Достапни линкови

Власта ќе троши за огради во ковано железо околу Влада, барокни сендвичари на Плоштад и што ли уште не. Познавачите велат дека е време да се престане со недомаќинското трошење.

За економските експерти нема оправданост трошењето на парите за нова ограда од ковано железо која ќе чини 700 илјади евра, поставување на нови барокни сендвичари во центарот на градот, фасада во ист стил на Градскиот трговски центар и слични проекти кои се во најава или веќе во тек.

Не ги оправдувам во секој случај овие проекти, треба да се остават за догледно време, да се реализираат и да се остави можност за она што ни е најголем проблем, а тоа е невработеноста, значи мерките што се деновиве презентирани, да се зајакнат, да се надополнат со други долгорошни мерки.

Професорката Марија Зарезанкова-Потевска вели дека е време да се престане со непродуктивни трошења на Владата, оти постојат сериозни проблеми во државната каса, а Македонија не е земја која има висок економски развој за да си дозволува такви луксузи.

„Не ги оправдувам во секој случај овие проекти, треба да се остават за догледно време, да се реализираат и да се остави можност за она што ни е најголем проблем, а тоа е невработеноста, значи мерките што се деновиве презентирани, да се зајакнат, да се надополнат со други долгорошни мерки“, вели Зарезанкова-Потевска.

Оградата за мостот Слобода во Скопје во депо.

Оградата за мостот Слобода во Скопје во депо.

На иста линија е и економскиот аналитичар Арбен Халили. Тој вели дека трошењето на пари во тешка економска криза е неодговорно. Наместо тие средства кои и онака се позајмени од други места наменски да се трошат за подобрување на состојбата и кредитирање на бизнис заедницата, тие според Халили се трошат со една единствена цел.

„Тоа е матење вода, односно да се пренасочи вниманието на населението , на бизнис заедницата и пошироко кон други или трети цели, за да не се гледа вистината дека населението се подлабоко тоне во тешка финансиска состојба“, изјави Халили.

Последиците од ваквите економски политики ќе бидат големи, предупредува Зарезанкова-Потевска. Иако целта на Владата е да покаже дека Скопје е европски град кој заслужува промена на ликот, таа смета дека сега не е време за одвојување на средства за луксузи кои не се одраз на македонската традиција и минато.

„Тие во секој случај ќе одлеат дел од капиталот. Наместо да се вложи во производствени активности, се одвлекува тој капитал во едни трошења коишто не носат никакво мултициплицирање на доходот“, вели Зарезанкова-Потевска.

Не може да градите европски град со балкански менталитет, дециден е Халили според кој не треба да се фокусираме на гламурозни проекти сконцентрирани во само еден град.

„Се обидува да се сврти вниманието на луѓето кое нешто друго, кога ќе излезат наутро да одат на работа да видат нешто убаво, а ниту нивните места не се соодветни“, вели Халили.

И според него недомаќинското трошење на веќе позајмените средства ќе предизвикаат натамошно тонење во финансиска криза, пред се поради враќањето на поголем износ на средства на име на камата секоја година. Тоа вели тој немаше да се случи ако се инвестираше во продуктивни проекти.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG