Достапни линкови

Можен ли е контра-референдум за ГТЦ?


Штанд „Го сакам ГТЦ“ каде граѓаните се потпишуваа за да се не се менува фасадата на Градскиот трговски центар.
Штанд „Го сакам ГТЦ“ каде граѓаните се потпишуваа за да се не се менува фасадата на Градскиот трговски центар.

Простор за сомнеж отвораат членови од законите за градба и за Град Скопје, како и еден член од Уставот, според кои овој објект е под ингеренции на Градот, а не на Општина Центар.

Недореченостите во законите и Уставот оставаат простор за сомнеж дали и како ќе се спроведат резултатите од референдумот на локално ниво за Градскиот трговски центар, велат правните аналитичари. На крајот на април, жителите на скопската Општина Центар ќе треба да се изјаснат дали сакаат да биде задржан сегашниот изглед на ГТЦ или, пак, сакаат да се вклопи во остатокот од барокни и неокласицистички зданија во самиот центар.

Живееме во едно време-невреме, во една ера на протест-контрапротест, пленум-контрапленум, можеби ќе се соочиме и со феноменот референдум-контрареферендум, но мислам дека треба да се почитува волјата на граѓаните и дека тоа ќе биде само уште еден потег или ако сакате, една одлука којашто предизвикува вчудоневиденост.
Гордана Силјановска, универзитетска професорка.

Простор за сомнеж отвораат членови од законите за градба и за Град Скопје, како и еден член од Уставот, според кои овој објект е под ингеренции на Градот, а не на Општината, затоа што се наоѓа на главна улица, односно Советот на Град Скопје може да донесе одлука за изглед на одреден објект ако се процени неговото пошироко значење(како прашање од значење за градот Скопје), па со тоа е можно, желбата на власта за преслекување на ГТЦ во барокно руво да биде реализирана доколку се најдат пари за тоа.

Професор Гордана Силјановска вели дека според законот за локална самоуправа, одлуката донесена на референдум е задолжителна за советот. Но, за правник, ова е тешко прашање затоа што во Македонија за жал сè е можно, додава таа.

Искрено верувам во ставот на граѓаните и сум сигурна дека ќе ја донесат правилната одлука, а тоа е да се зачува ГТЦ од префасадирање и од правење таканаречен барок.
Соња Раѓеновиќ Јовановиќ, претседателка на Асоцијацијата на архитекти.

„Живееме во едно време-невреме, во една ера на протест-контрапротест, пленум-контрапленум, можеби ќе се соочиме и со феноменот референдум-контрареферендум, но мислам дека треба да се почитува волјата на граѓаните и дека тоа ќе биде само уште еден потег или ако сакате, една одлука којашто предизвикува вчудоневиденост“, вели Силјановска.

Според законот за референдум, одлуката донесена на референдум за одлучување е задолжителна, но додека одлуката донесена за консултирање не е задолжителна.

Доколку има паралелизам и правна конфузија е потребно да се спроведува начелото на супсидијарност, коешто значи дека општините имаат право на своето подрачје во кое треба да ги вршат работите кои се од локално значење.

Формите на референдум се уредени со Уставот, Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните од 2005 како и Законот за локална самоуправа од 2002. Одлуките на референдумот на локално ниво се сметаат за донесени ако за нив гласале мнозинството, односно повеќе од половина од вкупниот број на граѓани запишани во избирачкиот список за општината.

Професор Силјановска истакнува дека на овој референдум може да се повтори и проблемот од локалните избори во Општина Центар со гласачите од Пустец, кои што се заведени во избирачкиот список.

„Сè е можно, бидејќи кога тие се запишани во избирачкиот список, тие имаат право да гласаат, но јас мислам дека после Одисејата што ја живееме сите, кога веќе јавно е обзнанета целта на увезеното гласање и на увезените гласачи, дека тоа не смее да се случи“, вели Силјановска.

Претседателката на Асоцијацијата на архитекти Соња Раѓеновиќ Јовановиќ вели дека бенефитот од референдумот е што граѓаните конечно ќе добијат шанса да го искажат својот став околу изгледот на градот.

„Искрено верувам во ставот на граѓаните и сум сигурна дека ќе ја донесат правилната одлука, а тоа е да се зачува ГТЦ од префасадирање и од правење таканаречен барок“, вели таа.

Главниот бенефит од референдумот е практикување на директна демократија, затоа што во каков амбиент ќе живееме е важно прашање за граѓаните, вели професор Силјановска.

„Јас дури имам еден радикален предлог, мислам дека урбанистичките планови треба, со некоја измена на законот, да подлежат на референдумско изјаснување, за општината и градот да бидат по наша мерка, наш град, бидејќи тоа е нашиот втор дом“, вели Силјановска.

Референдумот во Општина Центар е трет од осамостојувањето на земјата. Општината најави дека за него ќе потроши најмногу 50 илјади евра. Во случај граѓаните да одлучат дека не сакаат ГТЦ да биде обложен со барокно руво, Општина Центар најави дека во наредните 60 дена ќе треба да понуди проект за реконструкција со која нема да се наруши автентичноста на трговскиот центар.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG