Достапни линкови

Пронајдена црната кутија на урнатиот Ербас А320 на Герман-вингс


Француските власти соопштија дека ја нашле црната кутија на патничкиот авион Ербас А320, на компанијата Герман-вингс, кој денеска се урна во Алпите во јужна Франција.

Ербасот летал на релација од Барселона до Диселдорф, и во него имало 144 патници и 6 припадници на екипажот, а официјалните лица стравуваат дека нема преживеани. Се уште не е познато што ја предизвикало несреќата.

Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека остатоците се наоѓаат на две илјади метри надморска височина.

Францускиот премиер Мануел Валс, изјави дека хеликоптер успеал да слета во близина на несреќата, но дека не се пронајдени преживеани.

Германски официјални лица велат дека значителен број од патниците биле Германци и Шпанци. Авионот се урнал во зона каде пристапот е тежок и поради тоа на спасувачките екипи им треба време за пристап до местото на несреќата.

Францускиот претседател Франсоа Оланд денеска попладне изјави: „Условите на несреќата кои се уште не се разјаснети, не наведуваат да мислиме дека нема преживеани.“

Од компанијата „Луфтханза Герман-вингс“ соопштија: „доколку се потврдат нашите стравувања, ова е црн ден за компанијата.“ Од таму велат дека веруваат оти меѓу жртвите се 67 германски државјани, меѓу кои 15 германски ученици.

XS
SM
MD
LG