Достапни линкови

Сомнежите за криминал ги бркаат инвеститорите


Илустрација.
Илустрација.

Информациите за плаќањето провизии во меѓународниот бизнис може да внесат сомнеж и да ги дистанцираат странските инвеститори од Македонија во наредниот период, доколку содржините од презентираните разговори се покажат како точни.

Економистите се загрижени дека информациите за плаќањето провизии во меѓународниот бизнис и објавувањето имиња на странски компании може да внесат сомнеж и да ги дистанцираат странските инвеститори од Македонија во наредниот период, доколку содржините од презентираните разговори се покажат како точни. Користењето провизии во бизнисот не е непозната работа. Познати се случаи на големи компании каде имало судски завршници околу добивање тендери, меѓутоа сето тоа оди прилично дискретно, вели професор Сашо Арсов, укажувајќи дека поинаку е кога тие информации протекуваат во јавноста.

Овие најавени инвестиции од владата во наредниот период, компаниите ќе размислат два пати дали да дојдат во една држава каде што само четворица или петмина одлучуваат и каде што институциите апсолутно немаат никаква моќ на носење одлуки.
Висар Адеми, економски аналитичар.

„Никој не би сакал да биде вклучен во една таква ситуација каде што се знае дека, да речеме, нешто се бара или се плаќа или се добива и уште повеќе да биде снимен во една таква ситуација, така што можно е да се очекува извесно дистанцирање на сегашните и идни странски инвеститори и не само странски инвеститори, туку воопшто оние што учествуваат во набавки, во тендери од една ваква земја, во една ваква ситуација каде што сето тоа е несигурно, каде што информациите протекуваат“, вели Арсов.

Илустрација.
Илустрација.

Опозицијата објави прислушувани разговори со кои, според нив, се докажува дека се договара провизија при набавка на опрема од компанија од Израел, а беа објавени и разговори дека била договорена провизија и за двата автопати што ги гради кинеска компанија. Премиерот рече дека опозицијата прави грешки со тоа што сака да ја наруши соработката со Израел и Кина, бидејќи договорите биле чисти како солза.

Тоа е ситуација каде што имаме отсуство на опозицијата од парламентот, потоа напади врз власта којашто не признава снимени разговори во кои има индикации за сериозен криминал, дури и на владини функционери.
Сашо Арсов, универзитетски професор.

По ова, економскиот аналитичар Висар Адеми се сомнева дека компании од развиените земји ќе имаат интерес да инвестираат во Македонија. Тој нагласува дека кај секоја сериозна фирма процесот за носење одлука за инвестирање трае подолго време и оти, поради она што го слушаат и гледаат, во наредниот период може да имаме промена на профилот на компании кои ќе имаат интерес за инвестирање.

„Овие најавени инвестиции од владата во наредниот период, компаниите ќе размислат два пати дали да дојдат во една држава каде што само четворица или петмина одлучуваат и каде што институциите апсолутно немаат никаква моќ на носење одлуки. Јас мислам дека компании од развиени земји навистина ќе ги нема во Македонија“, вели Адеми.

Економистите се загрижени дека генерално амбиентот за стопанисување со Македонија е нарушен со оглед на тоа што се случува и поради политичкиот амбиент.

„Тоа е ситуација каде што имаме отсуство на опозицијата од парламентот, потоа напади врз власта којашто не признава снимени разговори во кои има индикации за сериозен криминал, дури и на владини функционери“, вели Арсов.

Според него, негативниот политички и економски амбиент влијаат штетно врз привлекувањето инвестиции, не само во Македонија, туку каде и да е.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG