Достапни линкови

Неделен печат - грешките на власта и опозицијата


Република наведува шест грешки што ги направил Зоран Заев. Фокус нуди прирачник - закони на моќта за политичари. Глобус пишува за новите задолжувања на власта.

Република – Заев пред нокаут

Република во уводникот, употребувајќи боксерски термини, прорекува дека опозицискиот лидер Заев е пред нокаут, и дека самиот се довел во нокдаун. Потоа наведува шест причини, односно грешки, што ги направил првиот човек на СДСМ.

Истите странци што го ангажирале ќе го пуштат низ вода затоа што никој не успеал да победи во битка во која спроти себе има единствен народ.

Заев уште од почетокот влезе во битката со голем багаж како „аболициран криминалец“, како што се изразува авторот на воведот. Потоа, наместо искрена приказна, во интервујата за опозициските медиуми се дозакопа во сопствените лаги, па се фати на оро со странските служби во обидот да ја смени власта, одбива да ги каже ставовите за за најголемите, како што смета Република, економски и политички интереси на државата - гасоводот „Турски тек“ и спорот за името. Како петта и шеста грешка на Заев неделникот ги наведува прифаќањето на инструкциите на неговите надворешни поддржувачи да предизвика внатрешен судир, или по етничка линија или меѓу самите Македонци, и тоа што не смислил добар план за спас, затоа што „истите странци што го ангажирале ќе го пуштат низ вода затоа што никој не успеал да победи во битка во која спроти себе има единствен народ“, смета Република.

Фокус - Плац за Н.Г., наводно, на Водно!?

Уводникот во Фокус е на сосема поинаква бранова должина. Насловен е како: „Плац за Н.Г., наводно, на Водно!?“ при што се цитира своевидниот прирачник, „Закони на моќта“ за политичари кои „копнеат да бидат обожавани и величани“, како што пишува. Првиот чекор е да ветуваш нешто големо, потоа, заслепување на следбениците со визуелен раскош, позајмување на формите на организирана религија за структурирање на групата, односно, организирање во хиерархија, и на крај, маскирање на изворот на приходи. Во пет лесни чекори се создава култ кон сопствениот лик, со препознатлива алузија завршува Фокус.

Иако, на сите фронтови ни оди одлично, власта во еден ден се задолжи за 6 милијарди денари или за 96 милиони евра. Новинарите не стигнаа да прашаат - зошто?

Глобус - Владата возвраќа со економски „бомби“ - продолжува безмерно да нè задолжува

За да биде сè во стил на „бомбите“, како што изгледа, најновото он-лајн издание на Глобус објавува анализа под наслов: „Владата возвраќа со економски „бомби“ - продолжува безмерно да нè задолжува“. Иако, пишува Глобус, на сите фронтови ни оди одлично, власта во еден ден се задолжи за 6 милијарди денари или за 96 милиони евра. Новинарите не стигнаа да прашаат - зошто? Или викаат само пробрани новинари, како на пресовите на МВР? За само 75 дена властите во „една од трите најуспешни влади во светот“ ни натовари долг од 190 милиони евра, при што од девизните резерви исплати кредит од 130 милиони предвереме, за да фрли магла, а реално, долгот е зголемен за 60 милиони евра. Нормално би било министерот за финансии, па дури и премиерот, да ја известат македонската јавност за што ќе се користат овие пари, кои, ние граѓаните, ќе ги враќаме. Поради фактот што владините креатори на политиката знаат дека не смеат да си дозволат зголемување на притисокот, новото задолжување ќе биде насочено кон купување социјален мир - веројатно со задолжувањата да се надополни месечниот минус во пензискиот фонд, а остатокот најверојатно ќе се користи за субвенции и за социјални трансфери, завршува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG