Достапни линкови

logo-print

Отпадни води го гнасат Охридското Езеро


Поради дефект на пумпна станица, предизвикан од обилните врнежи на дожд, непречистената вода од атмосферската канализација се излева во Охридското Езеро.

Снимката која деновиве се појави на интернет, а каде се гледа како непречистена вода се испушта во Охридското Езеро во непосредна близина на градското пристаниште го вклучи алармот кај граѓанските здруженија и екологистите. Од граѓанското движење СОС Охрид велат дека секој грам човечки фекалии содржи отприлика 100 милијарди бактерии, кои може да содржат разни вирози, паразити и други микроорганизми опасни за животната средина и луѓето. Замислете какви последици може да има испуштањето на поголема количина човечки фекалии во езерото, велат од ова граѓанско движење.

Локацијата не беше некаде на периферија за да сето тоа се стави така речено под маса. Беше во центарот на градот каде има огромна фреквенција и на граѓани и на туристи. Граѓани ни доставија и дополнителни слики, а исто така и дополнителни коментари со кои тие го покажуваат својот глас, а ние преку нашата иницијатива го пренесовме.

„Локацијата не беше некаде на периферија за да сето тоа се стави така речено под маса. Беше во центарот на градот каде има огромна фреквенција и на граѓани и на туристи. Граѓани ни доставија и дополнителни слики, а исто така и дополнителни коментари со кои тие го покажуваат својот глас, а ние преку нашата иницијатива го пренесовме“, вели Климент Арнаудов од граѓанското движење СОС Охрид.

Езерото е нешто што е од Бога дадено и затоа треба повеќе да се грижиме за него, вели Арнаудов.

„Каде и да е, ќе започне туристичката сезона, па кој од граѓаните или туристите би сакал да биде сведок на снимки на излевање на отпадни атмосферски води, излевањето на канализацијата директно во езерото“, вели Арнаудов.

Еден ваков еколошки инцидент придонесува за зголемување на опасноста по растителниот и животинскиот свет бидејќи тој дел е многу загрозен.

Од движењето СОС Охрид бараат санкции за Ј.П. „Нискоградба“ Охрид и за сите идни вакви активности кои му се закануваат на опстанокот на Охридското Езеро.

„Тоа е многу лошо бидејќи се случува во период кога Охридското Езеро е оптоварено со води кои влегуваат во вакви дождливи периоди и се влева цела нечистотија и од улиците во езерото. Еден ваков еколошки инцидент придонесува за зголемување на опасноста по растителниот и животинскиот свет бидејќи тој дел е многу загрозен. Тука имаме голема фреквенција на возила, голема фреквенција на пловни објекти во текот на летниот и зимскиот период“, вели Трајче Талески од Хидробиолошкиот институт во Охрид.

И во минатото имаше неколку случаи кога фекални води се испуштаа во езерските води.

„Не се работи за испуштање на фекалии, туку на вода од атмосферската канализација, поради дефект на пумпната станица на ул. „Коста Абраш“ предизвикан од обилните врнежи на дожд. Тоа довело до поплавување на машинскиот дел на шахтата од пумпната станица со атмосферска вода. Атмосферските води од шахтата биле испумпани во езеро бидејќи не е дозволено истите да се испуштаат во фекалната канализација“, се вели во информацијата од Нискоградба до медиумите.

XS
SM
MD
LG