Достапни линкови

Неделен печат - „Бомби“ против митинзи


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Фокус пушува за „испразнетиот шпајз на преродбата“, Глобус за митингот на ВМРО-ДПМНЕ во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, а Република ги анализира односите во СДСМ.

Фокус – Духовен шпајз

Во испразнетиот шпајз на Преродбата веќе нема што да се продаде и што да се купи.

„Духовен шпајз“ е насловен воведникот во најновиот број на Фокус кој завршува со заклучокот дека „во испразнетиот шпајз на Преродбата веќе нема што да се продаде и што да се купи. Потребно е обединување наместо сеир. Поддршка наместо голо лупање по тастатурите. Заев, Ангелов, Димитров, Лазаревиќ, Кекеновски, се само едната страна на таа приказна, другата се граѓаните“, пишува авторот за да појасни дека поткрепа им е потребна на синдикалните лидери, на бизнисмените, на антикорупционерите, утре можеби и на уценетите пратеници или на понекој министер, кој работата одамна ја оценил за „забегана“. Апелот за поддршка Фокус го проширува и на партиските членови кои, вели, чекорат во транс на војничките ритми на ВМРО, распнати меѓу ветеното вработување во администрацијата и „бомбите што им ја рушат идиличната слика за нивните водачи“, пишува уводничарот во Фокус.

Една од паролите на митингот беше 'Македонија е сè што имаме'. Токму поради тоа, време е Македонија да се спаси од диктатурата која од граѓаните прави и сака да продолжи да прави човечиња.

Глобус - Провиден маневар на Груевски да се скрие зад партијата

Во колумната „Таленти“, во он-лајн магазинот Глобус, авторот се осврнува на неделниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, за кој вели дека бил „провиден маневар на Груевски да се скрие зад партијата“, и на кој, како што забележува - „човечето се обиде да ја одбегне личната одговорност за самоволието, тоталитарното владеење, злоупотребите, владеење со неограничена моќ, со кои државата ја доведе до сериозна криза и вината за тоа целосно да ја префрли на партијата која го поддржува“. „Една од паролите на митингот беше 'Македонија е сè што имаме'. Токму поради тоа, време е Македонија да се спаси од диктатурата која од граѓаните прави и сака да продолжи да прави човечиња“, завршува колумнистот во Глобус.

Република - Грешки или дворски игри во СДСМ?

„Грешки или дворски игри во СДСМ?“ - прашува Република во анализата насловена како: „Урбана басна: зајакот го победи папата“, а за да биде појасно на кого се мисли, текстот е проследен со фотографија на поранешниот и на сегашниот лидер на СДСМ, Црвенковски и Заев. Авторот на анализата потсетува дека една „грешка“ ја заинтригирала јавноста и внесла голем немир кај дел од луѓето во седиштето на опозициската партија. Спомнувањето на името на екслидерот и икона на СДСМ, Бранко Црвенковски, но во екстра-негативна и манипулаторска конотација во и така, како што пишува, „крајно манипулативните, вонконтекстни и монтирани аудиоприкаски, го отвори прашањето за интенцијата на слушателот со црвени очи. Заев го мести папата или БЦ повторно му помага во дигањето на рејтингот?“ - прашува Република за да заврши со Езоповата басна за жабата која ја спасува скорпијата, пренесувајќи ја преку реката, а оваа сепак ја боцнува жабата затоа што тоа и било „во природата“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG