Достапни линкови

logo-print

Поројните дождови ги однесоа патиштата во прилепско


Големо свлечиште коешто е сериозна закана да повлече голем од трупот на патот во реката има на единствениот пат што води за прилепскиот дел од Мариово, а свлечиште се појави и на другата страна од Прилеп, на превојот Дервен.

Долготрајните дождови предизвикаа појава на свлечишта во прилепско-мариовскиот регион. На единствениот пат што води за прилепскиот дел од Мариово има големо свлечиште, коешто е сериозна закана да повлече голем од трупот на патот во реката. Неопходна е итна интервенција и санација, во спротивно ќе останат отсечени од цивилизацијата околу 300 жители од Мариово кои живеат во десетина села.

Ако се остане во оваа состојба сега да не се интервенира, можно е да дојде до затворање на патот, односно цел пат да се свлече до реката.

„На патниот правец во изминативе десетина дена се забележаа слизнувања на земјиштето во кои е опфатен и трупот на патот. Слизнувањата се со поголем обем и сообраќајот досега се одвива тешко, а нужно е да се преземат мерки за натамошно функционирање на сообраќајот. Ако се остане во оваа состојба сега да не се интервенира, можно е да дојде до затворање на патот, односно цел пат да се свлече до реката“, вели Гоце Стефаноски, раководител на подружницата на `Македонија пат` во Прилеп.

За полесни возила можеби не е толку голема опасноста, но сепак мојата препорака е да се избегнува овој пат засега. Овој е единствен пат кој води за Мариово, значи немаме алтернативен пат.

Според надлежните, овој патен правец треба да се избегнува сè додека состојбата не се стабилизира целосно и патот не биде ставен во функција. А, патот го минуваат секој ден, тешки товарни возила на фирмите кои експлоатираат руди во Мариово. Фреквенцијата во сообраќајот е уште поголема поради честиот транспорт на јагниња пред велигденските празници.

„Се надевам дека за брзо време овој пат ќе биде затворен за тешки товарни возила, ќе имаме дотур на дрва, од Ј.П. `Македонски шуми`, исто така неколку рудници на мермер и гранит работат на територијата на Мариово. За полесни возила можеби не е толку голема опасноста, но сепак мојата препорака е да се избегнува овој пат засега. Овој е единствен пат кој води за Мариово, значи немаме алтернативен пат“, вели градоначалникот Марјан Ристески.

Свлечиште на патот се јави и на другата страна од Прилеп, на превојот Дервен.

„На Дервен е затворен патот, иако е од четврта категорија, сепак е непрооден од големо свлечиште, можеби над 1000 метри кубни материјал, под превојот Дервен, еден километар или на околу 40-от километар на патниот правец и во овој момент не знаеме како ќе постапиме таму“, истакнува Стефаноски.

За оваа состојбата на патиштата којашто досега не била карактеристична за прилепскиот регион се известени сите надлежни служби во државата, јавното претпријатие за регионални и магистрални патишта, Министерството за транспорт и врски и ЕВН, со цел да се следи состојбата и да се превенираат евентуални поголеми последици.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG