Достапни линкови

Заев - Груевски местел тендери за милиони евра


Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на денешната прес-конференција објави нов сет прислушувани телефонски разговори, кои, како што рече, докажуваат како премиерот Никола Груевски местел тендери и земал милионски провизии.

Ќе слушнете за еден од најкрупните корупциски скандали во Македонија, а можеби и во регионот. Со овие зборови претседателот на СДСМ Зоран Заев на денешната прес-конференција го најави сетот аудио снимки, кои, како што тврди, биле доказ за корупциски скандали со кинеска инвестиција за автопатите Штип – Миладиновци и Кичево – Охрид.

Денеска сите ќе бидеме сведоци како Груевски договарал проценти и провизии во милиони евра, како правел незаконски упади во тендерски постапки, фаворизирал и местел фирми да добијат тендери, бесчувствително местел и луѓе да кршат закони, за негови сопствени цели и интереси – како украл милиони евра народни пари преку тендерите за железницата и автопатите!

„Денеска сите ќе бидеме сведоци како Груевски договарал проценти и провизии во милиони евра, како правел незаконски упади во тендерски постапки, фаворизирал и местел фирми да добијат тендери, бесчувствително местел и луѓе да кршат закони, за негови сопствени цели и интереси – како украл милиони евра народни пари преку тендерите за железницата и автопатите!“, рече Заев

Тој додаде и дека од снимките на кои се слушале гласовите на премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески можело да се слушне дека се договара провизија повисока од 25 милиони евра за двата автопата.

„Прв машки глас: А така. За ова ти колку предлагаш?

Втор машки глас: 5 на целото.

Прв машки глас: Што 5 на целото?

Втор машки глас: 5 посто.

Прв машки глас: Не, не, у точен износ колку?

Втор машки глас: Па сега зависи колку ќе биде, помеѓу 15 и 18.

Прв машки глас: Ти како, како процент збореше таму или како бројка точна?

Втор машки глас: Па, тие го спомнаа тоа и генерално си е океј вака тоа. 5 на тоа што ќе помине. Тоа зависи од понудата, ама помеѓу 15 и 18 би се движело, согласно некои проекции колку би понудиле.

Прв машки глас: Ќе ти прифатат толку?

Втор машки глас: Ако му кажиме ќе прифатат, да, не е тоа ништо. И на другото е толку.

Прв машки глас: Да не е многу бе, а? Да не се претера, се претера новинарството.“

Потоа, рече Заев, работата ја префрлиле во собранието и договорот со кинеската компанија не бил потпишан по тендер, туку одлуката била донесена со закон во 2013 година.

Во еден од телефонските разговори, претседателот на СДСМ тврди дека Груевски го убедувал Јанакиески да се сменат фасадите на Сити Галери и ЕВН, а вината за незаконската постапка да се префрли врз вработена во Општина Центар.

„Прв машки глас: Не е проблем, ќе дадам мислење, Ви кажав.

Втор машки глас: Од Општина Центар ако се нафати да потпише, кој и да го даде мислењето нема, нема одговорност.

Прв машки глас: Не, не, океј е.

Втор машки глас: Кривична одговорност, затоа што е обично мислење.

Прв машки глас: Се договоривме, кога ќе Ви ветам, не е проблем, ќе го направам тоа. Ама...

Втор машки глас: Ама нејќам да мислиш дека те втурнувам во криминал ти да направиш...

Прв машки глас: Не, не, не, јасно ми е тоа мене, јасно ми е...

Втор машки глас: Ни на сон не би те терал да потпишеш нешто, утре да идеш во затвор за тоа.

Прв машки глас: Не, не, немам дилеми.

Втор машки глас: Мислам дека за мислење не може некој во затвор да иде за мислење.“

На прес-конференцијата беше пуштен и разговор на кој се слушале, како што рече Заев, гласовите на Груевски и на директорот на РЕК Битола, Влатко Чинговски, кои договарале тендер што требало да го добие сопственикот на Сител телевизија Горан Ивановски.

На новинарско прашање што очекува од најавените разговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ в понеделник во Брисел, Заев рече дека сакале да дадат шанса дијалогот да функционира, нагласувајќи дека било невозможна мисија да се воспостави дијалог меѓу власта и опозицијата во Македонија без посредништво на меѓународниот фактор.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG