Достапни линкови

Фил(м)ософски одисеи во Кинотека на Македонија


Со проекцијата на „Мирно лето“ на Димитрие Османли и со излагање на професор д-р Иван Џепароски од Институтот за филозофија на тема „Комичното во македонскиот филм“ по што ќе следува и дискусија, в четврток на 2 април, во 19 часот, во Кинотека на Македонија ќе започне петтото издание на Филозофски филмски фестивал. Станува збор за проект на Филозофското друштво на Македонија реализиран со поддршка на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, во чии рамки, до 4 април, ќе бидат прикажани и „Антихрист“ на Ларс фон Трир и култниот „Рашомон“ на Акира Куросава.

Петтото јубилејно издание на Филозофскиот филмски фестивал, годинава симболично именувано како „Фил(м)ософски одисеи“, ќе се одржи од 2 до 4 април во просториите на Кинотеката на Македонија и Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. Со тоа организаторите јасно ставаат до знаење дека се збогувале со деминутивот од последниве четири успешни изданија на она што како проект првично и ентузијастички го насловија „Филозофско филмско фестивалче“.

Ние веќе имавме доволно искуство во организацијата на овој настан и едноставно интересот покажа дека има простор и потреба да излеземе од рамките на Универзитетот.
Стефан Палитов, Филозофско друштво на Македонија.

Во дадените рамки најнапред секој четврток во текот на една сезона се одржуваа фил(м)ософски проекции заокружени со предавањата „Филозофијата и филмот“ на професорот Стефан Сидовски, потем следуваа двете изданија во кои се случуваа проекции на филмови и модерирани дискусии на одредени теми, за да конечно, лани, веќе под закрила на Филозофското друштво на Македонија „фестивалчето“ го добие предзнакот - културна манифестација.

Мојот пристап годинава се врзува за категоријата комично и сметав дека е убаво да се потсетиме на првиот македонски игран филм „Мирно лето“ сниман 1961 година во режија на Рули Османли каде што навистина комичното како естетичка категорија, но и комедијата во сите свои елементи силно доаѓа до израз.
Ивица Џепаровски, универзитетски професор.

„Ние веќе имавме доволно искуство во организацијата на овој настан и едноставно интересот покажа дека има простор и потреба да излеземе од рамките на Универзитетот бидејќи досега тоа го правевме во просториите на Филозофскиот факултет, односно нашата матична институција и конечно да се отвориме за пошироката публика. Факт е дека интересот за она што го работиме постоеше и претходно, но сепак поинаков е пристапот кога имате друга институција зад вас како во случајов со Кинотека на Македонија“, истакнува Стефан Палитов од Филозофското друштво на Македонија.

Macedonia - Peaceful summer, movie Dimitrie Osmanli - N/A
Macedonia - Peaceful summer, movie Dimitrie Osmanli - N/A

Инаку, во текот на трите фестивалски дена, овој пат публиката ќе има можност да проследи исто толку проекции на филмови од македонската и светската продукција.

На отворањето на манифестацијата ќе биде прикажан филмот „Мирно лето“ на познатиот македонски режисер Димитрие Османли, на втората фестивалска вечер „Антихрист“ на Ларс фон Трир и за крај е оставен култниот „Рашомон“ на Акира Куросава.

По секој филм ќе следуваат излагања на филмософски теми кои ќе бидат водени од тројца еминентни професори од областа на филозофијата и филмот во Македонија. Професор д-р Иван Џепароски ќе има излагање на тема „Комичното во македонскиот филм: Мирно лето“, доцент д-р Ристо Солунчев ќе говори за „Фон Трир и поетиката на распаѓањето“, а миленикот на младата публика и вистинскиот филмософ, професорот Сидовски, ќе одржи кратко предавање насловено како „Потрагата по вистината во филмот Рашомон“. По секое излагање ќе следува и отворена дискусија со публиката.

„Мојот пристап годинава се врзува за категоријата комично и сметав дека е убаво да се потсетиме на првиот македонски игран филм „Мирно лето“ сниман 1961 година во режија на Рули Османли каде што навистина комичното како естетичка категорија, но и комедијата во сите свои елементи силно доаѓа до израз. Еден филм правен, слободно можеме да речеме, по теркот на италијанската хумористична школа но и во контекст на американската комедија, филм за кој на времето кратки информации има дадено и угледниот „Њујорк тајмс“, вели професор Џепаровски.

Покрај официјалната, овој пат Фестивалот ќе понуди и Придружна програма во чии рамки ќе се одржат два специјални настани. Имено, гостин на манифестацијата ќе биде познатиот македонски режисер и филозоф Игор Иванов Изи, кој е планирано да одржи мастер клас во чии рамки пред дискусијата ќе биде прикажан неговиот краткометражен филм „Бубачки“, а во предвечерието на „Фил(м)ософски одисеи“ како своевидна новина ќе биде промовирана и првата работилница за студентите.

Работилницата тематски ќе се бави со „Времето како филозофска димензија на филмот“ а нејзини модератори ќе бидат Тијана Петковска и Стефан Палитов, двајца млади луѓе кои имаат завршено филозофија, а кои уште поинтензивно се занимаваат со филмот по завршувањето на специјалистичкиот курс за филмска режија на познатиот Факултет за изведувачки уметности во Прага (ФАМУ).

„Тоа знаење што таму го надградивме сакавме да го внесеме во едно пошироко битисување на Фестивалот и затоа решивме за почеток да направиме една работилница оваа година, чисто да видиме во која насока ќе се одвива. Идејата е да се отвори една релативно малечка работилница која ќе се осврне на проблемот на проблемот на времето како филозофска димензија во филмот каде што дел од студентите кои што се пријавија ќе имаат простор да направат паралела помеѓу двајца режисери и нивниот пристап при исцртување на она што ние го сметаме како трајно, односно градбата која што ја дава филмичноста во едно уметничко дело“, дополнува Палитов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG