Достапни линкови

logo-print

Нема туризам без пат до Македонски Брод


Се зголемува бројот на туристи во Македонски Брод, но патот до Скопје се уште не е изграден. Без доградба на патот, сметаат локалните власти стратегијата за развој на туризмот и сите досегашни инвестиции ќе пропаднат.

Бројот на туристи во Поречието расте постојано. Според податоците од Општина Македонски Брод, лани во споредба со периодот пред околу 9 години, бројот на посетители е зголемен за 200 отсто. Доаѓаат од сите страни на Македонија, но и од странство. Се восхитуваат на природните убавини, чистата еколошки недопрена природа, водените потенцијали, реки, езерото Козјак, на пештерите и другите природни богатства.

Да, имам возено по патот и патот е навистина во една катастрофална состојба и навистина е жално да имаме една таква природна убавина, а да не биде таа пристапна со возило.

„Во неделата еднаш до два пати обавезно одам во Македонски Брод, па одам во Пешна, во пештерата, природата е многу убава, гледам таму преку тоа рекичето се прави едно манастирче, милина нешто, има и кафана на 200 метри пред влезот во пештерата, важно сето е добро, туризмот се развива, Брод како Брод не е како некогаш, можам да речам дека е едно добро развиено гратче“, вели еден турист, што со семејството го затекнавме во близина на пештерата Пешна.

Но, дел од патот што води од Македонски Брод за Скопје во должина од 20 километри е руиниран, покриен е само со тампон, кој наместа е премногу оштетен, широк е речиси 2 метра и нема можност за разминување на две возила. Затоа воведен е режим на минување, со тајминг којшто мора да се почитува, во спротивно возилата ќе заглават на патот. Овој руиниран дел од патот всушност оневозможува поврзување на едниот дел од природните убавини на Поречието, особено каде што се пештерите и новоотворените угостителски локали, во туристичката населба во изградба крај езерото Козјак.

Сите услови за една туристичка населба се овозможени. Но, наш хендикеп е што патот Македонски Брод-Скопје се уште не е изграден. Прогласен е од Владата за регионален пат, што значи нашата држава треба да обезбеди средства и да го изгради овој пат.

„Многу е убаво, планините, воздухот, шумите, има ресторанчиња на многу места направено, кафулиња, ама да беше патот направен за езерото Козјак уште поубаво ќе беше.“

„Да, имам возено по патот и патот е навистина во една катастрофална состојба и навистина е жално да имаме една таква природна убавина, а да не биде таа пристапна со возило“, ни изјавија дел од група чести посетители на Поречието.

Милосим Војнески, градоначалник на Општина Македонски Брод.

Милосим Војнески, градоначалник на Општина Македонски Брод.

Општина Македонски Брод гради цела туристичка населба крај езерото Козјак. Продадени се околу 300 локации за викенд куќички, за 2 хотела, за ресторани, а има интерес и нови. Се градат и улици, цела инфраструктура, за да може од есен инвеститорите да почнат со изградба на планираните објекти.

„Сите услови за една туристичка населба се овозможени. Но, наш хендикеп е што патот Македонски Брод-Скопје се уште не е изграден. Прогласен е од Владата за регионален пат, што значи нашата држава треба да обезбеди средства и да го изгради овој пат“, вели градоначалникот Милосим Војнески.

Во многу наврати, вели Војнески, овој проблем е изложен пред надлежените. Патот е и барање на граѓаните на Македонски Брод, при секоја средба со владини претставници.

„Од разговори во министерот за транспорт и врски инвестицијата изнесува околу 12 милиони евра, меѓутоа мислам бидејќи е прогласен за регионален пат за државата тоа не се големи средства, бидејќи државата гледаме дека гради автопати низ цела Република Македонија“, истакнува градоначалникот Војнески.

Без доградба на патот, смета Војнески, стратегијата за развој на туризмот и сите досегашни инвестиции ќе пропаднат. Затоа оваа државна ветена инвестиција треба да биде и императив за Владата, во Општина Македонски Брод.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG