Достапни линкови

Ахмети: Решението е во политички дијалог со посредување на ЕУ


Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети на првиот дводневен партиски тематски конгрес што се одржува во Скопје денеска ги повика сите партиски органи и секој член да го подигнат внатрепартиското единство, да го продолжат градењето партнерство со меѓународната заедница кон членство во НАТО и ЕУ, да продолжат со напорна работа кон целосна имплементација на Охридскиот договор и целосно остварување на рамноправноста, како и да се продолжи со одговорноста кон граѓаните.

Ахмети, пред 292 делегати на партијата на првата сесија на конгресот, на кој присуствуваа и министерот Никола Тодоров, пратеничката Силвана Бонева, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, како и претставници од СДСМ, и голем број поддржувачи и симпатизери, нагласи дека ДУИ нема да престане со нејзините активности во однос на спроведувањето на изборните, програмските и националните обврски во согласност со довербата и интересот на Албанците во Македонија.

Во врска со објавувањето на прислушуваните телефонски разговори од страна на СДСМ, Ахмети потсети дека побарал меѓународен мониторинг со политички тим засилен со правни и истражни експерти.

Решението на актуелната политичка криза, рече, ја гледаме во итно поставување политички дијалог меѓу политичките партии со политичко посредување на ЕУ во соработка со Вашингтон со однапред одредена агенда со упорност се до нејзино целосно спроведување.

„На политичкиот дијалог мора задолжително да и се приклучи и ДУИ, бидејќи ниту едно решение за Македонија не може да биде одржливо без учество на втората по големина заедница во земјата“, рече Ахмети.

Тој додаде оти исходот од политичкиот дијалог е потребен за враќање на политичката стабилност во земјата, да го отвори патот за институционално решавање на аферата со прислушкувањето, да ја врати парламентарната демократија.

Ставот на ДУИ е, посочи Ахмети, дека овој дијалог треба да произведе и национален консензус врз потребата за решавање на прашањето за името со конструктивен придонес не само од сите инволвирани страни, туку и од медиумите, цивилното општество, академските институции.

Актуелните проблеми, смета Ахмети, може да се решат само интитуционално, затоа ДУИ, како што рече, е дел од институционалното решавање.

„Се што постои за ДУИ да излезе во јавноста. Дури, секој мој разговор, било за политички активности, било приватен разговор, нека се објави. Јас не водам политика со двојни стандарди. Не водиме политичка конспирација, бидејќи слушам сценарија, најразлични, за наводно тајна соработка со СДСМ или ВМРО за ова или за тоа прашање“, рече Ахмети.

Во однос на медиумите, Ахмети истакна дека ДУИ има изградено партнерство со медиумите и има покажано целосно почитување на слободата на изразување.

Заедничи став во однос на објавувањето на прислушуваните телефонски разговори на странските политичари Питер Фејт, Ерван Фуере, Александрос Маљас, кои се обратија на Конгресот, како и на Даниел Сервер кој им се обрати на присутните преку Скајп, е да се формира Комисија, со меѓународно присуство, за да ја истражи и расчисти целосно ситуацијата, а опозицијата што поскоро да го прекине бојкотот и да се врати во Собранието.

XS
SM
MD
LG