Достапни линкови

Историско разбирање за нуклеарен договор со Иран


Иран и светските сили постигнаа рамковен договор
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:47 0:00

Иран и светските сили постигнаа рамковен договор

Иран и шесте светски сили соопштија дека постигнале согласност за „клучните параметри“ за сеопфатен нуклеарен договор што мора да биде финализиран до 30 јуни годинава. Претседателот Барак Обама тоа го оцени како историско разбирање, а во Техеран имало и славење по улиците. Експертите се скептични.

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, која го прочита заедничкото соопштение на прес конференцијата во Лозана, Швајцарија, изјави дека разбирањето постигнато на 2 април е решавачки чекор во долгите преговори со цел да се ограничи иранската нуклеарна програма во замена за олабавување на економските санкции врз Техеран.

Таа изјави дека, меѓу другото, иранскиот капацитет за збогатување ураниум ќе биде редуциран и оти постројката Фордов ќе биде пренаменета во нуклеарен истражувачки центар.

Извесен дел од досега збогатениот ураниум произведен во Иран ќе биде изнесен од таа земја.

Могерини додаде дека Соединетите држави и Европската унија ќе ги тргнат економските санкции против Иран откако Меѓународната агенција за атомска енергија ќе потврди дека Техеран ги исполнува обврските од договорот.

Нашата работа се уште не е завршена. Договорот не е потпишан. Од сега до јуни преговарачите ќе ја продолжат работата во утврдување на деталите за целосно спроведување на договореното.
Барак Обама, претседател на САД.

Американскиот претседател Барак Обама овој договор го оцени како „историско разбирање и оти ги исполнува основни цели“.

„Нашата работа се уште не е завршена. Договорот не е потпишан. Од сега до јуни преговарачите ќе ја продолжат работата во утврдување на деталите за целосно спроведување на договореното“, рече Обама.

Тој наведе дека доколку Конгресот го отфрли без да понуди разумна алтернатива тогаш Вашингтон ќе биде обвинет за неуспехот на дипломатијата.

„Меѓународното единство ќе се распадне и ќе се отвори патот кон конфликт“, изјави Обама кој телефонски разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за договореното во Лозана.

Според Белата куќа, Обама му рекол дека договорот не ја намалува загриженост за иранското спонзорирање на тероризмот и заканите кон Израел.

Нетанјаху, пак, изразил сомневање бидејќи, како што рекол, голем дел од иранската нуклеарна инфраструктура останува недопрена.

Експертите велат дека ќе биде многу потешко да се постигне конечен договор отколку што беше случајот со рамковниот.

Тоа го потврди и шефот на иранската дипломатија Мухамад Џавад Зариф кој му забележа на Вашингтон бидејќи објавил сопствен документ за договорот.

„Решенијата се добри за сите. Нема потреба од сплетки со прерано објавување на документот“, напиша Зариф на Твитер.

Договорот наиде на поддршка од светските лидери, а во Техеран се прославуваше на улиците со благодарност до претседателот Хасан Рухани.

Сепак, некои аналитичари, како Џон Алтерман директор на Програмата за Блискиот Исток од Центарот за меѓународни студии, гледаат голем број стапици на патот до финален договор: од бројот на центрифугите за збогатување ураниум до негативниот став на американскиот Конгрес и на Израел.

„Во договор како овој ништо не е договорено додека не е договорено се“, вели Алтерман.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG