Достапни линкови

Нов старт на односите меѓу Грција и Германија?


Германската канцеларка Ангела Меркел и грчкиот премиер Алексис Ципрас се заложија за надминување на стереотипите што го подриваат дијалогот меѓу двете земји, особено во поглед на финансиската криза во Грција.

Ниту Грците се мрзеливи, ниту, пак, Германците се виновни за сите проблеми и за ситуацијата во Грција. Мораме напорно да работиме за да ги надминеме тие страшни стереотипи, изјави Ципрас во Берлин, додавајќи:

„Почитување договори и почитувањето на демократијата ќе доведат до солидарност со народот. Ако ние го правиме тоа, тогаш Европа може да биде оптимист дека Грција ќе ја надмине својата криза побрзо“, рече тој.

Запрашан за фотомонтажата во која Меркел е прикажана на Акрополис во Атина опколена со нацистички офицери, Ципрас изјави дека тоа е крајно нефер за канцеларката и за Германија воопшто.

Планот за спасување на Грција не беше успешен. Секако не сакаме да го расипеме она што беше успешно во изминативе години, но мораме да најдеме нова политика за решавање на проблемите.

Ангела Меркел од своја страна изјави дека Германија гледа подеднакво на сите партнери во Европа и оти сака со сите да има добри односи.

„Иако во Германија има 80 милиони луѓе и иако ние сме најголемата економија на Европската унија, Европа се заснова врз принципот дека секоја земја е подеднакво важна, без оглед на тоа колку жители има. Без разлика дали тоа е Луксембург, Малта или Германија, во еврогрупата секоја земја има право на еден глас и тоа е она што ја определува нашата соработка и нашиот мирен соживот во Европа“, рече Меркел.

Грчкиот премиер Ципрас, повторувајќи го своето противење на европската политика на штедење, изрази надеж дека разговорите со Меркел биле важни за подобро меѓусебно разбирање.

Сакаме економски силна Грција, сакаме раст и пред се намалување на огромната невработеност на младите. За тоа се потребни структурни реформи и ефикасна администрација и верувам дека се согласуваме околу овие прашања.

„Планот за спасување на Грција не беше успешен. Секако не сакаме да го расипеме она што беше успешно во изминативе години, но мораме да најдеме нова политика за решавање на проблемите“, изјави Ципрас, кој наведе дека главните реформи треба да бидат спроведени во борбата против фискалното затајување и во борбата против корупцијата.

„Не дојдов тука да барам финансиска помош, туку за размена на мислења за да видам во што се согласуваме, а во што не“, рече грчкиот премиер.

Канцеларката Ангела Меркел призна дека има тешки прашања и несогласувања меѓу Атина и Берлин, но додаде дека сака соработка во духот на меѓусебната доверба.

„Сакаме економски силна Грција, сакаме раст и пред се намалување на огромната невработеност на младите. За тоа се потребни структурни реформи и ефикасна администрација и верувам дека се согласуваме околу овие прашања“, рече Меркел.

Во меѓувреме, од Брисел на Атина и е порачано дека може да избере свои реформи за деблокирање на протокот на кредити од меѓународните кредитори и да избегне стечај, но ќе се соочи со тешко време доколку ги избегнува приватизацијата и реформите на пензискиот систем.

На Грција и преостанува до крајот на март да ги увери кредиторите да и дадат уште една транша од парите или ќе банкротира.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG