава проблеми и за Македонија и за себе, но и за својот наследник кој ќе треба да се занимава со ова прашање ако дотогаш не биде решено. Ниту еден грчки премиер нема да сака да преговара според старите принципи ако дознае до каде оди максимумот или минимумот македонски позиции во преговорите и за тоа мора да бидат свесни сите што се закануваат со разговори поврзани со името, предупредува Република.

Фокус - Залутана економија, изгубени Јапонци

„Залутана економија, изгубени Јапонци“ гласи насловот на воведната колумна во најновиот Фокус, во која авторот прави паралела со случката со јапонскиот војник кој триесет години по завршувањето на Втората светска војна се криел во прашумите на Филипини, бидејќи никој не му јавил дека крајот дошол со бомбите врз Хирошима и Нагасаки. Па пишува за своето чувство дека некои од „домобраниве“ уште долги години ќе талкаат низ нашиве бетонски шуми, трагајќи по античките корени и славомакедонските предавници. Ќе чекаат, вели, да се појави наредбодателот за да им каже кој пат да го фатат. Во надеж дека некој од нив има ајпад, можеби некој со време ќе им јави на Фејсбук дека бомбите на Заев врз Груевски се веќе фрлени, дека Македонија, пред и по објавените материјали, веќе не може да биде истата земја на несреќни и поделени луѓе, уништена и систематски ограбувана. Дека тоа е завршена приказна, која чека да биде допишана - завршува Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG