Достапни линкови

Големите системски кризи вообичаено отвораат простор за радикални промени и идеи. Светската економска и европската должничка криза го отворија просторот за партии и движења од крајната левица и десница. Радикалните партии или движења во земјава, пак, досега вообичаено беа главно националистички, но во последните неколку години, радикализмот добива поинакво значење. Се појавија движења и идеи кои промовираат радикално поинакви, пред сè економски концепти за тоа како треба да биде уредена државата.

Македонија е во своевидна економска криза речиси од своето постоење, но генералната политичка и интелектуална мисла до пред неколку години се движеше меѓу вообичаените умерено леви или десни идеологии до кои помалку или повеќе се придржуваат. Радикалните партии или движења во земјава досега вообичаено беа националистички, но во последните неколку години, радикализмот добива поинакво значење. Се појавија движења и идеи кои промовираат радикално поинакви, пред сè економски концепти за тоа како треба да биде уредена државата.

Треба да ги прифатиме оние политики кои го олеснуваат патот на оние кои се најспособни да создаваат богатство, да ги прифатиме оние политики кои го олеснуваат патот на капиталот да ја најде својата најпродуктивна точка, најпродуктивната употреба и да ги прифатиме оние политики кои за работникот ќе значат дека ќе си носи дома што е можно поголеми приходи.

По долга пауза, речиси од падот на комунизмот и осамостојувањето на Македонија, гласно се појавува крајната левица. Од друга страна, за прв пат во Македонија организирано се промовира либертаријанската идеологија преку Либертаријанскиот клуб Атлас.

И едните и другите имаат иста цел – правда, слобода, еднаквост, економска благосостојба, но од друга страна начините како да се стигне до таквиот резултат се драстично различни.

Левицата се залага за прогресивно оданочување, односно побогатите луѓе да бидат оданочени со повисоки стапки, за потоа со тие пари да се влијае на социјална рамноправност. Од друга страна, либертаријанците се залагаат државната рака што помалку да влегува во џебот на граѓаните, а на луѓето да им се овозможи да создаваат толку колку што можат и знаат. Според нив, и со намалување на даноците и на државната потрошувачка ќе има доволно пари за социјални програми за оние кои од објективни причини се спречени да заработуваат.

Бојан Богевски од Либертаријанскиот клуб Атлас вели дека тие се залагаат за легализација на сè, односно да биде дозволено сè што е мирољубиво и доброволно прифатено од деловно способните граѓани.

„Во мејнстрим политичката терминологија либертаријанците се сметаат за фискално конзервативни, односно се залагаат за мала држава, минимум регулативи, ниски даноци, ниски давачки, ниски казни, односно што поголема слобода на поединецот да твори и да создава и да ги разменува производите со останатите граѓани. Од друга страна, се сметаме за општествено либерални и се залагаме за легализација буквално на сè што е мирољубиво и доброволно прифатено од засегнатите страни“, вели Богевски.

Тој вели дека историјата покажала дека економската слобода води до економски развој, но оти уште поважно е што заштитата на економските слободи е праведна. Главната премиса е дека секој знае најдобро како да ги потроши своите пари, вели Богевски.

Државата мора да обезбедува редистрибуција на доходот, затоа што ако растот завршува во рацете на мал број луѓе, тогаш има социјални и економски проблеми. Државата мора да биде тој корективен механизам којшто ќе зема од побогатите и ќе дава на посиромашните, затоа што нееднаквоста е проблематична, нееднаквоста генерира проблеми.

„Едноставно не се разбираат основните компоненти на капитализмот и на пазарната економија, а тие се приватна сопственост, значи заштита и прецизно утврдување на сопственичките права, независно и ефикасно судство кое ќе им овозможи на граѓаните да ги решаваат своите спорови на еден мирољубив и цивилизиран начин, максимална транспарентност на државата, а целта е да се постигне минимум корупција и минимум политичко влијание во тие економски односи“, вели Богевски.

Бранимир Јовановиќ од Левичарското движење Солидарност, пак, вели дека нивна цел се демократија и социјална правда.

„Јас се залагам за хуманизација на општеството, што значи за демократија, слобода, социјална правда, борба за обесправените, за рамноправност, за борба против дискриминација по која било основа, за антинационализам, за наднационализам, за секуларизам, односно за одвојување на црквата и религијата од државата, за тоа дека парите не смеат да бидат поважни од луѓето и за тоа дека луѓето во своето дејствување не треба да бидат првенствено водени од своите лични интереси, туку секогаш да размислуваат и за интересите на другите, односно за алтруизам, а не за егоизам“, вели Јовановиќ.

Според него, економскиот раст треба да се базира на поддршка на приватниот сектор од страна на државата и на реформа на јавниот сектор кој треба да стане сервис на граѓаните, а не на власта. Друго прашање е распределбата на економскиот раст, вели Јовановиќ. Тој посочува дека во двете дејности што го движат растот, како градежништвото и индустријата, платите на вработените во последните четири години се зголемени за 15-20 отсто, за разлика од сопствениците чиј профит е зголемен за 100 отсто. Државата мора ги коригира ваквите пазарни неправилности, вели тој.

„Државата мора да обезбедува редистрибуција на доходот, затоа што ако растот завршува во рацете на мал број луѓе, тогаш има социјални и економски проблеми. Државата мора да биде тој корективен механизам којшто ќе зема од побогатите и ќе дава на посиромашните, затоа што нееднаквоста е проблематична, нееднаквоста генерира проблеми. Како прво, нееднаквоста го намалува економскиот раст на долг рок, како второ, нееднаквоста води и до пораст на сиромаштијата, односно сензитивноста на сиромаштијата во однос на економскиот раст во услови кога нееднаквоста е голема, како трето, нееднаквоста го нарушува основниот демократски принцип дека луѓето имаат еднакви можности да успеат во животот. Ако се раѓате како сиромашен, многу се мали шансите да успеете и тоа не е само во Македонија, тоа е случај секаде во светот. Значи, нееднаквоста го нарушува основниот принцип на слободата луѓето да имаат еднакви можности да успеат во животот. Следен проблем со нееднаквоста е што таа го нарушува принципот на демократија, односно завршува во плутократија и наместо владеење на народот имате владеење на богатите, затоа што тие се помоќни“, вели Јовановиќ.

Богевски, пак, нагласува дека богатите не се збогатиле на сметка на тоа што некој осиромашил и посочува дека има раст и кај најсиромашните. Според него, во општество што нуди фер шанса за сите, нормално е да постои социјална нееднаквост затоа што и луѓето се разликуваат по своите способности.

„Слободната економија би ги отсликувала различностите и различните потреби, желби, вкусови, интелигенција, знаења итн. на секој поединец. Едноставно доколку нешто е слободно, доколку постои слободна економија, не би можело да има да речеме еднаква распределба, иако искрено не знам што значи тоа во овој контекст. Она што би го истакнал е дека само економски слободната размена, слободните односи би ги нарекол морални и праведни“, вели тој.

Богевски смета дека економските проблеми во Македонија не се производ на капитализмот, туку од недостатокот на капитализам.

„Има два типа, два начини на богатење. Едниот начин е пазарен, каде што луѓе како Бил Гејтс или Стив Џобс и нивното богатење не е на сметка на останатите, туку нивното богатење е буквално поради создавање производи, добра и услуги кои секојдневно ни го подобруваат животот. Дај боже да имаме луѓе како Стив Џобс, како Бил Гејтс, како Безос од Амазон, кои би живееле во Македонија. Секој би посакал такви луѓе, продуктивни, одлични претприемачи, кои го оплодуваат богатството и ги богатат и сите околу нив. Вториот начин на богатење би го нарекол политички, кој најчесто е на сметка на останатите. Станува збор за богатење поради конекции до оние кои се на власт, користејќи го државниот механизам и државниот апарат за лично богатење“, вели Богевски.

Тој смета дека во праведно општество се збогатуваат најспособните и токму затоа го смета данокот како казна на успехот. Според него, ако има пари за богатите, пазарот ќе создаде услови да има и за сиромашните.

„Треба да ги прифатиме оние политики кои го олеснуваат патот на оние кои се најспособни да создаваат богатство, да ги прифатиме оние политики кои го олеснуваат патот на капиталот да ја најде својата најпродуктивна точка, најпродуктивната употреба и да ги прифатиме оние политики кои за работникот ќе значат дека ќе си носи дома што е можно поголеми приходи“, вели Богевски.

Од друга страна, Јовановиќ вели дека има низа истражувања кои покажуваат дека не е точно дека ако има за богатите, ќе има и за сиромашните. За него, повисокото оданочување на богатите не е казна, туку е правично.

„Дали ги казнува во Америка или во Германија на пример? Во Германија најбогатите луѓе, тие што остваруваат највисоки приходи плаќаат 47 отсто од своите приходи на државата. Се жалат тие дека се казнети? Се жалат во Америка фирмите коишто плаќаат 44 отсто корпоративен данок? Не. Така што, не гледам зошто и во Македонија би било поинакво“, вели Јовановиќ.

Тој смета дека со паметно трошење на државните пари, односно со инвестиции во образование и инфраструктура, владата може да ја поттикне економијата. Од друга страна, Богевски вели дека државата не е способна рационално да калкулира во што да ги инвестира парите.

Во однос на социјалните политики, Јовановиќ вели дека социјалната помош треба драстично да се зголеми и да изнесува 10-12 илјади денари за четиричлено семејство.

„Мислите дека луѓето нема да сакаат да работат ако имаат толкава социјална помош? Во ред, условете ја социјалната помош со неодбивање на работа и практично нема вие да им давате пари за ништо, туку ќе им дадете плата на луѓето со тоа што ќе им обезбедите работа. Тоа е оној концепт на јавни работи. Понудете им на луѓето да прават патишта или да работат некоја друга општествено корисна работа преку јавни инвестиции во инфраструктурата или што и да е и условете ја, односно кажете им дека за таа работа ќе добиваат пати. Тоа се условени трансфери на пари, коишто во целиот свет покажаа дека ја намалуваат сиромаштијата. Јас не велам дека на луѓето треба да им се даваат пари за ништо, туку велам дека треба да им се овозможи да имаат достоинствен живот. Тоа треба да се услови со некои работи, да“, вели Јовановиќ.

Богевски се согласува дека социјалната помош треба да се зголеми и нагласува дека таа треба да служи како амортизер кој ќе им овозможи на луѓето да ги ублажат кризите додека не најдат начин да почнат да заработуваат.

„Ако почнеш да се качуваш по онаа скала на развој, економски, личен, професионален развој и ако во одреден момент, дали малку се сопнеш или паднеш, државата поставува една безбедносна мрежа да не паднеш скроз долу. Идејата е да паднеш на мрежата, да те задржи привремено за ти да можеш повторно да се качиш на скалата и да одиш нагоре. Една успешна социјална политика ќе значи едно прогресивно намалување на оние луѓе кои користат социјална помош со исклучок на оние луѓе кои од објективни причини, дали психолошки или физички, нема да можат да почнат да се качуваат на она скалило“, вели тој.

Богевски вели дека влада што би ги прифатиле либертаријанските идеи треба веднаш да преземе чекори за воспоставување независно судство, намалување на корупцијата, радикална транспарентност на институциите, мораториум на вработувања во јавниот сектор, кој поради повисоките просечни плати ги влече најспособните луѓе од приватниот сектор каде што тие може да бидат продуктивни, кратења на државната потрошувачка, пред сè преку кратење на „луксузирањата“ на функционерите, намалување на бројот на регулативи, драстично кратење на казните, ваучерска приватизација на сите јавни претпријатија, кои треба да дојдат во сопственост на граѓаните, а не на државата, и за крај државата треба да обезбеди пристап до социјални услуги за граѓаните, наместо таа директно да ги овозможи.

Јовановиќ, пак, вели дека први работи што треба да се направат е да се реформира системот на социјална заштита, да се воведе прогресивен данок, темелна трансформација на јавниот сектор кој треба да стане сервис на граѓаните, а не на власта, државни инвестиции во инфраструктура и државна помош за приватни инвестиции. Тој смета дека ставовите што ги промовираат либертаријанците се погубни.

„Тие се залагаат за намалување на државата, односно за отпуштање на луѓе од јавниот сектор и од јавната администрација, за намалување на даноците и за приватизација и дерегулација. Ако не сум во право коригирајте ме. Мислам дека овие политики би биле погубни и би резултирале со хуманитарна катастрофа“, вели тој.

Сличен став, пак, но идеите на крајната левица има Богевски.

„Ако ги земеме оние крајно леви идеи, би рекол дека тоа се идеи кои се пробани стотици пати во стотици различни земји, со различни народи и различни култури и секогаш завршуваат исто, а тоа е со економска мизерија и газење на основните човекови права. Мислам дека, особено во земји како Македонија, каде што сè уште има висока корупција и едноставно немаме механизми за контрола на државата, во вакви услови да ја зајакнуваме нејзината улога, нејзините надлежности и да и даваме уште повеќе пари, мислам дека е едно општествено харикири“, вели тој.

Богевски и Јовановиќ велат дека лично немаат никакви политички амбиции, туку дека сакаат да ги промовираат идеите кои сметаат дека ќе придонесат за развој на општеството.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG