Достапни линкови

Жерновски - Власта не се бори за нов мандат, туку за главата


Жерновски - Власта се бори да си ја сочува главата
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:42 0:00

Жерновски - Власта се бори да си ја сочува главата

Имаме работа со луѓе, коишто се спремни буквално сè да направат за да останат на власт. Тие не мислат да дадат оставка, затоа што не се борат за уште еден мандат, тие се борат за својата глава, вели градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Жерновски, кон крајот на април центарци ќе гласаат на референдум за изгледот на ГТЦ. Стравувате ли дека може да се случи нов Пустец?

Не, не може да се случи нов Пустец или не би требало да се случи нов Пустец, бидејќи ценам дека паметот им дошол, особено по објавување на снимките. Но, и да се случи Пустец и два Пустеца да се случат, граѓаните ќе излезат. Од оние анкети што ги направивме, се очекува поголема излезност дури и од локалните и од парламентарните избори, така што не се сомневам во успешноста на референдумот.

Очекувате ли одлуката на граѓаните на Центар да биде почитувана понатаму или, пак, ќе може да се спроведе некаков контра-референдум на ниво на Град Скопје, кој ќе може да ги поништи резултатите на Општина Центар?

Слушнавме за тој контра референдум на први април и се надевам дека е во тој контекст. Како и да е, одлуката на текстот е задолжителна, тоа го има и во текстот кој беше изгласан и со тоа завршува прикаската околу ГТЦ.

Има забелешки дека за изгледот на ГТЦ треба да гласаат сите, бидејќи се работи за Градски трговски центар којшто е правен со донации од повеќе места, а не само со пари од граѓаните на Општина Центар. Како одговарате на овие тези?

Овој објект е на територија на Општина Центар. Општина Центар е таа специфична општина каде се наоѓаат 90 или 100 проценти од институциите, Парламентот, Владата, амбасадите итн., така што од таму ние полагаме основа на ова прашање. Како и да е, тоа беше главниот аргумент на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, јас им поставив едно прашање на кое до денеска не добив одговор, а тоа е зошто таа теза не важеше и за 500 милиони евра потрошени за Скопје 2014. Сè е во Центар изградено, гласаа советниците во Центар, а парите се буквално од сите граѓани на Република Македонија.

Го споменувавте Скопје 2014. Неколкупати досега најавувавте и можност за референдум за Скопје 2014-та. Ќе се реализира ли тој? Уште ли е во опција таа идеја?

Овој референдум е историски, не само за Центар, и за Скопје и пошироко, бидејќи ние ниту во Центар, ниту во Скопје немаме од 1991 ниту еден референдум. Кажав примери, во Германија имаме 200 референдуми на локално ниво, така што се надевам и сигурен сум дека од 26 април, од овој наш референдум ќе започне оваа пракса на нешто што е директно најавтентично учество на граѓаните во овие процеси и оттаму навистина ми е драго што ќе се случи референдум. Зошто не за Скопје 2014, зошто не за Водно, зошто не за многу други прашања? Ние сме тука како сервис за го спроведеме тоа што граѓаните го сакаат?

Господине Жерновски, скопјани постојано се жалат на недостиг од зеленило, особено во центарот на градот, постојано има некакви сечи на дрвја, а зеленилото сè повеќе го снемува. Сметате ли дека како градоначалник правите доволно за зголемување на зеленилото во градот?

Откако сум дојден јас и оваа постава во Општина Центар, за 100 проценти е зголемен буџетот за зеленило. Имаме речиси 300 дрвја засадено во овие две години, и тоа зборувам за висококвалитетни дрвја, значи не обични фиданки, туку дрвја што се по десетици години стари, меѓутоа злосторот што се случува со сечењето на дрвја е поради една законска обврска, односно можност што ја има само Град Скопје. Град Скопје е единствен, не само во Општина Центар, туку и во другите општини, што е задолжен за сечење на дрвјата, налогот го дава Град Скопје, а го извршува Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Тоа дури важи и ако сакате во свој приватен двор да исечете. За жал ниту јас, ниту другите општини сме немоќни по тоа прашање.

Тоа значи дека не можете буквално ништо да направите во врска со тоа?

Ние укажуваме, можеме да протестираме и други форми и нема да се откажуваме, меѓутоа тие може да дојдат во 4 наутро и да ги исечат дрвјата. Но, ние ќе садиме, реков дека тие не можат да уништат толку дрвја колку што ние можеме да посадиме. Треба да се одговара за тој злостор, тоа е злостор, нема дилеми.

Во една од таканаречените бомби на опозицијата, што вие ја презентиравте и се однесуваше на Општина Центар, имаше и разговор меѓу, како што се посочува, Мијалков и Латас, во кој меѓу другото се вели дека Црвенковски нудел трампа на Општина Центар за Општина Карпош. Како го коментирате тоа?

Немам такво искуство од локалните избори, напротив. Кажав веднаш после тоа и поддршката на СДСМ и на самиот Бранко Црвенковски, којшто тогаш беше претседател на СДСМ, беше огромна. На крајот на краиштата да не беше таа поддршка и таа максимална ангажираност буквално на сите што работевме во таа кампања, немаше да дојдеме до овој резултат. Тоа е искуството што јас го видов и не се оптоварувам со тоа што се случило зад мене, одам напред и тоа е мојата девиза.

Тоа значи дека вие мислите дека тој дел од разговорот во врска со Црвенковски можеби не е точен или дека сепак Црвенковски е подготвен да го направи сето тоа? Значи едно е вашето искуство, јас ве прашувам за мислење?

Не знам, не знам, не верувам дека е точно, затоа што не го осетив тоа, ќе го почувствував тоа и на терен, од екипата на Црвенковски и од самиот Црвенковски, значи моето мислење за тој разговор се базира на она што го видов, но не се оптоварувам дали е вистина воопшто.

Како поранешен лидер на ЛДП информиран ли се што сè поседува лидерот на СДСМ, Заев, од таканаречените докази за криминалното работење на власта?

Многу ми е драго што од самиот почеток со господинот Заев ги разменувавме сите информации што тој ги има околу овие материјали, јас уште тогаш бев запознаен, можеби не со сè, но со еден голем процент од суштината, содржината на разговорите и поради тоа и како таков тим настапувавме на трибините кои беа во организација на СДСМ и тогаш кажав дека има многу сериозни искази дека тие се факти, не ни веруваа тогаш многу граѓаните, особено медиумите, меѓутоа сега се виде дека тоа е точно.

Заев пред почетокот на објавувањето на бомбите најави дека откако ќе почнат да се објавуваат во рок од три дена Груевски сам да замине од власта. Помина месец и половина од почетокот на објавување на бомбите, сè уште нема ни најава за такви промени. Бидејќи сте запознаен со некакви материјали, има ли нешто што сметате дека може да доведе до таков исход?

Уште од првиот разговор Груевски требаше да си замине, не знам што поинаку ако има разговори што уште повеќе ќе докажат како работи оваа власт, суштината, режимската природа, тоталитаризмот на оваа власт, меѓутоа не, јас не сум оптимист дека ќе замине, бидејќи јасно треба да се каже тоа и во камера и во јавност дека тие остануваат на своите позиции, не мислат да дадат оставка, затоа што не се борат тие за уште еден мандат, тие се борат за својата глава, во тоа е работата.

Ако не очекувате Груевски да даде оставка, тогаш како очекувате да се разреши оваа криза?

Граѓаните го имаат последниот збор, како што се случи во Центар, како што ќе се случи на референдумот, така и ќе се случи на изборите коишто треба да дојдат, но изборите не може да ги организира оваа власт и го гледаме тоа. Мора да се направи преодна влада и она на што инсистира меѓународниот фактор, мора да се почне од една независна функција, независно функционирање на Јавниот обвинител. Се разбира, Груевски и екипата околу него не го сакаат тоа, бидејќи ако дојде јавен обвинител, којшто не мислам дека треба да биде однадвор, треба да биде од Македонија, но неговата работа и предметите, целиот процес да биде мониториран однадвор, тогаш е јасно дека екипата за којашто зборуваме денеска ќе заврши во затвор.

Засега се чини дека позициите на владата се цврсти околу тоа дека нема да прифатат формирање на преодна влада. Опозицијата инсистира на такво нешто за да оди на избори. Очекувате да се сменат позициите во овој дел за да се дојде до преодна влада?

Не, овој процес со бомбите ни даде нам како граѓани можност да го видиме вистинското светло на Груевски и прашањето беше по кој правец ќе тргне Груевски. Два правци беа можни, во правец на конечно реализирање на демократијата во Македонија и полека негово отстапување со доказ дека функционираат институциите во Република Македонија, пред сè судството, или ќе го видиме вистинското лице на еден режим, на еден човек којшто буквално контролира сè. Се случи ова второто, така што можеби се цврсти нивните позиции околу тоа дека не сакаат да си заминат, но ве уверувам дека внатре состојбата е прилично расклатена, а да не зборувам за нивната позиција на граѓаните. Реакцијата на Мијалков по 16-та бомба е круцијалната грешка што се јави во нивната стратегија и тој момент ќе биде исклучително битен понатаму.

Споменавте дека од она што го знаете, Заев поседува и материјали што уште повеќе, како што велите, ќе го покажеле режимското лице на власта. За какви материјали се работи поконкретно?

Ќе има уште подлабоки докази за коруптивниот начин, коруптивната природа со којашто се владеело досега и за жал, велам за жал, го потенцирам тоа, ќе излезат докази за една друга црта, особина на оваа власт, а тоа е дека имаме работа со луѓе, коишто се спремни буквално сè да направат за да останат на власт.

Сметате ли дека објавувањето на таканаречените бомби треба да влезе во нова фаза бидејќи дел од јавноста се чувствува заморено?

Не би рекол во нова фаза, би рекол дека сега треба да се направи едно заокружување на целиот процес и финиширање на оваа фаза со нешто поконкретно. Она што исто така го кажав неколку пати во јавноста, што треба паралелно да оди како стратегија на опозицијата е понуда на платформа и понуда на кадар. Една работа е тоа вие да не се задоволни како граѓани од ВМРО-ДПМНЕ и тоа се случува, во тоа не се сомневам, тоа е процес којшто само ќе оди подлабоко, бидејќи им е јасно, речиси на сите им е јасно, за жал поради контролата на медиумите, не допираат до секаде овие снимки, но ќе допрат, но друга работа е дали јас ќе гласам за вас како опција итн., тој дел да го завршиме, со исто така една порака што сакам да ја упатам, а тоа е опозицијата да ги обедини сите свои сили и мислам дека тогаш работата ќе биде завршена.

Препознавате ли понуди и платформа сега кај опозицијата или мислите дека допрва на тоа треба да се работи?

Треба дополнително, нормално сите се сконцентрирани на суштината на бомбите, суштината на овие докази, но знам дека паралелно се работи и ќе се излезе наскоро и пак велам само да се соединат редовите, сите што се опозиционери да застанат заедно, да нема суета и мислам дека ќе успееме.

Преговорите меѓу двете партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Брисел со посредништво на ЕУ почнаа. Македонија досега речиси секогаш, при секоја криза бара посредништво од страна. Способни ли сме проблемите да ги решиме сами дома или е неопходно такво медијаторство?

Тоа е главниот проблем и главната суштина на вашето прашање и затоа на почетокот кажав дека не треба да се бара јавен обвинител однадвор. Во што е проблемот? Проблемот е кога вие претендирате и го уверувате Вашингтон или го уверувате Брисел дека заслужувате да бидете полноправен член на она семејство наречено НАТО и наречено ЕУ, а во исто време барате посредништво и кажувате дека не сте спремни сами да се справите со една политичка криза, мошне сериозна криза, тоа едно со друго не оди и за жал тоа се лоши сигнали, меѓутоа треба да признаеме дека ние, за жал, ова сами не можеме да го изодиме, затоа што не е само длабока криза, туку едноставно не функционираат во овој момент полугите на системот, системот е во тотален колапс.

Очекувате ли нешто да промени ваквиот формат на разговори?

Јас не очекувам, јас знам дека ќе вродат, затоа што тие се повеќе од свесни, кај нив не проаѓа тезата дека под а: се лепен, сниман, додаден материјал и второ дека странски служби работеле. Ако некој знае дека се странски служби, тоа се тие, меѓутоа пристапуваат внимателно затоа што ова е длабока криза, секогаш го потенцираат тоа, затоа што имаме власт каква што имаме, но како што ќе проаѓа времето ќе видиме уште поконкретни критики за тоа каква власт имаме во Република Македонија и ќе видите дека тоа ќе се случува многу често преку вашите колеги од меѓународните центри.

Ќе има ли апсење на опозиционери?

Прво, јас две години живеам во таква атмосфера, живее и Зоран Заев, живеат и многу опозиционери, мислам дека веќе е доцна за едно такво сценарио доколку го планирале во ВМРО-ДПМНЕ, но исто така знам дека од нив можам се да очекувам, но веќе секој потег ќе биде само нивна поголем грешка, а евентуално апсење на Зоран Заев само дополнително ќе го мотивира народот да одлучи да преземе чекор што ќе значи конечна пресметка со овој режим.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG