Достапни линкови

Намалувањето на девизните резерви, лош сигнал за економијата


Топењето на девизните резерви за некои аналитичари е поврзано со зголеменото трошење на владата за купување социјален мир, за други пак, причина е девалвацијата на еврото во однос на доларот.

За економските експерти во земјава не е добар сигнал намалувањето на девизните резерви, кои според последните податоци на Народната банка за само еден месец се намалиле за 153 милиони евра. Очигледно е дека враќањето на долгот кон ММФ кое Владата сака да го прикаже како голем успех е главната причина за топењето на девизните резерви, вели економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

Владата иако во јавноста потврди дека предвременото враќање на долгот кон ММФ е од причина да се покаже колку македонската економија е во добра кондиција, напротив главната причина е да се оневозможи која било меѓународна финансиска институција да има увид во буџетската политика на Република Македонија.
Слободан Најдовски, економски аналитичар.

„Владата иако во јавноста потврди дека предвременото враќање на долгот кон ММФ е од причина да се покаже колку македонската економија е во добра кондиција, напротив главната причина е да се оневозможи која било меѓународна финансиска институција да има увид во буџетската политика на Република Македонија“, вели Најдовски.

Тргнувајќи од ваквата економска политика која е проследена со зголемено трошење на буџетот, а имајќи в предвид дека во претстојниот период доспеваат одредени долгови за враќање, очекувано е да продолжи намалувањето на девизните резерви, вели Најдовски.

„Многу претпазливо треба да се работи со државните резерви и сите овие политики коишто владата во овој момент ги заговара, коишто повлекуваат дополнителни задолжувања, може да се доведе до ситуација владата да не може на време да ги враќа обврските, посебно кон меѓународните кредитори и тоа да доведе до понатамошно намалување на државните резерви.“

Ако драстично почнат да се намалуваат тоа значи дека нешто не е во ред со економската политика во земјата и треба да се промени курсот, но такви тенденции јас не гледам.
Љубе Трпевски, поранешен гувернер на Народна Банка.

Поранешниот гувернер Љубе Трпески објаснува дека најголемиот дел од девизните резерви се во евра, а поради девалвацијата на еврото во однос на доларот се јавува ваквата разлика во салдото. Според него, пак, оваа тенденција не е поврзана со зголемените трошења на владата за купување на социјален мир.

„Тие си се на буџетската сметка, не се на девизната сметка на Народна Банка. Можна е предвремена отплата и девалвацијата на еврото према доларот, тоа се викаат курсни разлики.“

Трпевски објаснува дека оптималното ниво на девизни резерви се смета кога износот го покрива четиримесечниот увоз и оттука вели тој, грижа на Народната Банка е тој износ да не биде многу над или под тоа ниво. Опасноста е голема кога резервите ќе почнат драстично да се намалуваат.

„Ако драстично почнат да се намалуваат тоа значи дека нешто не е во ред со економската политика во земјата и треба да се промени курсот, но такви тенденции јас не гледам.“

Во последниот извештај на НБРМ се наведува дека намалувањето е последица на трансакциите за сметка на државата, при што најголем ефект имала предвремената отплата на кредитот од ММФ. Според податоците, најголем пад од 143 милиони евра е регистриран кај хартиите од вредност, а за 10 милиони евра е намалена вредноста на монетарното злато.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG