Достапни линкови

Промоција на Илустрирана библиска етика во МКЦ


Со изложба и концертни настапи, в четврток на 9 април, со почеток од 20 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи промоцијата на книгата „Илустрирана библиска етика“. Станува збор за објава во која се поместени 100 цртежи на изреки од Библијата и чија цел е да ги погледне, протолкува и рефлектира вековните вредности преку современа ликовна интерпретација на неколкумина македонски уметници.

Иван Ивановски, Горан Дачев, Никола Радуловиќ, Владимир Лукаш, Атанас Ботев, Ѓорѓе Јовановиќ, Андреј Анастасов – Даскаловски и Миле Ничевски се уметниците чии цртежи на изреки од Библијата се поместени во книгата „Илустрирана библиска етика“. Промоцијата на ова остварување, чија цел е да ги погледне, протолкува и рефлектира вековните вредности преку современа ликовна интерпретација, е предвидено да се одржи овој четврток, од 20 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје.

Се задржав на изборот „Библиска етика“ затоа што самиот процес на селектирање на изреки од Библијата е наметнување став сам по себе, а тоа сакав да биде преку цртеж, преку медиумот преку кој ние најдобро се изразуваме.

Во пресрет на овој мултимедијален настан со изложба и концертни настапи, професор д-р Светлана Камџијаш, ќе забележи дека „библиските изреки овде се само појдовна точка за асоцијација, за сопствено доживување или отклон во сопствена парабола“. Таа дополнува дека „секој од овие уметници, со лично изграден ликовен јазик влегува во сопствено двојно кодирање каде самата изрека и првиот слој на нејзиното читање се во контрапункт со останатите слоеви“. Вели дека „категоријата возвишено или возвишувачко не може да го најде местото меѓу овие цртежи“ и дека „со нужната дистанца, тие се пред сè проблематизирање, преиспитување, а често и пародизирање на етичките насоки со што на нивниот одглас во постмодерната епоха му се дава сосема друг тон на екстремно личното, мета-ниво на содржината, кај некои од нив профанизирано, а понекогаш вулгаризирано доживување, настанато од игрите со зборови“.

Секој од нас осуммина има свој ликовен стил и секој различно му пристапува на проблемот. Некој ги става ситуациите во денешен контекст, некој доста реферира кон поп уметноста или кон симболите на масовните медиуми, друг ги става во општествен контекст изреките, трет игра со симболи, така што сите си имаат свој различен пристап на оваа тема и тоа ја прави книгата доста интересна.

Ивана Васева, куратор и историчар на уметност, во текстот „Уметничкото дело како морален агент или цртежот како морален агент на пораката“, констатира дека она што е карактеристично за овој проект е дека не поставува претходно зададени вредности и нема умислена цел. Појаснува дека „таа е најпрво создадена за да ги покаже креативните цртачки вештини на оваа група автори“, потем и дека е „своевиден обид и експеримент да се направи еден вид современо списание за цртеж, каде што преку една вековна тема – човечкото однесување – ќе се покажат современите размисли за цртеж и за неговиот развој и растеж во современиот свет“.

Од друга страна, уметникот Иван Ивановски истакнува дека идејата за проектот била зачната во моментот кога кај Горан Дачев го нашол џебното издание од книгата насловена „Библиска етика“ кое се состои од изреки од Стариот завет. Додека ги читал изреките кои се некаков кодекс на добро однесување, изреки од типот „Не земај мито зашто митото ги заслепува очите и ја расипува душата!“, помислил што ќе се случи ако овие изреки се стават во современ, денешен контекст во нашето општество. Тоа го инспирирало да почне да црта, а во проектот се вклучиле и авторите за кои тој вели дека се најрелевантните на македонската цртачка сцена и нешто потоа сите заедно ги направиле 100-те изреки кои се наоѓаат во книгата.

„Се задржав на изборот „Библиска етика“ затоа што самиот процес на селектирање на изреки од Библијата е наметнување став сам по себе, а тоа сакав да биде преку цртеж, преку медиумот преку кој ние најдобро се изразуваме“, вели тој.

Ивановски дополнува дека секој од авторите си има свој специфичен ликовен израз и дека цртежот го третира како уметност и како свое изразно средство, но потенцира дека токму и поради тоа книгата изгледа навистина богато.

„Секој од нас осуммина има свој ликовен стил и секој различно му пристапува на проблемот. Некој ги става ситуациите во денешен контекст, некој доста реферира кон поп уметноста или кон симболите на масовните медиуми, друг ги става во општествен контекст изреките, трет игра со симболи, така што сите си имаат свој различен пристап на оваа тема и тоа ја прави книгата доста интересна“, вели Ивановски.

Инаку, мултимедијалната промоција на книгата „Илустрирана библиска етика“ ќе започне со настап на Женскиот младински хор на МКЦ и Јанинка Невчева на органа кои ќе го изведат делото „Lux Aeterna“ од Александар Пејовски, специјално компонирано за оваа пригода, а од 22 часот на платото пред оваа наша градска институција планирано е свои перформанси да имаат Ice Soul Combo, К.Н.Н.Т и Арлекин.

„Многу е интересно кога повеќе медиуми се спојуваат со цел да пренесат некаква идеја. Тоа Александар Пејовски го прави преку музика, а исто така бендовите и артистите што ќе настапат таа вечер ќе понудат некаков вид специјален перформанс којшто ќе биде инспириран од илустрациите и од Книгата со изреките. Се обидуваме да заокружиме една поголема идеја, едно поинакво гледиште преку различни медиуми и сето тоа да допре до публиката многу поспонтано“, ќе рече Ивановски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG