Достапни линкови

Политичката криза во фокусот на дневниот печат


Речиси сите дневни весници опсежно информираат речиси за сите аспекти од актуелната политичка криза и можностите за нејзино решавање.

Прегледов го почнуваме со две информации во Утрински за кои другите весници сметале дека нема потреба да информираат:

Брисел тргна во решавање на 'македонското прашање' - европската тројка на жешка линија со македонската двојка.
Слободен печат.

„Граѓански организации бараат истрага за прислушувањето“, е насловена првата во која се кажува дека граѓанските организации од Платформата за борба против корупцијата, формирана кон крајот на минатата година, бараат истрага за објавените снимени разговори поради сомнеж за незаконско прислушување и утврдување кој ги снимал разговороите и ја нарушил приватноста на граѓаните.

„Формиран Новинарски пленум“, гласи насловот на втората информација во Утрински во која пишува дека 40-ина новинари од различни медиуми формирале Новинарски пленум со цел непристрасно информирање и враќање на достоинството на професијата.

Мерките кои за една недела ги најави премиерот на собирот во Битола, се реализираат - Груевски сè што вети исполни!
Вечер.

Слободен печат и Утрински информираат дека следната недела претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе седнат на заедничка маса со бриселската тројка европратеници кои се нафатија да се обидат да ги приближат засега дијаметрално противставените ставови меѓу владејачката и најголемата опозициска партија за решавање на политичката криза во земјава. „ВМРО и СДСМ на рапорт во Брисел“, пишува Утрински; „Брисел тргна во решавање на 'македонското прашање' - европската тројка на жешка линија со македонската двојка“, насловува Слободен печат.

„Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дебатираат во Брисел“ - информира Дневник за семинарот 'Развој на политичката култура...' во организација на Европскиот парламент во Брисел, каде што пратениците на двете македонски партии првпат ги соочуваат своите аргументи за кризата во Македонија.

И Вечер и Дневник информираат дека европратеници од разни партии, „Десничари, левичари, либерали и конзервативци“, како што насловува Вечер, „сите го осудија однесувањето на Заев“. Дневник оди со наслов: „Заев и СДСМ добија осуда и од социјалисти“.

Вечер на насловната објавува: „Мерките кои за една недела ги најави премиерот на собирот во Битола, се реализираат - Груевски сè што вети исполни!“

И како за крај, ако не сте знаеле: Според анкетата на Галуп, „Македонија е најсреќната држава во регионот“, информира Вечер. Весникот додава дека зад нас биле Албанија, Црна Гора, Хрватска, БиХ и Србија.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG