Достапни линкови

Груевски – Странски служби сакаат дестабилизација, Заев сака власт


Премиерот Никола Груевски рече дека со објавувањето на „креираните, монтирани, сечени и лепени материјали од странски служби“ опозицијата има цел да дискредитира претставници на владата и да се „добере“ до власт по секоја цена, но не со понуда, туку со создавање кризи. Од друга страна, странските служби кои и ги дале материјалите на опозицијата имаат за цел да ја дестабилизираат Македонија, рече Груевски на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

Има обид за загрозување на стабилноста на Македонија и не случајно беше најавувано објавување на „креирани разговори“ поврзани со чувствителни меѓуетнички теми, коишто „ако на таков начин се сечат, пресечуваат, лепат, манипулираат“, може да создадат чувствителни ситуации кај граѓаните и затоа не треба да се подлегнува на овие манипулации, рече премиерот Никола Груевски, одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката Роза Топузова-Кареска на денешната собраниска седница.

Целта на оние коишто нелегално ги снимиле овие разговори е сосема друга. Нивната цел е да направат дестабилизација, да нè закрват, со шпекулациите да направат ситуација да дојде до меѓусебни расправии меѓу луѓето по различни теми и различни основи и веројатно не случајно е одбран токму овој момент.

Тој рече дека планот за излез од кризата е тие што на каков било начин го прекршиле законот, „и со снимањето на нелегалните материјали и со емитувањето и со што било друго за што ќе се најде доказ дека некој го прекршил законот да одговара пред институциите на државата“, рече Груевски.

Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Груевски вели дека со објавувањето на креираните, монтирани, сечени и лепени материјали од странски служби, опозицијата има цел да ги дискредитира носителите на власта, да ги прикаже како нечовечни и криминалци и по секоја цена да „се добере“ до власт, но не со понуда, туку со создавање криза.

Народот не знае дали тие се монтирани, креирани и допишувани, како што велите вие од ВМРО-ДПМНЕ или, пак, тие се само селектирани и сечени како што слушаме од другата страна или, пак, што е најстрашно, тие се целосно автентични како што изјавува вашиот коалиционен партнер.

„Целта на оние коишто нелегално ги снимиле овие разговори е сосема друга. Нивната цел е да направат дестабилизација, да нè закрват, со шпекулациите да направат ситуација да дојде до меѓусебни расправии меѓу луѓето по различни теми и различни основи и веројатно не случајно е одбран токму овој момент. Тие со години го правеле тоа, но им требало одреден момент кога тоа ќе го пласираат во јавноста и преку кого“, рече Груевски.

Топузова-Кареска го праша Груевски дали е загрозена безбедноста на државата и граѓаните и дали тој има план за излез од кризата.

„Народот сè уште не знае кој прислушувал, за чии интереси прислушувал и зошто прислушувал. Народот не знае дали тие се монтирани, креирани и допишувани, како што велите вие од ВМРО-ДПМНЕ или, пак, тие се само селектирани и сечени како што слушаме од другата страна или, пак, што е најстрашно, тие се целосно автентични како што изјавува вашиот коалиционен партнер“, вели Топузова-Кареска.

Груевски повтори дека автентичноста на разговорите ќе се утврдува во судски процес, но нагласи дека во разговорите „има сериозен елемент на неавтентичност“. Во однос на политичката одговорност поради упадот во безбедносниот систем, Груевски рече дека такви работи се случуваат дури и во најмоќните држави, но оти македонските безбедносни служби успеале да ги фатат сторителите.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG