Достапни линкови

Бакрачески се пофали за сработеното, опозицијата критикува


Со асфалтирање улици, канализација, намалување на долгот на Општина Охрид, се пофали градоначалникот Никола Бакрачески. Опозицијата критикува дека не е направено ништо покрупно.

Актуелниот градоначалник на Охрид, Никола Бакрачески, вели дека направил многу за градот во изминатите две години. Во неговиот отчет за сработеното ги наброја сите проекти кои ги реализирал, почнувајќи од асфалтирање на улици и локални патчиња, поставување на канализациона и водоводна мрежа, изградба на плоштади и други активности. Биле асфалтирани повеќе од 66.000 метри квадратни улици во градот.

Јавните претпријатија не генерираат нови долгови, а некои дури остваруваат позитивни резултати во работењето. Општината од 4 април 2013 година до март 2015 исплатила повеќе од 491 милион денари од обврските по сите основи.
Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.

Според Бакрачески она што требало да се издвои е што успеале да го стабилизираат финансиското работење на општина Охрид.

„И за прв пат после период од петнаесеттина години создадовме услови во кои долговите на општината не само што тие повеќе не растат, туку имаат и сигнификантен тренд на опаѓање. Јавните претпријатија не генерираат нови долгови, а некои дури остваруваат позитивни резултати во работењето. Општината од 4 април 2013 година до март 2015 исплатила повеќе од 491 милион денари од обврските по сите основи“, рече тој.

Немаме ништо добиено од таа најавувана индустриска зона, немаме никакви инвеститори.
Јован Стојаноски, СДСМ.

Општината, потсети Бакрачески, ја затекнал во финансиски хаос и пред банкрот. Според него, вкупниот долг денес бил намален за повеќе од 175 милиони денари. Охрид, рече градоначалникот, конечно ќе добие затворен зелен пазар, а работите ќе почнеле на лето. Тој наредните две години од неговиот мандат ги нарече револуционерни.

„Следат револуционерни години за развој на Општина Охрид. Но, не од утре не после еден месец, не после неколку месеци. Реализација на проектите планирани за наредните две години, почнува од овој момент и од сега“, рече охридскиот градоначалник.

Но, опозицијата не се согласува со ставовите на Бакрачески.

„Тоа е автобуската станица, затворениот градски пазар, завршена е одредена постапка меѓутоа никакви градежни активности не се започнати и други проекти. Немаме ништо добиено од таа најавувана индустриска зона, немаме никакви инвеститори. Градоначалникот најави два гиганти во автомобилската индустрија кои биле дојдени, а тоа се ОДВ електрик. Но, немаме масовни вработувања во Охрид“, вели Јован Стојаноски од СДСМ.

Граѓаните на Охрид велат дека, иако биле направени некои работи, сепак на Бакрачески му останувало уште работа.

„Треба градот да се среди. Тој се труди, но изгледа нема пари и толкави му се можностите. Треба да се подобри инфраструктурата“, рече граѓанин на Охрид.

„Има многу што треба да се направи. Пазарот треба да се среди, катни гаражи ветуваа. Фонтани нема на многу места, нема градски вц-иња, а тука и надвор ќе се вработи“, вели жителка на Охрид.

XS
SM
MD
LG