Достапни линкови

logo-print

Дневен печат - „Бомба“ на Заев и лустрација на новинари


Архивска фотографија: Новинарката Јадранка Костова.

Архивска фотографија: Новинарката Јадранка Костова.

Лустрацијата на новинарката Јадранка Костова и новата „бомба“ на Заев, кој тврди дека шефот на УБК Сашо Мијалков земал провизија за набавка на опрема се главни теми во весниците.

Не стивнаа реакциите во јавноста и кај новинарите поради лустрацијата на новинарката Јадранка Костова од критички кон власта настроениот Фокус, одекна и „Нова 'бомба' за опрема од Израел“, како што објави Утрински. Весникот наведува дека лидерот на опозицијата тврди дека со прислушуваните разговори се докажува дека шефот на УБК, Сашо Мијалков, зел стотици илјади евра провизија за набавка на опрема за прислушување во 2011 година од Израел. Утрински го објавува и демантот на Мијалков: „Не е поткуп, туку донација со која е купена опрема“. Слободен печат пишува: „Мијалков од Израелците побарал провизија од половина милион евра!“ Вечер исто така го објавува демантот: „Заев ќе одговара за клевета против мене!“

Мијалков од Израелците побарал провизија од половина милион евра!

Дневник прво го објавува демантот од Мијалков и заканата со тужба против Заев дека „документите ќе ги види на суд“, а потоа веста за новите аудио-снимки што ги објавија СДСМ и Заев.

Вечер информира: „Врие на социјалните мрежи: Заев е најголем шпион и уништувач на македонските државни интереси“.

Општествено прочистување или политички инструмент?

Што се однесува до лустрацијата на Костова, Слободен печат ја објавува реакцијата на Новинарскиот пленум дека „И официјално, лустрацијата стана орудие против критичките новинари“. Утрински ја објави реакцијата на претставничката на ОБСЕ за слобода на медиуми, Дуња Мијатовиќ, дека „не ја става под знак прашалник лустрацијата, но таа не треба да се користи како алатка за вршење притисок врз критичките гласови“. И Нова Македонија е на истата линија: „Општествено прочистување или политички инструмент“, ја загатнува дилемата во насловот овој весник.

Зголемувањето на платите на полицајците во МВР, што го најави премиерот Груевски и го потврди министерката Јанкулоска го предизвика Слободен печат да оди со циничен наслов: „Каква е таа хунта ако прво не си ги плати луѓето под оружје?“

И додека „Средношколците маршираа пред Владата“ кревајќи жолти картони кога поминуваа пред барокното здание, поради лошите образовни реформи, како што објави Утрински, истиот весник информира и за штрајкот на рударите од Злетово и Тораница, кои ја прекинаа работата под земја за да протестираат за неисплатените плати.

Рускиот контроверзен бизнисмен Самсоненко, „Стана газда и на млекарницата Здравје Радово“, наслови Слободен печат. Вечер, а и другите весници, информираа за најновиот проект на Владата: „Македонија вработува“, со кој се планира да се вработеле 150 илјади лица.

Утрински објави информации за тоа „Како во некои земји се води војна против корупцијата“. Во Хрватска, министер си заминал од функцијата за позајмени 20 илјади евра, во Италија за костуми купени од бизнисмени, а во Украина им се случило апсење на владина седница и тоа директно пред ТВ камери.

Нели едно време пошумувавме, сега сечеме готови дрвја: „Пилите им зедоа мерка и на боровите пред Влада, за да се ослободи место за оградата вредна 700 илјади евра. Исечено е и дрвото со огромна крошна пред кафеаната Пелистер - Далметфу во центарот на Скопје“, објави Утрински.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG