Достапни линкови

Груевски: Нашиот вистински лик се нашите дела


Нашиот вистински лик се нашите дела, нашите проекти, мерки и чекори. Тоа се секое ново отворено работно место, грижата за пензионерите, вработените, земјоделците, студентите, невработените, социјалците.Тоа е нашата макотрпна работа за да направиме нешто добро за нашата држава, истакна премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на денешниот собир во Битола. Тој нагласи дека има уште многу работа за да го исполнат ветеното за што ја добиле поддршката од народот.

Осврнувајќи се на т.н. афера „Пуч“, Груевски напомена дека нема да има простор за заташкување на скандалот кој СДСМ сама го конструира.

-Одговорноста со сите затезни камати за дестабилизирањето на земјата, за омаловажувањето на гласачката волја, за валкањето на угледот и на граѓаните и на државата, за лагите и оговарањата што ги пласираат во светот, ќе ја носат во секоја форма сите кои учествуваа во потфатот на рушење и дестабилизација на државата, потенцираше Груевски.

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија Антонио Милошоски во своето обраќање нагласи дека раководството на СДСМ сака да ја дестабилизира државата, да посее неизвесност и да ја наруши стабилноста на Република Македонија, но тоа нема да им успее затоа што, како што рече, Заев и Шекериска одработуваат за туѓи интереси.

- Секое чудо за три дена. И оваа бура ќе помине, и оваа непогода ќе ја издржиме, ќе има штета за државата и за повеќе инвестиции, но ќе ја поднесеме. Имаме стабилна Влада, државата продолжува да функционира, продолжуваат инвестициите, субвенциите,рече Милошоски.

XS
SM
MD
LG